Последните дваесетина години Москва доживеа грандиозни промени во сферата на урбанизмот, сообраќајот, архитектурата… или послободно кажано револуционерно свртување кон западниот стил на живеење на еден мегаполис од 12 милиони жители, со секојдневна посета на уште неколку милиони од московската област. Сепак, сообраќајот остана рак рана. Градот со најголем раст на бројот на автомобили на светско рамниште си го стори своето. Генералниот впечаток за убавините на мегаполисот секогаш се намалуваа со големиот проблем на земниот транспорт. Ни најдоброто организирано и проектирано метро во светот тоа не можеше да го поправи.
„Љубовта“ кон автомобилот московјани и неговите посетители скапо ги чини. Москва е позната по своите пространи паркови и особено по богатата околина Подмосковје. И покрај огромната градежна офанзива, нејзината пространост тоа сè уште го дозволува. Но, реката Москва како главен крвоток на големиот град остана конзервативно крута и главно служи за туристички разгледи и речен транспорт, но со многу малку точки кои ја отвораат кон градот и неговите жители, а многу повеќе како автомобилско крајбрежје–набережје.
Кон крајот на 2014 година градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, објави конкурс за идејно решение на крајбрежниот простор на река Москва. За два месеца пристигнаа шест трудови. Сите проекти имаа една заедничка нишка – во буквална смисла на зборот, градот се отвора кон реката и обратно. Ова се смета за еден од најголемите инфраструктурни проекти на градот во неговата блиска историја. На тендерот победи проектанскиот бренд „Меганон“.
Јуриј Григорјан, главниот проектант вели: „Нашиот концепт е наречен Порта на иднината. Да се разгледа целиот систем на реки со големи и мали притоки и канали, како единствен екосистем заедно со реката Москва. Сите тие треба да бидат чисти, достапни и активни како заеднички систем. За централниот дел на Москва е предвидена помека еколошка стратегија. Периферната област на реката Москва се отвора кон реката и обратно, со отворање на 11 јавни места – пристаништа. И како финале на големиот проект – да се прогласи Ден на реката, како празник“.
Основни идејни параметри за величината и значењето на целиот проект:
– Простор – 10.000 ха (10% од територијата на стара Москва).
– Реката Москва да стане нова централна улица на градот (како Нева во С.Петербург).
– Не само град. Урбана концепција, но и архитектонска фасада на новата улица.
Следува серија конкурси за одделни значајни проекти по должина на река Москва.
План по етапи:
– околина на река: инфраструктура и пејзажно уредување – дo 2017 год.
– најважни градежни зафати, објекти – 2025 год.
– комплетно завршување на проектот до 2035 год.
– Еден е победникот, но во конечна обработка ќе се користат и другите идеи, а победникот -проектантската фирма „Меганон“ ќе биде главен консултант.
ПРOEKT МЕГАНОН
– Главно внимание на портите каде се судираат водните, пешачките, велосипедските маршрути образувајќи „акупунктура на интесификација“;
– Еколошки острови со филтрација на водата со многу зеленило и примена на специјални растенија за чистење на водата;
– Обработка на неколку најважни – култни точки:
– реон Мневники – Парламентарен парк
– Строгино
– Москва сити+ паркови /се друго има/
– Кремаљска набережнаја
– Територија на ЗИЛ – станбени комплекси се спуштаат, отвoраат кон реката
– Концепт на водни канали + река /заеднички проект/ – спортски зони
– 11 порти – крупни и регионални
– 26 помали реонски порти
– Зајакнување на јавниот речен транспорт, особено меѓу зоните што немаат други меѓусебни врски
– Извесни улици покрај реката Москва би се пренамениле во пешачко-парковски зони
Мора да истакнеме дека во Москва веќе постои една изградена зона, која ја потврдува во живо убавата идеја „да се живее на река Москва“. Тоа е реонот од Парк на културата до споменикот на Петар Велики. Огромен простор во кој има буквално СЕ што еден мегаполис мора да има, за да го зголеми богатството на живеење. Од културни до забавно-уметнички и угостителско-туристички содржини. Тука на отворено се одржуваат концертни настани, изложби и сл. Со многу паркови, прекрасно уредени, мали пловни езерца и убави шеталишта покрај реката Москва. Го доживуваме тој простор како нешто нестварно убаво и тоа беше директен повод да се прикаже овој голем проект како нешто реално и остварливо. Големите градоначалници и политичари се тие што реализираат вакви проекти.
Една лична опсервација. Многупати сум бил во Москва во последните повеќе од 20 години. Илјада пати сум ги кажувал моите импресии за убавината на градот, кој така брзо се развиваше во позитивна смисла, но дека никојпат не посакав да живееам во него од икс причини. Би сакал да ја доживеам реализацијата на овие убави проекти за реката Москва. Можеби мојот впечаток за убавината на живеењето во Москва ќе се промени.
Како повод за овој текст
Мал осврт на реката Вардар и Скопје. Секако, најголемиот и најзначаен инфраструктурен проект што го направи Скопје по земјотресот од 1963 год. беше Регулацијата на реката Вардар во централното подрачје на градот. Тоа ја елиминира опасноста од можните ударни поплавни бранови. Скопје доби на неколку точки убаво средени спортско-шеталишни зони. Но останаа недовршени централните делови што, за жал, со проектот „Скопје 2014“ ги уништија тие перспективни можности, кои особено ги даваше левиот брег. Узурпацијата со административните објеки во забранетата зона веднаш до реката, за една далечна иднина го спречи отворањето на Вардар кон човекот. Смешните галии само ја потврдија неразумноста на овој проект. За жал, за прочистувањето на водите на Вардар и притоките ќе мора да чекаме некои други времиња и генерации на политичари, урбанисти, екологисти и архитекти, кои ќе знаат што е вистински приоритет за скопјани и посетителите на градот. Би морале да учиме од ваквите проекти, што е и целта на презентацијата. Во нашите сфаќања за убав град мора сè повеќе да преовладува екологијата, чистиот воздух… убавината на некој нов Вардар…