Градоначалникот на Дебрца Игор Трајковски вчера се закани со блокади и протести доколку почне да се гради регионална депонија на просторот на оваа општина. Реакцијата на градоначалникот следува откако претходно во вторникот беше одржана Јавната расправа за студијата за оцена на влијанието врз животната средина за изградба на регионална депонија за Југозападниот плански регион.
Во рамките на проектот за изградба ма интегриран систем за управување со цврст отпад во Југозападниот плански регион кој ќе се реализира со средства од ИПА- фондовите, предвидено е регионалната депонија да се изгради во општина Дебарца, во реонот на селото Годивје. Планирано е да биде ставена во употреба до 2020 година, со тоа што во овој регион ќе бидат затворени стотина диви депонии, меѓу кои е и онаа во Струга, каде е предвидено да се изгради една од вкупно четири станици за трансфер на отпадот.