Насловна / Вести / Грижа за очите во пријатна, весела и релаксирана атмосфера

Грижа за очите во пријатна, весела и релаксирана атмосфера

Промедика е врвен медицински центар кој располага со стручен персонал, опрема и секогаш е во чекор со најновите трендови во сферата на здравствената заштита.

Објектот успешно функционира повеќе децени, но заради подобрување на условите и поголема удобност на пациентите и клиентите, Промедика секогаш го унапредува просторот на медицинскиот центар.

Проектната програма што ни ја достави инвеститорот за овие проекти значеше адаптација и ентериерно уредување на просторот за потребите на Оптиката на Промедика и на Детската офталмологија Промедика и двете сместени во нивниот објект во центарот на Скопје. Нашиот тим се посвети на внимателно планирање на просторот со цел да создадеме интеракција и функционалност. Оваа посветеност се гледа и во Оптиката и во Детската офталмологија, бидејќи сметаме дека и просторот треба да се чува како „очите во глава“.

ОПТИКА ПРОМЕДИКА

Просторот за оптика во Промедика функционирал и пред нашата интервенција во склоп на нивниот постоечки објект. Но, нашата задача беше да му се даде на просторот поголем квалитет, што подразбираше да се направи адаптација на галериски простор.

Барањето на инвеститорот значеше и да задржиме дел од затекнатиот мебел и да го адаптираме за новата оптика.

Новиот простор се состои од две нивоа, приземје и горно ниво – галерија.

Во приземниот дел, веднаш при влегување во Оптика посетителите ги пречекува приемниот пулт, а околу се поставени изложбените витрини за очила, покрај десниот ѕид и ѕидот право. Овие витрини се наменети за очила за заштита од сонце. Витрините се затекнати, беа дел од постоечкиот мебел кој требаше да го адаптираме во новиот простор. Комбинацијата на материјалите е од оплеменета иверица со дрвен дезен, медијапан во бела боја и медијапан со имитација на инокс.

Пултот е изработен од медијапан со имитација на инокс, завршно обработен со порцелански плочки и поставен на стаклени ногалки. Веднаш одзади сместена е маса која служи за разговор со клиентите, изработена од истиот материјал како пултот, што придонесува за доследност во обликувањето и просторот го прави заокружена целина.

Во заднинскиот простор, кој е сместен под скалишниот крак и галеријата, се наоѓа работниот дел, наменет за потребите на оптиката.

Скалите кои водат на галеријата поставени се веднаш покрај влезот, покрај левиот ѕид.Тие се лесни, транспарентни со цел да не се наметнуваат и да не го затвораат просторот, туку да бидат дизајнерски обликувани и да придонесуваат за квалитетот на ентериерот. Скалите се составени од дрвени газишта поставени на челична конструкција, затворени по цела висина со лесна, проѕирна ограда од елегантни челични профили и ракофат во црвена боја, што претставува детал за себе, а во тон и во корелација со црвената софа поставена на галеријата.

Во галеријата се изложени очилата со диоптрија, поставени во витрини кои се во истиот манир со оние на долното ниво.  И во овој простор освен чекална со црвена софа, има и просторија за прегледи, одвоена со целосна стаклена преграда. Плафонот е соголен до првобитната состојба, ситноребрестата конструкција од дрвени греди е во изворна состојба, а гредите кои покрај конструктивен се и декоративен елемент се обработени и обоени во бела боја.

Просторот на оптиката е затворен со стаклена фасада од под до плафон, а на одредена висина прекината со конструктивна греда на која се поставени саксии исполнети со зеленило, завршно обработени со дрвен дезен.

На галеријата е поставена стаклена ограда со цел таа да делува полесно, а покрај заштитна, оградата има и транспарентна улога, ја пропушта светлината која доаѓа преку стаклениот излог и истовремено на оние кои чекаат им овозможува поглед кон надворешноста.

ДЕТСКА ОФТАЛМОЛОГИЈА ПРОМЕДИКА

Решавање на ентериер на ординација за деца не е лесна работа, бидејќи просторот треба да им се допадне на децата, неопходно е да ги исполни сите потребни услови, кога станува збор за здравствена установа, а притоа треба да биде безбеден, разигран и мора да биде функционален за вработените. Впрочем затоа инвеститорот го ангажираше Биро проект, а барањето беше да се создаде пријатна, весела и релаксирана атмосфера, што е од исклучителна важност за успешна соработка на децата со лекарите и со медицинскиот персонал.

Посетата на лекар, па макар тоа било и очен преглед, ги вознемирува сите деца. Луксузот не е нешто што може да ги утеши децата и да ги заштити од непријатното чувство и од страв. Затоа нашите архитекти бараа работи кои ќе направат децата да се чувствуваат опуштено и да им донесат радост при нивниот престој во ординацијата. Со детскиот начин на размислување, откриваме дека забава е тоа што секое дете инстинктивно го бара.

Користење на елементот „забава“, како клучен, за нас стана предизвик за тоа како да пристапиме на проектирање на ентериерот од перспектива на дете и постојано да се потсетуваме дека мораме ординацијата да ја направиме забавно место.

Просторот е сместен на едно ниво. Функционално е поделен на една голема пространа чекална, ординација за офталмолошки прегледи на деца и новороденчиња, просторија за вежби и просторија наменета за доење.

Ѕидовите и плафоните на целата ординација се оплеменети со принтови од различни форми и бои со весели карактери, додека на подот во чекалната претставен е приказ на популарната детска игра „плочка“ со патоказ за движење до самата ординација.

Детската димензија е креирана со користење на различни физички форми, интензивни бои и симболи материјализирани со дизајнерски јазик кој се состои од заоблени и искривени линии и намерно избегнува совршени геометриски форми. Дизајнот дава естетика, потсетувајќи на начинот на кој се продолжува да црта крива линија без да се фокусира на тоа дали ќе може да формира совршен круг или не, и на крајот носи чувство на слобода во доживувањето на најмладите корисници на просторот.

Тоновите на боите и формите на цртежите ја поттикнуваат детската имагинација. Веруваме дека децата ќе можат да уживаат во просторот на Офталмологија според сопствената фантазија и индивидуално да развијат позитивен однос кон просторот.

 

Токму тоа овозможи да се создаде еден динамичен и разигран простор каде дечињата заедно со своите родители времето ќе го поминат низ светот на фантазијата, игра и забава, со што се олеснува целиот процес на преглед и третман, што всушност беше и главната појдовна точка при креирање на просторот за Промедика Офталмологија.

 

Автор: БИРО ПРОЕКТ

Испрати коментар

Scroll To Top