„Животната средина е наша работа“, е мотото на интернационална мрежа за управување со амбалажен отпад „ProEurope“. Истата оваа максима треба да важи за секој од нас одделно, да биде врежана во личната индивидуална свест со цел да ја зачуваме животната средина и нашето здравје. Природата нè учи дека сè има своја примена и цел која само треба да се пронајде.
Исто така, за да ја постигнеме целта треба да си помагаме едни на други. Токму овие чинители се основата на проектот „Општествено вклучување“ (PLUG-IN Social). Оваа иницијатива ја започнаа група архитекти и инженери од Буенос Аирес, кои се занимаваат со обновлива енергија и одржливост, со желба да помогнат и да го споделат своето знање преку работилници.
Нивните работилници, на практичен начин ги учат семејствата како самостојно да ги применуваат концептите на одржливост и искористување на изворите на обновлива енергија. Тие учат како од рециклирани материјали, може да се искористи соларната енергија за да се добие топла вода, најпотребна за сиромашните семејства од социјално ранливите групи.
Топлата вода ја создаваат од пластични шишиња, лименки и стиропор кој може да се рециклира. Сонцето ги загрева цевките создадени од овие материјали, додека водата константно тече низ направената кровна конструкција, на тој начин создавајќи топла вода. Имајќи го предвид податокот дека 16 проценти од популацијата во Аргенитна нема пристап до вода и има лимитирана електрична енергија, располагањето со топла и ладна вода, за нив е вистинско богатство.
Материјалите што се користат за изработка на овие системи, најчесто се горат, бидејќи на овие места нема предвиден простор за складирање на сметот. Така, на овој начин, не само што не го загадуваат воздухот што го дишат, туку имаат голема корист од отпадот.
Рециклирањето е пример кој треба целосно да го следиме и применуваме од природата и нејзините циклуси, доколку сакаме да живееме во здрава животна средина. Првиот проект за рециклирање пластика кај нас, е изработен во 2011 година од страна на УСАИД, а реализиран во соработка со „Комунална хигиена“ и со „Пакомак“, организација чија дејност е управување со отпадот од пакување. „Пакомак“ е единствена организација кај нас, која досега успешно работи на подигнување на свеста од потребата за рециклирање. Нивната цел е да се намали негативното влијание на амбалажниот отпад врз животната средина и да промовира одговорен однос на компаниите кон амбалажниот отпад. „Пакомак“ е само една капка во морето на недостигот на еколошка свест, земајќи го предвид податокот дека во Македонија годишно се создаваат околу 100.000 тони отпад од пакување, а речиси 70 проценти од него отпаѓа на пластика и на хартија.
Почетоците на пластиката
Првата пластика датира од 19 век и се вика паркесин. Тој бил направен од целулоза третирана со азотна киселина и малку растворувач. За разлика од гумата, можел да се обои да биде обликуван по желба. Втор е целулоидот, материјал кој имал широка употреба и од него се правеле дршки за ножеви, играчки и топчиња за пинг-понг. Подоцна се открило дека е лесно запалив, а денес неговата употреба се сведува единствено на изработка на топчиња за пинг-понг. Третиот вид, или директниот претходник на пластиката, е бакелитот, материјал кој денес се употребува за изработка на друштвени игри како домино, шах, бекгемон.
Најстариот пластичен материјал кој и денес е во широка употреба е целофанот, кој се користи во прехрамбената индустрија, за производство на самолепливи ленти (селотејп), амбалажи на цигари, итн. ПВЦ, синтетичката смола, е на трето место според светско прозиводство на сите видови пластика, со годишно производство од 35 милиони тони. ПВЦ производите често содржат отровни додатоци кои се пренесуваат на човекот. Искористениот ПВЦ најчесто не се рециклира заради големите трошоци, а неговото складирање ја загрозува околината и здравјето.
Пронаоѓањето на полиетиленот го донесе еден од горливите светски проблеми поврзани со загадувањето на животната средина, а тоа е пластичната кеса, на која ѝ се потребни илјада години за да се разгради. Многу земји во светот, пробуваат да ја намалат нејзината употреба со наплаќање на кесите, (и Македонија е дел од нив), додека други се обидуваат сосема да ги исфрлат од употреба.
Полиетиленските кеси може да се рециклираат, но поголемиот дел се користат за фрлање на отпад или служат како „декор“ во океаните, морињата и езерата од каде што е тешко да се извадат. Вакви „украси“, за жал, се многу честа слика доколку посакате да одите во природа каде и да било низ земјава. Колку за илустрација, еден милион пластични кеси во светот, се искористуваат секоја минута. После полиетиленот, следат тефлонот и секако, најлонот.
Денес, пластиката е дел од нашето секојдневие и голем загадувач. Постојат бројни обиди за можно решавање на овој проблем а со тоа и намалување на загадувањето. Како еден пример за можно решение, е апаратот на јапонскиот пронаоѓач Акинори Ито, кој создаде машина која пластичните кеси ги претвора во гориво, а притоа не ја загадува околината.
Овој апарат може да преработува до два килограми пластика (вклучувајќи и полиетилен, полистирен и полипропилен) во еден литар нафта, користејќи само еден киловат струја. Комерцијалната употреба на овој апарат, би овозможил пластиката брзо и целосно да исчезне од улиците и депониите.
Пишува: Марина Верушеска