Во новиот извештај насловен „Субвенции за фосилни горива во нацртите на националните енергетски и климатски планови: недостатоци и конечен повик за акција“, експертите од Overseas Development Institute (ODI), Friends of the Earth (FoE) од Холандија и Climate Action Network (CAN) Europe ги анализирале нацртите на овие планови на земјите членки на ЕУ, во кои од владите се бара да известуваат за евентуалните субвенци за фосилните горива и плановите за нивно укинување. Утврдено е дека пет земји на ЕУ, меѓу кои Грција и Словенија, сакаат дури да воведат нови субвенции за фосилните горива до 2030 година, а нотирано е и дека ниту една од 28-те земји членки не известува сеопфатно за своите субвенции во оваа област. Имено, покрај споменатите две земји, и Германија, Полска и Велика Британија сакаат да воведат нови субвенции, во екот на климатската криза, и наспроти нивното ветување пред десет години дека ќе завршат со ваков вид на субвенционирање. Така, Грција планира да воведе субвенции за замена на котлите на нафта со гас, а Полска ќе обезбеди субвенции за подземно складирање на гас и употреба на течен природен гас за транспорт.
Авторите на извештајот откриваат дека шест држави – Бугарија, Данска, Франција, Унгарија, Холандија и Велика Британија, тврдат дека кај нив воопшто нема субвенции за фосилните горива. Инаку, владите на сите земји членки се обврзале да ги укинат овие субвенции уште во 2009 година.