Владата на Грција подготвува план за вонредни ситуации за заштеда на енергија и исклучување на електричната и другите видови енергија во случај на целосен или подолг прекин на испораките на природен гас од Русија. Вонредните исклучувања на струјата во работните денови ќе ги опфатат „енергетски интензивните индустрии“, кои не произведуваат основни видови на стоки (на пример, производство на храна). Ова го соопштува атинскиот весник Ta Nea, кој повикувајќи се на свои извори заклучува дека таква можност е малку веројатна во блиска иднина, со оглед дека е најдено решение за плаќањето на гасот на руски „Газпром“, но од друга страна неизвесноста и размерите на воените дејства во Украина, бараат подготовка на план за постапување во вонредна ситуација. Доколку дојде до целосен прекин на испораката на руски гас во екот на туристичката сезона, ќе се активира план з анаизменична ротација на исклучувањата на електрична енергија во одредени интервали. Притоа, домаќинствата, хотелите и критичната јавна инфраструктура ќе бидат изземени од овие мерки. Владата разгледува и враќање на опцијата за работа од дома, заради заштеда на енергија во компаниите, а се превземаат и мерки за заштеда преку ограничување на употребата на клима уредите и осветлувањето, како и електричните уреди во јавните згради.
Но, и на страната на снабдувањето со енергенти Грција сериозно се подоготвува за можна криза. Иако во оваа земја, околу една третина од вкупните потреби за природен гас доаѓаат од Русија, односно не е толку ранлива на евентуални прекини кај овој извор на снабдување (за разлика од Македонија, Молдавија и Босна и Херцеговина кои користат 100% руски гас), Грција одлучила да изнајми брод – танкер на 12 месеци за складирање на течен природен гас, а истовремено интензивирана е работата на ископување на лигнит за производство на електрична енергија.