Насловна / Арт и дизајн / „Графиките во времето на Бројгел“ цела пролет во Брисел

„Графиките во времето на Бројгел“ цела пролет во Брисел

Оваа пролет уметничкиот центар БОЗАР во Брисел нуди уште една неверојатна поставка со наслов „Графиките во времето на Бројгел“, а во чест на 450 години од раѓањето на познатиот  фламански уметник Питер Бројгел. Станува збор за изложба во која се отвора светот на 16 век, на ренесансата, времето на религиозен метеж и ненадејни револуции. Време на уметнички подем, експерименти и артистички перфекционизам. „Графиките во времето на Бројгел“ е колаж од најзначајните графички остварувањеа во 16 век во јужна Холандија, во Брисел, Антверпен и во други градови во овој регион. Изложбата покажува како пронајдокот на графиката создал лавина од слики чијашто улога била разновидна, од политичка пропаганда, величење на монархијата, потоа религиозни слики кои имаат морални и етички обележја, па сè до графики во кои се гледа хуморот и сатирата на секојдневието. Ова се несомнено ремек-дела на ренесансата, кои покажуваат врвно мајсторство и авторска посветеност.

12C_Mussel shell boat

Поставката воедно зборува за подемот на графиката во јужна Холандија, за етапите на прогрес и за инспирациите од другите земји, како Италија. На почетокот на 16 век, локалното производство сè уште било со просечен квалитет, но подоцна, благодарение на надворешните влијанија, ќе го забрза својот уметнички развој. Антверпен за кратко време ќе стане центар на графиката. Најважниот трговски центар во северна Европа, ќе продуцира важни уметнички имиња. Многумина од уметниците работат под покровителство на Хабсбуршката куќа, правејќи портрети на Чарлс V, кој раковедел со Хабсбуршка Холандија. Сакајќи да го истакнат авторитетот на Чарлс V, графиките се често наративни и правени во духот на уметничките остварувања од римско време.

11_Dirty household

Сепак, постои голема тематска разновидност и огромен творечки опус. Посебно внимание привлекуваат графиките со сатиричен карактер, кои исмеваат, подучуваат, сакаат да морализираат. Алегориското, многуглаво чудовиште на Питер ван дер Борхт може да послужи како симбол на разновидноста на пазарот за печатење од тоа време. Коментирајќи ја богатата уметничка продукција, тој ќе забележи: „Толку многу луѓе, толку многу умови“. Сатиричните остварувања вклучуваат профани сцени во кои се исмева секојдневието. Луѓето се сместени во препознатливи средини: пазари, куќи или бордели. Тоа се најчесто слики кои ги рефлектираат човечките слабости, па така лицата од сцена во сцена се изобличуваат до степен на гротеска. Не помалку се присутни и сликите со религиозна тематика, како и пејзажите.

14_Allegory_Reworked

Поставката „Графиките во времето на Бројгел“ завршува со анимираниот филм на Aнтоан Рогерс насловен „Седумте смртоносни гревови“ инспириран од истоимените слики на Питер Бројгел. Рогиерс мошне умешно ги „оживува“ сликите на Бројгел. Мажи, жени, животни, демони, хибридни фигури и гиганти коегзистираат во совршена хармонија.

„Графиките во времето на Бројгел“ ќе биде отворена за посетители до 23 јуни.

10B_Skating apes

12A_Siege of the elephant

Испрати коментар

Scroll To Top