„Пластиката е инхерентно некомпатибилна со циркуларната економија“, велат претставиците на „Гринпис“ во извештајот кој обединува повеќе истражувања кои покажуваат дека рециклираната пластика е потоксична. Објавувањето на овој извештај е темпирано да се совпадне со почетокот на новите преговори за потенцијалната глобална спогодба за пластиката, откако посебно истражување откри дека со процесот на подготовка за рециклирање се распрскува микропластиката во животната средина. Претставници на 173 земји, минатата година се согласиле да развијат правно обврзувачки договор кој го покрива целиот животен циклус на пластиката, за што ќе се преговара во наредните две години.
Состанокот за решавање на овој глобален проблем со пластиката, треба да се одржи неделава во Париз. Ваквиот начин на решавање на проблемот со пластиката е критикуван поради исклучувањето на земјите во развој кои се оштетени со депонирањето и спалувањето на пластичен отпад, како и со маргинализирањето на собирачите на отпад, кои се клучни за рециклирањето. Се стравува дека без вклучување на земјите во развој, преговорите ќе бидат подложни на корпоративните интереси.
Од 1950-тите години до денес, произведени се околу 8 милијарди тони пластика. Извештајот на „Гринпис“ ги каталогизира рецензираните истражувања и меѓународни студии кои покажуваат не само дека мал дел од пластиката (9%) се рециклира, туку и дека рециклираната пластика има поголема концентрација на токсични хемикалии. Ккао што се вели во извештајот, рециклираната пластика често содржи поголеми концентрации на забавувачи на пламен, бензен и други канцерогени загадувачи, вклучувајќи ги и бромираните и хлорираните диоксини и сл. Отпадната пластика наменета за рециклирање обично се извезува од земјите со високи приходи во посиромашните делови на светот.