Насловна / Вести / „Гранит“ ќе го гради пробивањето на булеварот АСНОМ и мостот кон Керамидница

„Гранит“ ќе го гради пробивањето на булеварот АСНОМ и мостот кон Керамидница

Градот Скопје ја избра компанијата „Гранит“ за пробивањето на булеварот АСНОМ кон населбата Керамидница и за изградба на новиот мост на реката Вардар. Станува збор за втора фаза од изградбата на булеварот АСНОМ, со која се предвидува изведба на трасата во должина од 400 метри, вклучувајќи го и мостот што ќе биде долг 120 метри.

Идниот мост ќе има по три коловозни ленти во секој правец, со велосипедски и пешачки патеки. Капиталниот зафат опфаќа и изведба на јавното осветлување, водоводната и канализационата мрежа.

ASNOM

Градежната оператива ќе има рок од 550 дена за да ја изгради трасата на потегот од улицата „Васко Карангелески“ во Аеродром до улицата „Индустриска 1“ во Керамидница. Изведбата на втората фаза на проектот ќе чини над 5,9 милиони евра. Градските власти треба допрва да го официјализираат почетокот на изградбата на новиот мост на реката Вардар.

Во меѓувреме, на терен привршуваат активностите за реконструкција и проширување на булеварот АСНОМ од крстосницата со булевар „Србија“ до крстосницата со улица „Васко Карангелески“ во населбата Аеродром. Проширената сообраќајница во должина од 850 метри ќе има три коловозни ленти во секој правец.

Со изведбата на сите три фази, булеварот АСНОМ треба да се пробие како нова траса низ населбата Керамидница, со која ќе се изврши спојување на раскрсницата кај некогашниот Скопски саем со булеварот АСНОМ кај хотел „Русија“. Последната фаза од овој проект вклучува експропријација на земјиште и уривање на 180 објекти во населбата Керамидница за да се изгради самиот булевар.

Испрати коментар

Scroll To Top