Судот во округот Мортон во Северна Дакота, одлучил Greenpeace да плати 660 милиони долари на компанијата Energy Transfer, која го контролира нафтоводот Dakota Access Pipeline (DAPL). На оваа мрежа на активисти за заштита на животната средина сега и се заканува банкрот. Организацијата објавила дека ќе се жали и оценува дека пресудата е дел од обновената кампања на корпорациите кои ги злоупотребуваат судовите.
Слободата на говорот и правото на протест во САД се доведени во прашање, предупредува Greenpeace. Пресудата е донесена против ограноците на оваа организација во САД – Greenpeace Inc. и Greenpeace Fund – како и за централата Greenpeace International. Компанијата Energy Transfer ги тужела за нарушување на угледот, упад во имотот и други престапи, па дури и завера. Досудена е неверојатна оштета од 660 милиони долари. Во најавата за обжалување на пресудата, Greenpeace истакнува дека станува збор за „неоснован SLAPP (strategic litigation against public participation)“. Судскиот предмет се однесува на протестите кои се одржувале во текот на 2016 и 2017 година.