Грендландското морско куче е најдолговечниот познат ‘рбетник на планетата земја, сметаат научниците во студијата објавена во списанието Science.
Истражувачите анализирале 28 ајкули, а за одредување на нивната возраст ја користеле методата со радиоактивен јаглерод, и процениле дека една женка е стара 400 години. Просечниот животен век на овој вид изнесува 272 година, се оценува во студијата.
Стручњаците утврдиле дека овие ајкули растат само сантиметар годишно, што влијае врз нивната долговечност, а половата зрелост ја стекнуваат на возраст од околу 150 години.
Водечкиот автор во истражувањето, Јулиус Нилсен, поморски биолог од универзитетот во Копенхаген вели „Знаевме дека се занимаваме со необични животни, но мислам дека сите коишто учествуваа во истражувањето беа изненадени кога утврдивме колку овие морски кучиња се навистина стари“.
Досегашниот рекорд меѓу ‘рбетниците во долговечноста му беше припишуван на грендландскиот кит кому му беа утврдени 211 години.
Меѓутоа, и безрбетниците имаат кандидати кои конкурираат како најдолговечни суштества на планетата, на пример 507-годишната школка наречена Минг која ја носи „титулата“ најстаро животно.
Грендландските ајкули се големи животни кои може да достигнат должина до пет метри. Бавни пливачи се, а може да се сретнат во студените длабоки води на Северен Атлантик.