Повеќемесечната енергетска криза, сериозно влијае на цената на електричната енергија, која во некои европски земји ги урива сите рекорди. Многу држави со мерки се обидуваат да го контролираат растот на цените, а досега се издвојуваат три модели: државите ги делат трошоците на своите граѓани, ги намалуваат даноците или ги замрзнуваат цените. Норвешка на пример, ги дели трошоците со своите грашани, додека Бугарија и Србија, ги замрзнаа цените, додека земјите како Австрија, Франција, Чешка, Данска, ги ослободуваат граѓаните од плаќање данок на гас, електрична енергија или имаат спремено пакети за помош.
Грција се одлучила на субвенционирање на плаќањето на сметките за електрична енергија. Оваа помош ја добиваат домаќинствата и компаниите, а според пишувањето на медиумите, за оваа намена биле издвоени над две милијарди евра. Во средината на септември 2021 година, оваа земја донесе одлука дека до крајот на годината ќе ги субвенционира сметките за струја, но со оглед дека ситуацијата не се поправи до тој период, Владата донела одлука да продолжи со оваа мерка. Во септември 2021, субвенциите изнесувале 9 евра за потрошените први 300 kWh во месецот, во октомври 18 евра, во ноември 39 евра, а во декември помошта била 50 евра. средствата за субвенции се обезбедени од приходите кои се остварени од трговијата со дозволите за емисија на јаглерод диоксид.