Над 50 демонстранти под паролата „Алтернативно не убивате“, денес, се собраа пред цементарница „Усје“ за да укажат како што велат дека е голем загадувач на Скопје.
Протестот почна со минута молк за сите жртви на загадувањето
“Не е проблемот во мазутот. Најголем проблем е во корупцијата. Политичарите се во корелација со олигарсите кои не трујат. Дојдовме денеска да им кажеме дека знаеме што прават“, порачаа граѓаните.
Од Движењето за чист воздух велат дека тие како иницијатива се решиле на отпор против најголемите загадувачи, трујачи на животната средина.
Со протестот, како што потенцираат, покажуваат само собир на истомисленици, а со блокада на Цементарницата се покажува отпор кон политиката на молк и бизнис на штета на нашето здравје.
Активистите и доделија пехар на Цементарница „Усје“ во Скопје за „Трујач на годината“ и го блокираа влезот на компанијата со црвена лента.
Тие бараат целосна забрана за каков било отпад додека не се усвојат функционални контролни механизми и директиви, поголема вклученост на граѓанскиот сектор во инспекциските надзори, како и акредитирање на лабораториите на Министерството за животна средина и Хемискиот факултет.
„Усје“: Ние не сме причинител на состојбите со загадениот воздух
Од Цементарница пак преку соопштение за јавноста порачаа дека „Усје“ не е причинител на состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје.
„Немаат логика какви било блокади на Цементарница УСЈЕ, затоа што сите релевантни мерења на емисиите докажуваат дека УСЈЕ не е причинител на зголеменото загадување на воздухот во нашиот град“, реагираат од компанијата.
Од таму додаваат дека во УСЈЕ, моментално, од вкупната количина на енергенси што се користи, на алтернативно гориво отпаѓа четири отсто. “УСЈЕ врши контролни испитувања на квалитетот на воздухот и тие редовно докажуваат дека состојбите со амбиенталниот воздух во нашиот град немаат никаква корелација со работата на Цементарница. Загадувањето на воздухот во градот е највисоко во зимските месеци, и тогаш кога печките на Цементарница УСЈЕ не работат поради годишни ремонти, а обратно, тоа е најниско во летните месеци кога УСЈЕ работи со 100 отсто од својот капацитет. Последното такво испитување, направено од акредитирана лабораторија на 10-11 јануари 2020 година, период кога не работеше ниту една печка на Цементарница УСЈЕ, покажа високи вредности на загаденост на воздухот на сите испитани точки во градот, вклучително и во кругот на УСЈЕ. Оттаму, јасно е дека не постои врска помеѓу високата аеро-загаденост и работата на Цементарница УСЈЕ“, стои во реакцијата.