Грција го подготви својот прв Закон за климата, и владата се надева дека истиот ќе биде усвоен до крајот на годинава. Една од најважните мерки е забраната на продажбата на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување во 2030 година. Премиерот Мицотакис изјавил дека од 2025 година, сите нови такси возила и една третина од возилата за изнајмување во Атина и Солун, ќе имаат нулта емисија. Пет години подоцна, ќе се забрани продажбата на нови автомобили со мотори за внатрешно согорување.
Европската унија го постави таргетот за крај на продажбата на нови дизел и бензински автомобили за 2035 година. Во јули годинава, Европската Комисија пред Судот на Правдата и укажа на Грција за слабиот квалитет на воздухот во Атина предизвикан од високите концентрации на азотен диоксид.
Дополнително, новата легислатива предвидува на сите нови резиденцијални објекти од 2023 година, кои имаат пристап до гасната дистрибутива мрежа, нема да им биде дозволено да користат нафта или друго фосилно гориво за греење. На конферецијата COP26, Мицотакис потврди дека Грција ќе ја напушти употребата на јагленот до 2028 година, и дека се прават напори тоа да се случи и порано. Тоа наиде на критики од страна на бројни активисти за заштита на животната средина во Грција, бидејќи премиерот се повика на стариот краен рок, иако владата претходно најави дека последната електрана на јаглен „Птоломеида 5“ ќе ја префрли на гас до 2025 година.