Компанијата URB започнала амбициозна мисија на преуредување на пејсажот на Дубаи во бујна оаза. После успешните предлози за проекти како Dubai Mangroves и Dubai Reefs, URB го претстави својот нов проект под името Green Spine. Овој проект ќе го трансформира автопатот со додавање на трамвајски линии, фарми, паркови и над еден милион стебла. Green Spine ќе се протега на 64 километри, а централната оска ќе му биде автопатот Шеик Мохамед Бин Заед во Дубаи, една од клучните сообраќајници на тоа подрачје.
Покрај автопатот ќе има голема низа на фотоволтаици чија енергија ќе го напојува трамвајскиот систем, а вишокот ќе биде наменет за домаќинствата. Предвидени с еи канали за собирање и контрола на дождовницата. Над еден милион стебла ќе бидат распоредени по парковите и урбаните фарми на кои ќе се одгледува овошје и зеленчук. Проектот вклучува и игралишта, надворешни фитнес зони и спортски терени. Посебно внимание ќе биде посветено на велосипедизмот и пешачките патеки. Од компанијата велат дека ваквиот концепт освен што го промовира здравиот и активен начин на живот, значително ја намалува потребата од автомобили. Green Spine е дел од поширокиот план на Дубаи 2040, кој има за цел подобрување на одржливоста и квалитетот на живот во градот. Засега нема информација кога овој проект би бил завршен.