Скоро секој од нас се соочил со проблеми предизвикани од прозорци. Сигурно сте направиле многу обиди да се санира состојбата, сте размислувале што да правите, дали да ги промените. Голем е и бројот на оние кои набавиле нови прозорци при реновирање на просторот или за потребите на нов објект. При купувањето, секој се соочил со дилемите, кои прозорци да ги одбере, како да одлучи што е најдобро за најдобрата цена, какво стакло да се постави, кој бренд е подобар, кој и како да ги монтира и уште многу други прашања.
Но, најважно од сè е дали сме го добиле квалитетот за кој сме платиле, дали сме го добиле она што сме го посакувале и дали воопшто сме задоволни. Најважното прашање е дали поставените прозорци се соодветни на големината на изолација на објектот и дали ќе ја завршат својата функција. Или поточно дали ќе се добие точно она за што е платено и дали прозорците ќе бидат соодветни баш за тој објект.
Погрешно избраните прозорци, но и нивната несоодветна монтажа можат да доведат до голем број проблеми во објектите. Од големи загуби на енергија, преку прегревања во летниот период, провев низ прозорците или околу нив на спојот со ѕидот, па сè до протекување на вода, создавaње на мувла и кондензат. Ниту еден од овие проблеми не е мал, ниту наивен. Покрај тоа што ги зголемуваат трошоците за греење и ладење, сериозно негативно влијаат врз здравјето, удобноста и работоспособноста.
На балканските простори монтажата на прозорците најчесто е сосема погрешна, па колку и скапи прозорци да купите, колку и да им се високи изолационите својства, вие буквално сте ги фрлиле парите. Топлинските мостови и провевот се толку големи што вложените пари во прозорците нема да ви се исплатат никогаш, а удобноста во објектот ќе биде многу мала.
Од моето секојдневно работење со контрола, дијагностицирање и решавање на проблеми поврзани со прозорците, можам да заклучам дека во огромен процент прозорците не ги задоволуваат барањата кои погоре ги наведов. Зошто е тоа така треба да биде предмет на поопсежна анализа, но според мене најголемите проблеми потекнуваат токму од продавачите кои им „сеат магла“ на клиентите, но и во неедуцираноста на клиентите што е она што треба да го побараат.
Како да знаете дали прозорците мора да се заменат или проблемите може да се санираат?
За среќа денес веќе постои апаратура и има постапки со кои може да се провери состојбата на прозорците, квалитетот на нивното монтирање, дали да се заменат или само да се санираат проблемите. Во текот на секојдневното работење и од искуството што сум го стекнал, често се покажува дека нема потреба од менување на прозорците, туку грешката е во монтажата, или во стаклата, а понекогаш и во оковот. Со тоа се заштедуваат големи пари на клиентите, но и нервоза и не мали градежни зафати. Еден од најчестите проблеми кои ги дијагностицираме е поврзан со монтажа на прозорците. Најчесто тоа се прави со експандирачка пена (пур-пена), која после извесно време ги губи својствата и испарува. Тогаш се случува провев помеѓу прозорците и ѕидот, без разлика дали е причина ветер или таканаречениот внатрешен STACK PRESSURE предизвикан од движењето на топлиот воздух нагоре. Овој провев носи големи проблеми, од типот на енергетски загуби, непријатно чувство, но и мувла и кондензат. Неретко воздухот кој продира од надвор кон внатре, не продира внатре веднаш покрај прозорецот, туку се движи низ ѕидот (под гипскартонот или низ циглите) и навлегува низ прекинувачи, утичници, покрај цевки и други продори. Со тоа доаѓа до ладење на голем дел од фасадните ѕидови што уште повеќе го усложнува проблемот.
Со помош на мултифункционални мерачи на топлинскиот проток и со т.н. Blower Door Test и Air Leakage Inspection, многу ефикасно и брзо ги дијагностицираме проблемите и им препорачуваме на клиентите, дали да ги санираат прозорците или е неопходно да ги заменат со нови.
Како да се одберат вистинските прозорци?
Најнапред е многу важно да се има предвид за каков објект тие се наменети. Да се направи мерење на изолационата моќ на фасадните ѕидови, доколку е објектот веќе постоечки, или да се констатира каков тип на изолација ќе се постави на фасадните ѕидови кај новите објекти. Изборот на прозорци, мора да биде последица на направени пресметки, а не да се базира на маркетиншка пропаганда. Бидејќи за вложените пари треба да добиете прозорци кои точно ќе се вклопат во енергетскиот биланс на објектот. Ниту повеќе, за да преплатите нешто што нема да ви користи, ниту пак помалку за да заштедите во моментот, а во иднина да ве чини прескапо.
Оттука произлегува и изборот на изолационата моќ која треба да ја задоволи прозорецот или таканареченото UW треба да се движи од 0,8 w/(m2K) до 1,4 w/(m2K). Иако според нормите за енергетски ефикасни прозорци се препорачува дека UW≤ 1,1 w/(m2K), од секојдневното искуство, често пати таквите прозорци нема ништо да придонесат, бидејки изолацијата на фасадните ѕидови не е на потребното ниво за да се вложат пари во таков тип на прозорци.
Изборот на стаклата е исто така клучен, при изборот на прозорците. Тука е можеби и најголемото „сеење на магла“ од продавачите. Сите тие зборуваат за топлинската изолација на стаклото, па ќе ви кажат дека стаклото т.н. „четири сезони“ е најдоброто кое можете да го добиете. Вистината и тука е дека изборот на стакло е исто така предмет на анализа и пресметка. Не е исто дали стаклото е поставено со јужна или северна ориентација. Два многу важни фактори при изборот на стаклата се: дистанцерите на стаклопакетот и т.н. светлопропустливост на стаклото „g“. Дистанцерите не смеат да бидат алуминиумски, туку силиконски или пластични, со што би се избегнал топлинскиот мост. Светлопроводливоста треба да биде поголема од 50 %, а во светот веќе постојат и стаклопакети кои достигнуваат и g до 60 %. Ова е клучно за да ја примите енергијата од сонцето во зимските периоди, која е потполно бесплатна. Сигурно ова ви звучи дека во лето ќе има големо прегревање во објектот преку стаклата, но и за тоа постојат решенија и тоа ќе биде тема во некој од следните броеви. Неретко нашите „сеачи на магла“ ќе ви продаваат стакло со извонредно високи топлоизолациони карактеристики, но нема да ви кажат дека дистанцерите на стаклопакетот се алуминиумски и дека светлопропустливоста е на многу ниски 35 %. Ова се состојби со кои се соочувам секојдневно, со клиенти кои се буквално измамени.
Од сè ова можеме да заклучиме дека изборот на прозорци е комплексна и важна работа и дека треба да се препушти на стручни лица. Квалитетот на прозорецот треба да ги засега топлоизолационите својства на рамот и е комбинација на топлоизолационите својства на стаклата, типот на дистанцери и светлопропустливоста. Само тогаш ќе го добиете она што ви треба и она за што реално плаќате.
Како да се монтираат?
Погрешната монтажа на прозорците е уште една аномалија со која секојдневно се соочувам при контрола и дијагностицирање. Причините за ова се исто така најразлични, па се движат од незнаење на монтерите, преку брзање на инвеститорите, па сè до неодговорност на сите вклучени во процесот.
Основни услови кои треба да бидат задоволени при монтажа на прозорците се: стабилност, избегнување на топлински мостови на споевите со ѕидот, обезбедување на воздухонепропустливост помеѓу ѕидот и прозорецот, како и водонепропустливост низ и околу прозорецот. Нормално не треба да се запостават и естетските вредности.
Позицијата на прозорецот во ѕидот е клучна за да се избегнат топлинските мостови околу прозорецот. Сосема е логично дека прозорецот е најлесно да се монтира во тврдиот дел на ѕидот, во тула или бетон, бидејки наједноставно се прицврстува. Но тоа е првата грешка која се прави. Прозорецот треба да биде монтиран така што да „виси“ надвор во изолацијата, но тука веќе се појавува друг проблем. Често дебелината на изолацијата која се поставува на фасадата во Македонија изнесува 5 см, 10 см или најмногу 15 см. Како прозор со дебелина од 7 до 9 см да го наместите да виси во изолација со толку мала дебелина? И за ова постојат решенија и технологии, кои секојдневно ги применуваме за нашите клиенти, но истите треба да се направат уште при ѕидањето на фасадните ѕидови. Трошокот воопшто не е поголем од стандардното ѕидање, туку тајната е во решавањето на деталите. Со ваквиот начин на монтажа на прозорците, воопшто не се употребува експандирачка пена. Кај старите објекти, каде што се менуваат стари прозорци, ваквата монтажа не е можна, но постојат специјални материјали кои ги употребуваме, за намалување или елиминирање на топлинските мостови.
Дихтувањето на прозорецот, на спојот со ѕидот, и тоа како е важен услов за правилна монтажа. Ова се постигнува со помош на дихтунг ленти, со посебни својства во однос на воздухонепропустливоста, паро-пермеабилноста и еластичноста. Правилно е поставување на дихтунг ленти и од внатрешната и од надворешната страна на прозорецот, на спојот со ѕидот, но онаму каде што тоа не е можно, се поставува само внатрешната лента. Со ова се постигнува потполно дихтување на спојот меѓу прозорецот и ѕидот, а трајноста е сè додека стојат и прозорците.
Еден многу банален проблем, кој многу често го среќавам во секојдневното работење е кај промената на стари прозорци. Несфатливо е дека после вадењето на старите прозорци, не се пристапува прво кон оформување на правилни отвори во кои би се монтирале новите прозорци. Туку под изговор на некакво брзање, новите прозорци се монтираат на отвори кои на одредени места можат да бидат и по дваесетина сантиметри поголеми од прозорецот. Тие отвори се пополнуваат со пур-пена или малтер, што е апсолутно неприфатливо. Согласно извршените мерења кај вака монтираните прозорци, сум дошол до заклучок дека замената на прозорците е беспредметна. Вложени се пари, а загубите на енергија остануваат огромни. Отворот за монтажа на прозорецот треба да биде поголем 2 до 4 см, од димензиите на прозорецот и истиот мора да се оформи пред монтажата на новите прозорци.
Водонепропустливоста низ самиот прозорец, во најголемиот дел е добра. Но чести се проблемите со продори на вода околу прозорците, под дејство на силни врнежи и ветер. Тестирањето на овој проблем се работи со т.н. Spray Bar Test и секојдневното искуство кажува дека протекувањето на вода околу прозорците е исто така честа аномалија. Со поставувањето на дихтунг лентите за кои погоре зборував, се решава и овој проблем, бидејќи лентата за надворешна намена, покрај воздухонепропустливите својства има улога и на запечатување против протекувања.
Извршените мерења кај прозорци кои се монтирани согласно ваквите правила и препораки, покажале дека до максимум се искористени својствата на прозорците во кои вложувате пари. Во спротивно, инвестицијата е залудна.
Како може да се провери состојбата на веќе монтираните прозорци?
Во денешно време дијагностицирањето на состојбата и ефективноста на прозорците е брза и едноставна работа. Постојат методи и апаратура за тестирање на сите важни карактеристики на прозорците како што е водонепропусноста, воздухонепропусноста, мерење на топлинскиот коефициент, на топлинските мостови, но и дали се соодветни за постоечките фасадни ѕидови.
Во тековното работење со контрола, дијагностицирање и лекување на проблемите кај прозорците, употребувам голем број мерни инструменти и опрема, како што се мултифункционални мерачи на проток на топлина, софистицирани фенови за Blower Door Test и Air Leakage Inspection, Spray Bar опрема, длабински влагомери, разни димогенератори и инфрацрвени камери. Сите процедури се точно дефинирани со EN-стандардите и ги спроведуваме согласно нив. Добиените резултати се анализираат во софтверски пакети и се прават пресметки за потребите и типовите на проблеми и можни решенија. Ваквите контроли и дијагностицирањето се вршат брзо и ефикасно, а воедно се потполно недеструктивни и безопасни за здравјето на луѓето и опремата.
Со оглед дека прозорците можат да учествуваат и до 30 проценти во загубите на енергија од објектите, но можат да обезбедат и до 30 % од потребната енергија за загревање во зимскиот период, се наметнуваат како навистина важен дел од објектите. Покрај тоа, аномалиите кои би предизвикале мувла, кондензат и провев, веќе сериозно го загрозуваат здравјето и удобноста. Затоа при изборот на прозорци и при нивна монтажа, посветете сериозно внимание и искористете го знаењето на стручни лица за таа проблематика. И што е најважно од сè, после завршената монтажа, најдобро е да се направи контрола и тестирање на сите важни карактеристики кај прозорците. Моето секојдневно работење со оваа проблематика, покажува дека таквиот пристап им овозможува на клиентите да го добијат најдоброто за вложените пари.
Андреја Андреев, дипл. град. инж.