Според градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, од иницијативата „Борба за Влае“ пласираат дезинформации во врска со ДУП Градска четврт С3 19.
Градоначалникот на Општина Карпош вели дека дека е дезинформација дека на спортските терени во Влае ќе се става бетон.
„Тој дел од општина Карпош е Д3- спорт и рекреација. Таму каде што имаме спортски терени, фудбалско, кошаркарско, детско игралиште, не може да биде ништо друго освен спорт и рекреација. Тоа е место каде што не се дозволува никаква градба. Ниту било какво киоскче, ниту продавниче, или кафуле или што било. Тоа значи дека граѓаните треба да бидат потполно спокојни. Во делот на спортските терени во Влае 2 ниту една лопата со бетон нема да биде ставена. Затоа нема никаква потреба за „борби“ во Влае 2“, вели Јакимовски.
Тој, исто така, објаснува дека на територијата на Влае 2, планерите од Град Скопје вцртале градинка сметајќи дека во ова населено место нема доволно простор за детски градинки споредено со бројот на жители. Урбанистичкиот план е изложен во месната заедница во Влае 2 каде што граѓаните можат да дадат забелешки.
„Не можам да разберам како некој може да се обидува да злоупотребува или да подбуцнува граѓани да се противат на изградба на објекти за детска заштита кои се однесуваат за згрижување на нашите деца токму во тој дел. Немаме намера ниту ние, ниту планерите од Град Скопје да се конфронтираат со вас граѓаните на Влае 2. Ќе го видите урбанистичкиот план, ќе си дадете свое мислење и свои забелешки. Урбанистичкиот план е изложен во месната заедница. Граѓаните нека си го дадат своето мислење за секоја своја забелешка. Потоа комисијата заедно со планерите ќе седнат и сѐ што е во интерес на граѓаните на Влае 2 ќе биде направено. Морам да ви кажам да не верувате на какви било дезинформации кои се обидуваат да ги шират поединци. Очигледно тие се вгнездија во советничките клупи на Општина Карпош врз база на дезинформации. Моја задача е да се борам против тие дезинформации со вистина, односно да се борам што е можно повеќе проблеми да им решиме на граѓаните во наредните три и пол години – вели Јакимовски, кој посочи дека зад маската „Борба за Влае“ стојат две советнички од Советот на Општина Карпош“, вели Јакимовски.
ДУП Градска четврт С3 19 за Влае 2, е на јавна анкета, а денес за планот ќе се одржи и јавна презентација.