Европската Унија паѓа по прашањето на борбата со климатските промени, а европските политички лидери би требало да ги следат 11-те водечки европски компании во нивните настојувања да го поттикнат развојот на економијата базирана на ниски емисии на јаглерод диоксид, објави еколошката организација „Гринпис“. Организацијата ја поздрави одлуката на 11-те европски индустриски гиганти, меѓу кои шведската компанија IKEA и холандскиот PHILIPS, кои веќе објавија дека ќе ја намалат емисијата на јаглерод диоксид во своето производство и ќе ја зголемат ефикасноста за 40%. Во исто време, целите што ги има поставено ЕУ во оваа област, за периодот до 2030 година, се оценуваат како недоволно амбициозни. Лидерите на земјите од ЕУ ќе се состанат наскоро на расправа за климатските промени.