Насловна / Архитектура / „Граници на архитектурата“: Трета Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти во Битола

„Граници на архитектурата“: Трета Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти во Битола

ВОВЕД

Годишната средба на архитекти и архитекти урбанисти прераснува во традиционален настан кој овозможува размена на ставови, мислења, искуства и предизвици, како и дискусии за алтернативи и решенија. Настанот, пред сѐ, обезбедува можност за вмрежување на сите засегнати страни во урбанистичкото планирање и градењето. Оваа година, на 29 и 30 ноември 2024 година, традиционално во Офицерскиот дом во Битола, еден од архитектонските бисери на Македонија, се одржа третата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти. Настанот беше организиран од Комората на овластени архитекти и овластени инженери, како дел од програмските активности на Одделението на архитекти и на Одделението на архитекти урбанисти.

Афирмирањето на архитектонското и градителско наследство, заедно со децентрализацијата на активностите на Комората, претставува додадена вредност на овој настан.

РЕТРОСПЕКТИВА

Тимот што стои зад организацијата на Годишната средба на архитекти и архитекти урбанисти, во пандемиската 2021 година си постави цел да организира настан кој најмногу ги засега локалните архитекти и инженери, но секако дека не се исклучени и архитектите и инженерите од целата држава. Стручната дискусија на тема „Регулирање на градењето во градски јадра прогласени за споменички целини“, што се одржа на 10 декември 2021 година во Офицерскиот дом во Битола, на иста маса ги седна членовите на Комората од повеќе професионални одделенија, претставници на Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура, Единиците на локалната самоуправа, Управата за заштита на културното наследство и ИКОМОС Македонија.

Со оглед на темата на стручната дискусија, ова беше одлична прилика, да се потпише Меморандум за соработка помеѓу Комората на овластени архитекти и овластени инженери и ИКОМОС Македонија, по иницијатива на членови, што членуваат во двете организации. Настанот од 2021 година, кој слободно може да се смета како нулта Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти, покажа дека членовите на Комората имаат потреба од годишен настан на кој ќе дискутираат за актуелни теми во струката.

Прва средба: Димитра Фига

На тимот што го организираше настанот во 2021 година, не му преостануваше друго, освен да го развива истиот и да си постави повисоки цели за 2022 година. Благодарение на личните контакти на член на Комората (кој своите студии по архитектура ги заврши на Универзитетот во Тесалија, со седиште во Волос, Република Грција) и активно се вклучи во организацијата на првата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти, на 23 декември 2022 година, во Офицерскиот дом во Битола, како почесен гостин, со свое предавање присуствуваше професорката Димитра Фига од Универзитетот „Аристотел“ од Солун. Покрај едукативниот дел, настанот не можеше да ги заобиколи, веројатно најважните активности на Комората, од нејзиното основање, до денес – донесувањето на Ценовникот за минималниот надоместок на овластените архитекти и овластените инженери во областа на високоградба и Тарифникот за урбанистичко планирање, како и предизвиците за нивно донесување и нивно спроведување.

втората Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти

Со темата „Архитектот де факто визави архитектот де јуре“, тимот за организација на втората Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти, на гостите и на учесниците на настанот им понуди богата програма, која мораше да биде организирана во два дена, 1 и 2 декември 2023. Во годината во која Комората стана член во најпрестижната архитектонска организација – Архитектонскиот совет на Европа (ACE), очекувано беше како почесни гости во Офицерскиот дом во Битола да бидат присутни претставници на европската организација, односно членовите на Управниот одбор, Томаж Криштов и Дубравко Бачиќ. Темата на настанот од 2023 година, преку неколку панел-дискусии, ги седна на иста маса засегнатите страни, кои дискутираа пред сѐ за Законот за урбанистичко планирање и за Законот за градење, но секако дека не беше изоставена и останатата релевантна регулатива. Покрај индивидуалното вмрежување, втората Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти овозможи и институционално вмрежување. Комората во соработка со Асоцијацијата на архитекти на Македонија ја организираше Изложбата на наградените и на дел од изложените трудови на 21-вото и на 22-рото Биенале на македонската архитектура. Изложбата беше поставена во НУ Завод и Музеј на Битола, со што двете институции демонстрираа однос кон вредното архитектонско градителско наследство, како и однос кон децентрализацијата на своите програмски активности.

Низ годините, настанот растеше со поголемо темпо од очекуваното. Тоа го потврдуваат статистичките бројки кои ја изразуваат посетеноста, бројот на гости говорници, програмските квалитативни атрибути, како и интересот на поддржувачи и организациски партнери.

ПРЕДИЗВИКОТ ДА СЕ ОРГАНИЗИРА ТРЕТАТА ГОДИШНА СРЕДБА НА АРХИТЕКТИ И АРХИТЕКТИ УРБАНИСТИ

 

Нагорната линија по која се движеше настанот изминатите години, ги подигна стандардите и го предизвика организаторот (Комората) уште посериозно да пристапи во организирањето на овогодишниот настан. Одделенските активности во рамки на Комората, поврзани со третата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти започнаа повеќе од шест месеци пред самиот настан.

дел од Организациониот одбор

Организациониот одбор, во состав:

  1. Кристинка Чулак, претседател на Комората
  2. Алексанадар Манчевски, генерален секретар на Комората
  3. Веселинка Г. Петровска, раководител на Одделението на архитекти
  4. Михаел Димитровски, раководител на Одделението на архитекти урбанисти
  5. Благојче Цветковски, делегат во Собранието на Комората
  6. Милена Ш. Четелева, делегат во Собранието на Комората
  7. Александра Трајковска, делегат во Собранието на Комората
  8. Александар Радевски, делегат во Собранието на Комората
  9. Катина Сутоглу, делегат во Собранието на Комората
  10. Хамди Сулемани, делегат во Собранието на Комората
  11. Лиљана Најдовска, делегат во Собранието на Комората
  12. Марта Илиевска, делегат во Собранието на Комората
  13. Mарија Петровска, член на Комората
  14. Надица А. Колевска, член на Комората

макотрпно работеше неколку месеци, најпрво за да ја дефинира темата на настанот, а потоа и да обезбеди ексклузивни гости говорници, кои ќе го задржат нагорниот тренд на настанот, ќе донесат нови погледи помеѓу слушателите и со своето излагање ќе предизвикаат нови размислувања и ќе инспирираат нови идеи.

„Граници на архитектурата“ беше тема на настанот околу која гравитираа презентациите, панел-дискусиите и тркалезните маси. Архитектите и архитектите урбанисти дискутираа како архитектурата ги надминува физичките, културните, правните, естетските и еколошките граници. Како ограничувањата ги трансформираат во нови креативни решенија? Како архитектите се справуваат со предизвиците и создаваат иновативни простори?

Претседателката на Комората КристинкаЧулак и градоначалникот на Битпла Тони Коњановскиа

Покрај претставници на општествениот естаблишмент, на настанот присуствуваа и гости од странство.

Третата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти ја имаше честа, како свој почесен гостин да го пречека г-дин Кристоф Најдовски, француски политичар и актуелен заменик-градоначалник на Париз задолжен за ресорот обновување на вегетацијата на јавниот простор, зелените површини, биолошката разновидност и состојбата на животните.

г-дин Кристоф Најдовски

Г-динот Кристоф Најдвски ги сподели своите искуства во водењето и спроведувањето „зелени политики“ и се обиде да направи паралели помеѓу европските и балканските контексти за управување со урбаните простори и воведување одржливи решенија за животната средина.

г-дин Кристоф Најдовски

Како поранешен претседател на Европската велосипедска федерација и велоентузијаст, Кристоф се осврна и на инструментите за спроведување на вело-инфраструктура во урбаните центри низ Европа. Урбанистичките предизвици да се организираат Олимписките игри во Париз, беа неизбежен дел од презентацијата и дискусиите меѓу Најдовски и присутните.

Претседателката на Архитектонскиот совет на Европа (ACE), г-ѓа Рут Шагеман имаше свое видеообраќање на настанот. Со предавањето „Утопија вон границите: Архитектурата на постземјотресната обнова на Скопје“, д-р Ана Ивановска-Дескова претстави дел од своите истражувачки активности насочени кон модерната архитектура на Скопје, особено кон неговата постземјотресна обнова.

д-р Ана Ивановска-Дескова

Газим Пачаризи, чија продукција силно сведочи за моќта на архитектурата да ја подобри човечката благосостојба, на настанот во Битола презентираше дел од своето 30-годишно искуство во архитектурата и урбанизмот.

архитект Газим Пачаризи

Македонско-словенечкиот тандем Огнен Арсов и Ана Коси, со публиката споделија два проекти за интервенција врз објекти во Словенија од модерната, како и за предизвиците со кои се соочиле во текот на нивната работа.

Македонско-словенечкиот тандем Огнен Арсов и Ана Коси

Преку својата презентација, Татјана Шундовска, направи вистинско уживање за аудиториумот, претставувајќи го архитектонскиот аспект и историскиот контекст на Меморијалниот музеј на француските гробишта во Битола. Архитект Јасмина Кнежиќ го задржа вниманието на присутните, претставувајќи им го проектот на кој работи, а се однесува на резиденцијален комплекс во Тиват.

Драган Крстевски пренесе дел од своето меѓународно искуство и направи прецизни паралели помеѓу македонскиот контекст и контекстите во кои работел.

На третата Годишна средба беа одржани неколку панел-дискусии и тркалезни маси. Во панел-дискусијата „Граници на архитектурата“ која беше модерирана од Марта Илиевска, учество зедоа говорниците: Ана Ивановска-Дескова, Газим Пачаризи, Огнен Арсов и Ана Коси, а им се приклучи архитект Мартин Пановски.

Панелисти

Со панел-дискусијата „Архитектонски пат: Од концепт до реализација“ модерираше Надица Ангова-Колевска, а во истата учествуваа: Јасмина Кнежиќ, Татјана Шундовска и Драган Крстевски.

Тркалезната маса на тема „Урбанистичко планирање на градови за иднината“ беше модерирана од Надица Ангова-Колевска, а во истата учествуваа: Оливиер Ришар, Дивна Пенчиќ, Јулијана Ставревски и Скендер Палоши.

Лиљана Најдовска модерираше со тркалезната маса на тема „Можности за интеграција на алатките за урбанистичко планирање и системите со кои управува Агенцијата за катастар на недвижности“, а во истата учествуваа: Натали Ташевска-Гулевска, Илија Беличоски и Билјана Ајтарска.

Во панел-дискусиите, односно тркалезните маси, покрај учесниците, активно партиципираше и публиката.

Покрај официјалниот дел на третата Годишна средба, во рамки на настанот се отвори изложбата „Атлас на македонската модерна архитектура“, резултат на истражувачкиот проект кој започнал во 2022 година и за прв пат беше претставен во Скопје.

Изложбата во Битола беше адаптирана на специфичниот изложбен простор и понуди нови перспективи. Истражувањето ги вклучува делата кои се инспирирани од Интернационалниот стил, Баухаус и творештвото на Ле Корбизје, како и доцно-модерните влијанија од различни архитектонски центри во Европа и во светот.

Исто така, во рамки на настанот беше овозможена ексклузивна посета на Музејот на христијанското и на исламското културно наследство, кој сведочи за културната слоевитост на регионот, но истовремено претставува пример за успешна презентација на културното наследство со кое се одликува градот Битола.

Богатиот културно-забавен живот на Битола, на гостите во градот им понуди во попладневните и во вечерните часови да искусат дел од програмите на комерцијалните субјекти, како и дел од програмата на Фестивалот на музика од светот во организација на НУ Центар за култура Битола, што се одржуваше во истиот период кога се одржуваше и третата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти.

ЗАКЛУЧОК

На крајот на дводневниот настан, претседателката на Комората, Кристинка Чулак, им се заблагодари на присутните, ги поздрави гостите и се заложи дека поентите од дискусиите, забелешките и иницијативите добиени во рамките на средбата, ќе бидат сумирани во форма на заклучоци и ќе бидат споделени со релевантните субјекти.

Дводневниот настан претставува исклучителна можност каде може да се споделат многу позитивни искуства и корисни информации. Несомнено, исполнети беа статутарните определби на Комората, како што се афирмирање на архитектонската и на инженерската професија, размена на позитивни практики во земјата и во странство и јакнење на капацитетите на членовите на Комората.

Во изминатиот преиод, од завршувањето на настанот, до затворањето на текстот, на адреса на Организациониот одбор пристигнаа голем број на позитивни кометари за настанот, што секако им значат на сите членови Одборот. Тоа претставува и обврска за Организациониот одбор на четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти, да ја движат Средбата по нагорна линија, да ги надминат пропустите од оваа и од минатите години (кои несомнено постојат) и да го направат настанот во 2025 година уште поуспешен, со уште повеќе гости и со поквалитетна програма.

 

Автор: Благојче ЦВЕТКОВСИКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top