Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески за следната 2015 година најави реализација на крупно инфраструктурни зафати во градот, пред се во делот на реконструкција и адаптација на неколку главни сообраќајници.
Според него, веќе во март и април идната година ќе стартува изградбата на пет кружни текови на главниот булевар „Туристичка“, од кои два со средства од Светска банка, а останатите три со средства од буџетот на општината.
Тој најави и реконструкција на пет улици во градот, со изградба на атмосферска канализација во населбите Далјан и Воска, како и набавка на неколку современи возила за јавното комунално претпријатие во градот.
– Очекуваме на крајот од оваа или почетокот од наредната година да започне изградбата на затворениот зелен пазар што е планирано да се гради во траење од 24 месеци. Други два крупни ветени проекти што ќе ги реализираме се катна гаража и доколку најдеме инвеститор ќе започнат градежните активности и за изградба на современа автобуска станица. Во наредната година ќе започне изградбата на затворениот пливачки базен, – најави Бакрачески.