Крим, ноември 1920 година. Крајот на Руската граѓанска војна помеѓу болшевичката Црвена армија и опозиционите сили на Белата армија на фронтот во Јужна Русија се наближува. По збогувањата помеѓу оние кои остануваат и заминуваат, под француска заштита флотила од 126 брода со околу 145.000 воени лица на Белата армија со екипажот, членови на нивните семејства и други цивилни бегалци, под команда на генералот барон Петар Николајевич Врангел, помеѓу 11-ти и 16-ти ноември 1920 ја напушта својата татковина за да побара времено засолниште на Галиполи пред да ја продолжат својата потрага по нов дом.
Артемушкин, Иван Григориевич, „Хотел Јадран“, Скопје(1937)
Се проценува дека над 300.000 бегалци од Јужна Русија поминале низ балканските земји во периодот помеѓу 1919 и 1931 година, а според пописот на населението во тогашното Кралството на Србите, Хрватите и Словенците на територијата на новоформираната дражава живееле 25.615 Украинци и 20.568 Руси во 1921 година. Поголем дел од нив биле од редот на бегалците од Јужна Русија, дојдени од Крим, преку трите големи евакуации од март 1919 година, помеѓу јануари и март 1920 година и онаа последната од ноември 1920 година. Помалиот дел биле од редот на бившите руски воени заробеници од Првата светска војна од логорите на териториите од Австроунгарската Империја, коишто по распаѓањето на истата станале дел на новото кралство.
Руските емигранти на територијата на Кралството СХС дале значаен и траен придонес. Доаѓањето на висококвалификувани воени и цивилни кадри придонело кон обновата на разурнатата земја од Првата светска војна и барем делумно го надоместило големиот број загубени кадри. Се проценува дека само Кралството Србија, според својата територија од пред почетокот на Првата светска војна, изгубило дури до 1.200.000 војници и цивили од вкупното население од 3.100.000 директно или индиректно како резултат на оваа војна.
Меѓу руските емигранти коишто престојувале во Кралството СХС, дел од нив биле архитекти и инженери од кои дел делувале и на територијата на денешна Северна Македонија, а чиешто творешто и придонес се одбележува на стогодишницата на последната евакуација од Крим. Во овој текст, терминот руски емигранти се однесува на сите оние коишто потекнувале од територијата на Руското Царство без оглед на нивната етничка припадност.
Контроверзноста на темата веројатно придонела придонесот на руските емигранти во доменот на градителското наследство на Северна Македонија да почне да се истражува дури од втората половина на 1980-тите години од автори како на пример Тихомир Арсовски, Ѓорѓи Константиновски, Михаило Токарев, Кокан Грчев, од истражувачите во архивите и музеите во земјата, а подоцна и од медиумите и од интернет-порталот МАрх. Сепак, превривања во текот на изминатиот век во комбинација со историската дистанца и во голема мерка отсуството на директни наследници на руските емигранти на овие простори ги прават овие истражувања посложени, а добиените резултати поограничени.
Помеѓу руските емигранти, градители кои живееле и твореле на територијата на Северна Македонија се споменуваат (по азубучен ред на презимето):
Антонов, Владимир Аполонович, кој работел како општински инженер во Куманово и го дал својот придонес на градот преку објектите на Занаетчискиот дом во Куманово (1930), на општинската зграда во Куманово (1931), хотелот „Куманово“, уредувањето на „Долниот парк“ во Куманово, имплементацијата на првиот урбанистички план на градот и бројни индивидуални станбени објекти. Тој е прогласен за еден од петте „најкумановци“ на XX век.
Антонов, Владимир Аполонович, Занаетчискиот дом во Куманово (1930)
Антонов, Николај, син на Владимир Антонов, кој завршил архитектура на Универзитетот во Белград и работел со татко му, но трагично загинал во 1936 година.
Артемушкин, Иван Григориевич, кој имал свое проектантско биро во Скопје во периодот помеѓу двете светски војни. Тој дал значаен придонес во станбената архитектура на Скопје каде што особено се истакнуваат куќите на: д-р Рубен (1927), браќата Бојаџиеви (1931), браќата Читкушеви (1931), браќата Радулови (1934), Агоп Дикиџијан, позната како „Арапска куќа“ (1937) и др. Тој исто така бил еден од првите вработени во новоформираното Архитектонско одделение при Министерството за градежништво во Скопје во 1945 година.
Артемушкин, Иван Григориевич, куќа на д-р Рубен (1927)
Дворников, Михаил, работел во градежната служба на железниците и проектирал за потребите на истата. Веројатно негов најпознат објект е станбениот блок во близина на Универзалната Сала во Скопје, којшто е еден од ретките примери на оваа типологија во Северна Македонија.
Дворников, Михаил, „Железничката зграда“, Скопје (1946)
Даутов, Борис, имал свое проектантско биро во Скопје и дал значен придонес кон архитектурата на Скопје главно преку своите индивидуални станбени објекти на: браќата Икономови (1922), Богое Армагањан, денес Амбасада на Кралството Шпанија (1931), Ѓорѓе Симоновиќ (1938), како и магацинот на Х. Ароести (1928) во Скопје и др.
Даутов, Борис, Амбасада на Кралството Шпанија (1931)
Гусин, Валери, се споменува дека најверојатно бил руски емигрант кој раководел со изградбата на Офицерскиот дом во Битола.
Ковиков, Петар, за којшто се знае дека работел во Проектантското претпријатие за проектирање за Македонија „Проектант“ во Скопје со акцент на изработка на предмери и пресметки за објектите, а како негов проект се наведува гаражата за ЦК на КПМ во Скопје (1950).
Матвеев, Михаил, имал свое проектантско биро во Скопје и дал свој придонес во рамките на станбената архитектура во Скопје иако се занимавал и со реконструкции на поголеми објекти. Од редот на станбените објекти се истакнуваат оние на: Славко Стефановиќ (1936), Ристо Јорданов-Лазов (1939) и др.
Погадин, Николај, творел во Битола каде проектирал повеќе индивидуални станбени објекти меѓу кој се истакнува вилата на Илија Србинов (1938).
Солонцев, Николај, творел во Велес во доменот на индивидуалните станбени објекти меѓу кои се истакнуваат куќата на семејството Шукареви (1933) и двете куќи на семејството Ѓоргови.
Солонцев, Николај, куќата на семејството Шукареви, Велес (1933)
Хоменко, Константин, живеел и работел во Скопје главно на индивидуални станбени објекти, но и на верски објекти и објекти од споменички карактер. Храмот „Св. Архангел Михаил“, порано „Храм Славе“ во Автокоманда (1927 – 1934), во чијшто состав се наоѓаат и англиските воени гробишта од Првата светска војна е негова творба.
Хоменко, Константин, Храмот „Св. Архангел Михаил“, Скопје (1927 – 1934)
Од руските градители емигранти коишто оставиле творби во Северна Македонија, но не живееле на нејзината територија веројатно најпознати се:
Фон Баумгартнер, Вилјем Фјодорович, бил назначен за главен архитект при Министерството на армијата и морнарицата на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Секако негова најзначајна творба на територијата на Северна Македонија е стариот Офицерски дом во Скопје (1929) кој до земјотресот од 1963 година беше еден од најзнаменитите објекти на главниот плоштад. Пошироко на ниво на територијата на бивша СФРЈ како негови најпознати објекти се сметаат Зградата на генералштабот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во Белград (1924 – 1928) и Рускиот дом на царот Николај Втори во Белград (1933).
Фон Баумгартнер, Вилјем Фјодорович, Офицерски дом во Скопје (1929)
Краснов, Николај Петрович, е веројатно најпознатиот руски емигрант градител кој творел на територијата на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, но веројатно и најпознатиот архитект кој емигрирал на овие простори од Руското Царство. Тој во Русија меѓу другото бил и главниот архитект на Јалта, архитект на царскиот двор, дворски канцелар и член на Академијата за уметности во Петроград, и е познат по Палатата „Ливадија“ во Јалта којашто била летна резиденција на царот Николај Втори, а во која во текот на Втората светска војна се одржала и прочуената Конференција во Јалта во 1945 година. За времетраењето на конференцијата оваа палата била резиденција на американскиот претседател Франклин Рузвелт и на американската делегација. Во рамките на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, тој бил назначен за инспектор во архитектонскиот оддел за споменички објекти при Министерството за градежништво.
Краснов, Николај Петрович, црквата „Св. Архангел Михаил “ иконостат, Скопје (1932)
Веројатно како резултат на неговото образование во Московската школа за сликарство, скулптура и архитектура неговото творештво вклучува и внатрешна архитектура и работа на споменични објекти. Како негови најзначајни творби на територијата на бивша СФРЈ се сметаат Министерството на финансии, денес Влада на Србија (1926 – 1928), Министерството за шумарство, рударство, земјоделие и води, денес Министерство за надворешни работи на Србија (1923 – 1929), Архивот на Србија во Белград (1928) и внатрешното уредување на Националното собрание (1936), сите во Белград.
За неговиот градителски придонес на територијата на Северна Македонија веројатно не се знае доволно иако се споменува дека тој делувал и на овие простори. На пример се знае дека тој во 1931 година изготвил проект за Палатата на правдата во Скопје кој не е реализиран. Во литературата може да се сретне дека тој бил вклучен на јавен проект во Гевгелија. Исто така нему му се препишува иконостасот на новата капела (1932), сега црквата „Св. Архангел Михаил “ во Автокоманда изградена според проектот на Константин Хоменко.
Медведев, Александар И., е руски емигрант кој дипломирал на Архитектонскиот факултет во Белград пред да се вработи како наставник во средно техничко училиште и раководи со свое проектантско биро во Ниш, Србија, со акцент на проектирањето на станбени објекти, од кои оној на Тимофеј Никитиќ-Калмиков (1937) година е во Скопје.
Во рамките на расположливата литература се споменуваат и други градители коишто според своето име и презиме можеби можат да бидат или руски емигранти или пак да потекнуваат од руски емигранти, но за коишто нема доволно детални податоци за да се потврдат претпоставките. На пример, меѓу овие веројатно спаѓаат и С. Белјаевски, чиешто име се споменува помеѓу учесниците во изградбата на Народниот театар во Скопје, Николај Бурхановски, за кој се знае дека живеел во Скопје, каде работел на индивидуални станбени објекти кој за жал веќе не постојат, и Тимофеј Попов, којшто живеел и работел во Скопје и којшто се споменува по индивидуалната куќа на Олга Попов (1938).
Веројатно како своевидна енигма во обидот да се идентификува градителското наследство на руските емигранти е и ликот на Елена Бокус која во литературата се јавува како една од првите жени архитекти на тлото на Северна Македонија, а за која се знае дека живеела во Скопје каде главно работела на индивидуални станбени објекти. За жал во отсуство на подетални податоци, познато е дека го работела проектот за индивидуалната семејна куќа (П+1) на Јован Ташковиќ на ул. „Хајдук Велко“ („Егејска“) во Скопје.
Елена Бокус, индивидуална станбена куќа. Скопје
Се чини дека комбинацијата на Првата светска војна, Октомвриската револуција и Руските граѓански војни довеле до ситуација која резултирала во масовно иселување од Руското Царство низ целиот свет, а во потрага по нов дом. Скоро истовремено на престолот на новоформираното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците доаѓа Кралот Александар Први Караѓорѓевиќ за кој се смета дека имал длабоки симпатии и врски со Руското Царство. Меѓу другото, нему кум му бил рускиот цар Александар Втори, две од неговите тетки, инаку ќерки на кралот Никола Први Петровиќ-Његош на Црна Гора, биле мажени во руското царско семејство, а тој самиот го посетувал Военото училиште во Петроград. Оттука се смета дека тој го поддржал доселувањето на руските емигранти на територијата на неговото Кралство.
За самите емигранти понудата од пријателски расположена земја со сличен јазик, култура и религија (барем во источниот дел на Кралството) претставувала релативно атрактивна дестинација, ако не за населување, барем како појдовна база до нивното крајно одредиште. Оттука се смета дека од оние коишто останале подолго на територијата на Кралството најголемиот број од нив останал за период од околу 20 години помеѓу 1921 и 1941 година.
Придонесот на руските емигранти градители во рамките на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците е значителен, и тоа особено во престолнината Белград каде се проценува дека 10 проценти од сите, односно околу 20.000 сочувани архитектонски проекти во Историскиот архив на Белград се од редот на овие околу 70 на број случајни доселеници. Придонесот на руските емигранти градители во рамките на Северна Македонија исто така е значаен, но веројатно не е доволно истражен.
Центарот на Скопје, во времето на градоначалникот Јосиф Михаиловиќ
За жал историската дистанца, отсуството на директни наследници и политичките контроверзности асоцирани со нивното присуство и делување на овие простори веројатно никогаш нема да овозможат да се создаде целосна слика за нивниот придонес. Кон ова веројатно дополнително влијае и фактот дека дел од историските документи се изгубени во минатиот период, дека сè уште во архивите има проекти за коишто авторите не се познати, но и фактот дека можеби дел од нивното творештво е потпишан од друг архитект или инженер доколку тие не биле овластени сами да си ги потпишат своите проекти.
Како и да е, и настрана од политиката, несомнен е фактот дека тие дале значаен придонес и траен белег на средината во која делувале и се дел од градителите коишто го создаваат и одбележуваат градителското наследство од првата половина на 20-тиот век на територијата на Северна Македонија, за што им благодариме и се сеќаваме на нив!