Насловна / Архитектура / Градската библиотека во Малме – една од најубавите библиотеки во светот

Градската библиотека во Малме – една од најубавите библиотеки во светот

Ако некогаш ве носи патот во Шведска, срдечно ви го препорачувам Малме, градот на најјужната нејзина точка. Како архитект посебно ме воодушеви неговата географска позиција на самото море, спроти Копенхаген, со кој е поврзан со мостот Оресунд кој преминува во тунел под морето, како и неговото извонредно урбанистичко планирање како по учебник за урбанизам и одличниот спој на старото, историско градско јадро со новото, каде преовладуваат модерни, енергетски ефикасни згради со биофилни „зелени“ кровови.

01.Градската библиотека во Малме, поглед од улица

Градската библиотека во Малме, поглед од улица

Исто така, Малме воодушевува со своите паркови кои ги има преку 30, па затоа може слободно да се нарече и град на парковите, но ако ја земеме и бројката на библиотеки во однос на бројот на жители на градот, тогаш може да му припадне и епитетот – град на библиотеките, бидејќи ги има 13 на број.

02.Пристапната патека од природни материјали

Пристапната патека од природни материјали

Една од најубавите во светот е токму Градската библиотека, наградуваниот проект на архитектонското студио на данскиот архитект Хенинг Ларсен. Проектот се состои во проширување на историската зграда од ренесансниот период, каде во 1946-тата година е преселена градската библиотека. Овој историски објект, се наоѓа во централниот дел на градот со прекрасен парк околу. Локацијата е идеална за својата намена да овозможи природно опкружување со совршен мир за читање, учење, истражување и работа. Неколку децении подоцна, архитектот Хенинг Ларсен е избран да проектира модерна, привлечна екстензија на оваа историска културна институција и тоа го прави многу умешно, со целосно почитување на природниот и историскиот контекст на објектот.

03.Плато пред библиотеката

Плато пред библиотеката

Од улицата, библиотеката го пречекува секој свој посетител со карактеристичниот ренесансен изглед на фасадната црвена тула од која е изградена. Пешачки патеки од природни материјали го воведуваат посетителот низ широк зелен појас, за да странично, како што се навлегува низ паркот, се појави широко плато со централниот, нов влезен дел заедно со примарниот стаклен кубус каде како сценографија се одигруваат сите случувања во библиотеката.

18.Поглед од езерцето кон стариот и новиот дел на библиотеката

Поглед од езерцето кон стариот и новиот дел на библиотеката

18.Рефлексија во езерцето на новиот дел проектиран од Хенинг Ларсен

Рефлексија на езерото на новиот дел на Хенинг Ларсен

Стаклените фасадни „екрани“, нудат погледи кон внатрешноста засилувајќи го љубопитството да се влезе и да се открие тој возбудлив свет на книгите. Влезниот цилиндричен дел го пречекува срдечно секој посетител со стаклените врати на кои е испишан зборот библиотека на повеќе јазици, асоцирајќи на гостопримството и мултикултурноста на Малме како град.

20.Поглед од паркот кон стаклениот екран

Поглед од паркот кон стаклениот екран

Со проектот на Ларсен од 1997. година, всушност библиотеката станува компактна целина од три дела сите обединети со стаклени коридори: старата библиотека, средишниот нов, цилиндричен влезен дел и новиот примарен кубус. Новата зграда е заснована на принципот дијагонално одвојување од квадратната форма на постоечкиот историски објект. Волумените кои ја сочинуваат библиотеката се ориентирани и отворени со целосно застаклени фасади кон неверојатно убавиот поглед со големи дрвја и рефлектирачкото езеро во паркот. Езерцето не само што има декоративна улога во целиот пејзаж, туку преставува и своевидно живеалиште на флора и фауна. Во тоа ме убеди и еден локален жител, езерска чапја која уживаше во глетката на „својот“ дом.

19. Локален жител во паркот

лолален жител во паркот

Цилиндричната влезна партија воведува низ големо лоби, кое води кон неколку правци. Кој и да го одберете нема да зажалите, бидејќи секоја насока носи своевидно изненадување. Галеријата над лобито е осветлена од горната страна покрај ѕидовите и нуди лебдечки визури низ целиот простор, кој ентериерно е поделен во црно – бела контрастна геометрија.

07. Двовисински простор во црно-бел контраст со тематски сектори

Двовисински простор во црно-бел контраст со тематски сектори

На галеријата се наоѓаат сектори со различни тематики како подинамичен дел од библиотеката. Секторите не се поделени физички туку само визуелно, односно, самите полици ги дефинираат и разграничуваат, водејќи ги посетителите од еден во друг.

08. Без физички прегради, само визуелно со полициJPG

без физички прегради, само визуелни со полици

Тука се сместени секторот со детска литература, стрип катче, катче со научна фантастика, итн, пропратени со интересни делови за седење и листање. Приземниот дел од старата библиотека води кон огромен детски сектор кој е така дизајниран да ги привлечи најмладите посетители во својата волшебна „шума“. Во делот над него се сместени административните простории.

10. Детски сектор со ентериер како шума

детски сектор со ентериер како „шума“

09.Детско катче од 9 до 13 години

детско катче од 9 до 13 години

Правецот десно од лобито води во пространиот стаклен кубус со воодушевувачка огромна висина на просторот кој е прекинат само со столбови. Полиците со книги ја имаат главната улога во целата сценографија во која светлината протекува и се филтрира низ катовите. Периметрално на главниот ѕид се поставени скалишта и галерии, кои водат до застаклени, интимни читални и простори за работа.

14.Галерии со застаклени интимни читални

застаклени, интимни читални 

Од тие галерии се пружа неверојатна птичја перспектива кон сцената долу, групациите на полици и групациите на масички за читање. Најинтересен дел беше застаклениот ѕид со мали групни читални кои се решени како правоаголни рамки, сосема отворени, така што погледот кон зеленилото останува непрекинат, како еден вид на екран. Тој екран нуди уникатна визуелна конекција со идиличниот природен пејзаж низ кој се филтрира дневната светлина низ лисјата на големите крошни на дрвјата, прикажувајќи алманах на променливите годишни времиња, па затоа оваа наградувана библиотека е позната и под името „Календар на светлината“.

11.Импозантната внатрешност на библиотеката

nnnn

импозантна внатрешност

13.Поглед од галериите со читални

поглед од галериите

Градската библиотека има скоро милион посетители годишно, што укажува на тоа колку дизајнот и архитектурата се важни за естетиката и функционалноста на ваков општествен објект, но тука секако важна улога игра и модерното менаџирање со богат фонд од 600.000 медиуми, книги на околу 60 различни јазици, списанија и весници од целиот свет, CD-а, филмови, видео игри и книги што зборуваат. Постојат и специјални одделнија за екологија, дизајн, заштита на животна средина и патувања.

15.Дел за одмор

дел за одмор

За објектот, архитектот Хенинг Ларсен ја добива најстарата и најпозната шведска награда за архитектонско остварување, наградата Каспер Салин. Проширувањето на историската градска библиотека му овозможи на Малме отворена, добредојдена и модерна библиотека во интеграција со природата и историскиот контекст на градот и после две децении од нејзината реализација, таа се уште е врвна инспирација за архитектите, љубителите на книги, но и бројните посетители и туристи.

Автор на текст и фотографии: Ивана Групче, дипл.инж.арх

16.Неформален дел за одмор со поглед кон стариот историски дел од библиотеката

Неформален дел за одмор со поглед кон стариот историски дел од библиотеката

05.Лоби со инфо пулт и пропратни содржини

Лоби со инфо пулт и пропратни содржини

06.Стаклениот спој со старата зграда

стаклен спој со старата зграда

04.Влезот на библиотеката испишан на повеќе јазици

влезот на библиотеката испишан на повеќе јазици

17.Дел од читалните гледани однадвор

дел од читалните гледани од надвор

Ситуација на библиотеката во Малме (стар дел-лево, влезен нов дел-средишно, нов кубус -десно) Основа на градската библиотека во Малме Пресеци низ стариот и новиот дел на библиотеката Изглед на градската библиотека во Малме(стар дел и нови делови)

мк

*Текстот е поддржан од Минситерство за култура на РС Македонија

Испрати коментар

Scroll To Top