Градовите на река секогаш будат посебен интерес. Скопје е град на река која поминува низ срцето на градот и го дели на два дела, лева и десна страна. Затоа се градат мостови кои спојуваат, а мостовите се можеби најхуманите градби кои ги измислило човештвото. Има ли разлика во урбанистичко-архитектонските случувања и меѓу десната и левата страна на Вардар. Прашањето ме испровоцира да фрлам поглед на најкарактеристичните делови од левата страна на Вардар, бидејќи овој дел на градот не сум го третирала во моите досегашни текстови.
Немање единствена и целокупна визија
И во овој дел на градот, како и во останатите, се случија урбани трансформации во урбаното ткиво на наследениот градски простор, неговите физички делови, амбиентални целини и карактеристични локалитети. Просторот каде почнува Старата скопска чаршија, меѓу булеварите „Гоце Делчев“, „Крсте Мисирков“, „Цветан Димов“, „Босна и Херцеговина“ и улицата „Самоилова“ го управуваат Општина Центар и Општина Чаир. Овој простор во средновековието познат како градот на Серава буди посебен интерес од повеќе аспекти. Во централното јадро зачувана е симболиката на историските комплекси Тврдината Кале и Старата скопска чаршија, како простори со посебни градски, идентитетски и неспорни историски, културни, урбанистички, архитектонски, амбиентални, социолошки и други вредности.
Старата скопска чаршија на чија територија и во нејзината непосредна околина се наоѓаат околу 20 културно-историски споменици потпаѓа под надлежност на двете споменати општини Чаир и Центар, додека за нејзините културно-историски споменици е задолжен Конзерваторскиот центар – Скопје. Поради парцијални интервенции и немање единствена и целокупна визија за развој и заштита се случија низа неправилности и штети при зачувувањето на најзначајните вредности на градот.
Чаир – ливада опкружена со дрвја!?
Територијата на Општина Чаир, со територијалната поделба од 2004 година, опфаќа простор од 3,2 км2, има 64 773 жители (според пописот од 2002 г.) и има најголема густина на населеност од сите општини. Поделена е на шест урбани целини: делови од Гази Баба, Дуќанџик, Стара чаршија, Топаана, Циглана и Чаир. Најголем дел од населението е од албанска етничка припадност, а потоа следуваат Македонци, Турци, Роми и Бошњаци. Распослана во централниот дел на Скопската Котлина оваа питома рамнина – Топанско Поле крие бројни одамна раскажани приказни. На овој простор забележан е живот уште во неолитот. На овој простор бил сместен Централниот гарнизон на Турската Империја заедно со тешката артилерија. Местото каде биле поправани топовите е наречено Поле на топовите (Топхане), а името Чаир потекнува од турскиот збор чаир што значи ливада опкружена со дрвја. Дијалогот меѓу времето минато и времето сегашно, тој тих разговор секогаш буди посебни чувства и интереси. Ослушнувајќи го си ја потпевнувам „Чаирска романтика“ на Владо Јаневски. Со симпатичниот рефренот „да ми дојдеш на романтика“, кој иако јазично погрешен се задржа во паметењето на Скопјани, се втурнав на прошетка низ чаирските улици.
Не се разликува каде никнува ѕид, куќа, гаража или работилница
Кога ќе се помине Старата скопска чаршија и Бит-пазар, во просторот меѓу бул. „Никола Карев“, улицата „Цветан Димов“, бул. „Босна и Херцеговина“ и улица „Самоилова“ се наоѓа станбениот комплекс на Општина Чаир кој е исполнет со градби од разни периоди. Движејќи се по улица „Цветан Димов“ на која од една и друга страна има и стари и нови објекти, не забележувате никаква улична панорама освен продавници, дуќанчиња, пиљарници, обложувалници и истурени тезги на тротоарите. Кога ќе свртите по булеварот „Никола Карев“, популарно наречен „пластичарска улица“, изненадувањето е уште поголемо. Стока од секаков вид: пластика, мебел, лустери, разна галантерија, сѐ истурено на тротоарите, заедно со паркирани автомобили, камиони и врвулица од купувачи по булеварската сообраќајница. Спонтано ви се наметнува прашањето дали ова го има некаде на друго место. Просторот северно од оваа улица сѐ до улицата „Џон Кенеди“ е Топанско Поле – комплекс исполнет со индивидуална станбена градба.
Покрај улицата „Серава“ зачувана е стара структура на индивидуални куќи. Испреплетени улици исполнети со индивидуални куќи од поново време, остатоци од стара Топаана со куќички-уџерици, супстандардни градби, улички со кал и без инфраструктура. Сѐ ова наликува на бразилска фавела и тоа речиси во центарот на градот. Мора да се запрашате: „И ова ли е Скопје?“ Изненадувањето нема да ве напушти ако продолжите и понатаму. На улицата „Џон Кенеди“ се протегаат станбени блокови од 70-тите и 80-тите години на 20 век во стилот на модерната архитектура. Објектите се архитектонски издржани, сѐ уште во добра состојба, улицата е со богат дрворед и зеленило, а автомобилите се паркирани по тротоарите. Долж улиците „Кемал Сејфула“, „Дижонска“, „Лазо Трповски“ и „Македонско- косовска бригада“ изградени се комплекси колективни станбени згради и стари јадра со индивидуални куќи. Комплексот колективни станбени згради од 50-тите години од херојскиот период на македонската архитектура со доградени и затворени балкони, чудни баџи, надградби и прикрпени нови прозори, го живее својот продолжен век. Меѓублоковскиот простор е исполнет со зеленило, дрвја со стари крошни кои пружаат необичен мир и спокој. Помеѓу се забележуваат и нови станбени згради и блокови со модерна архитектура, а станбени блокови во изградба има на улиците „Лазо Трповски“ и „Втора македонска бригада“. Има доста деловни објекти, Веро-центар, медицински установи. Комплексот на и околу улицата „Дижонска“, испреплетен во повеќе тесни улички, е исполнет со индивидуални куќи, главно слепени една до друга, инцидентно никнати нови недовршени куќи и продавнички напикани меѓу куќите. Не се разликува каде никнува ѕид, куќа, гаража или работилница. И овој комплекс раскажува своја приказна. Има улици со индивидуални куќи од поново време со разни недефинирани стилови, какафонија од архитектура, приземја со продавници и работилници од разни видови.
Во Општина Чаир функционираат осум основни училишта и шест детски градинки. Видлива е грижата за училиштата и детските установи. Некои се од поново време, некои се реновирани. Во оваа населба има доста зелени површини, дрвореди, мали парковски оази, меѓублоковско зеленило, но неодржувано и неуредено, на многу места препуштено само на себе, дури и со паркирани автомобили во тревниците.
Изостанува чувството за јавен уреден простор
По сѐ видено, мора да констатирам дека населбата делува хаотично и збунувачки. Таму каде што се градат нови станбени блокови нема целосен, издржан и забележлив урбан потег. Тоа се по 2 – 3 згради и околу празен простор. Изостанува чувството за јавен уреден простор, за дружење и рекреација, а просторни можности има. Не ми е намерата да откривам дивоградби, но прашувам по кои ДУП-ови се гради? Мислам дека целиот овој простор бара сериозно стручно препрочитување, исто како и останатите делови на центарот на Скопје, затоа што неговите жители имаат право на квалитетен живот, затоа што овој простор е значајна туристичка дестинација, затоа што е скап ресурс и затоа што во целина зборува за деградирано градско живеење.
Се враќам од оваа прошетке со главоболка, без рефренот „да ми дојдеш на романтика“. Се враќам во Старата скопска чаршија која е белег на мојата младост и која отсекогаш сум ја сакала. Се прави зелен кров на Мавровка, а дивоградбата на кафулето се чини повторно никнува. Плоштадот „Скендер бег “ – со издржани архитектонски елементи, но со дискутабилна урбана поставка зјае празен, што значи дека не ја исполнува функцијата за која е наменет – јавен простор за спонтано собирање на граѓаните. Служи за празнични и за други видови собири. Ми паѓаат на ум основните премиси на урбанистичкото планирање, создавањето и негувањето град: сѐ што се планира и гради во општините мора да е усогласено со потребите, визиите и проектите на градот. Културно-историските споменици, историските агломерации и природни богатства им припаѓаат на сите граѓани на државата. Тие се богатство што се чува и негува. Денес кога на голем број дуќани во чаршијата веќе им се сменети излозите во конфекциски манир, бројни објекти се надградени и многу вредности изгубени, треба да биде јасно дека грижата за заштитата и управувањето со Старата скопска чаршија не им припаѓа само на општините во кои административно се наоѓа. Со неа одговорно треба да се занимаваат добрите познавачи на проблематиката за заштита, ревитализација и туристичка промоција.
Шетајќи низ Чаршијата се присетувам на пророчката мисла на професорот Живко Поповски: „Скопје е како турли-тава полна со различни национални, социјални, културни и економски содржини. Во неа ќе се ’печат‘ сите македонски проблеми. Потребна е умешност за сѐ подеднакво да биде ‘печено’. Не смее ништо да изгори за да не се расипе вкусот на тавата.“
Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.