Насловна / Архитектура / Градител на Новиот свет

Градител на Новиот свет

Thomas_Jefferson_by_Rembrandt_Peale,_1800

За ретко која личност во историјата на човештвото може да се каже дека била гувернер (1779-1781), прв во историјата на својата земја министер на надворешни работи (државен секретар, 1789-1794), втор во историјата на својата земја потпретседател (1797-1801), трет во историјата на својата земја претседател (1801-1809) и основач на првиот државен универзитет во својата земја (1825).

Станува збор за третиот претседател на САД, Томас Џеферсон (Thomas Jefferson, 1743 – 1826) од Шадвел (Shadwell), Вирџинија, кој се стекнал со своето образование во вториот најстар колеџ во земјата, по оној во Харавард (Harvard), Колеџот на Вилијам и Мери (College of William and Mary) во Вилиjамсбург (Williamsburg), престолнината на Вирџинија.

Овие достигнувања сами по себе се исклучителни за кого било, но значајноста станува уште понагласена доколку се земе предвид дека оваа личност не само што е главниот автор на Декларацијата на независност (Declaration of Independence,1776) туку дека и како нејзин потписник се смета за еден од основоположниците на Соединетите Американски Држави и за голем поборник на слободата и демократијата воопшто.

По тригодишни студии во овој колеџ тој, во отсуство на правни факултети во земјата, студирал пет години право кај адвокатот Џорџ Вајти (George Wythe), за во 1767 година да го положи правосудниот испит и стане член на адвокатската комора во Вирџинија (Virginia Bar).University_of_Virginia_Serz_1856_edited

Универзитетот на Вирџинија
Томас Џеферсон бил сестрана личност со многу таленти и класично образование кое вклучувало латински, грчки, литература, математика и виолина. Биографите го опишуваат како образован фармер-плантажер, колекционер на книги, пронаоѓач, историчар, филозоф, дипломат, државник, но и архитект. Тој никогаш не се стекнал со формално архитектонско образование, така што се смета за самоук архитект.

Пред да стане државен секретар, тој имал функција на амбасадор во Франција. За време на својот престој во Франција тој го изучувал архитектонското наследство на земјата преку архитектонски историчари и посети на објекти. Дополнително тој се самообразувал во доменот на архитектурата и преку својата импресивна библиотека на книги од областа на уметноста и архитектурата.

За големината и квалитетот на неговата лична колекција на книги, веројатно најдобро зборува фактот што таа послужила како основа за формирање на прочуената Конгресна библиотека (Library of Congress). Тој по пензионирањето ја продал својата колеција на книги на националната влада за да ги исплати големите долгови, кои резултирале од начинот на живеење што ги надминувал неговите финансиски можности.
Се смета дека архитектонските теории на Андреа Паладио (Andrea Palladio, 1508-1580) одиграле големо влијание врз архитектонскиот развој и израз на Џеферсон, и дека тој преку „Четирите книги за архитектурата“ (Quattro Libri) на Паладио, од коишто имал повеќе копии во својата библиотека, ги научил основните принципи на класичното проектирање.

Monticello_2010-10-29

Семејниот дом Монтичело

Дополнително, творештвото нa архитектот Џејмс Гибс (James Gibbs, 1681-1754), француските неокласични објекти како Hôtel de Salm во Париз, и особено римските руини на Мезон Каре (Maison Carrée) во Ним (Nimes) извршиле големо влијание на Џеферсон како архитект, за кого Мезон Каре бил најдобар зачуван пример на калсичнен дизјан.
Во развојот на Џеферсон како архитект се смета дека голема улога одиграла и соработката со истакнатите архитекти од овој период, како на пример онаа со Бенџамин Хенри Латробе (Benjamin Henry Latrobe, 1764-1820), британски неокласичен архитект, којшто тогашниот претседател Џеферсон го вработил како Надзорник-инспектор (surveyor) на јавните објекти во САД, како резултат на што Латробе во текот на наредните 14 години испроектирал голем број на важни јавни објекти во американскиот главен град Вашингтон и во Филаделфија вклучително со Капитолот на соединетите држави (United States Capitol) и колонадите на Белата куќа (White House), последниве заедно со Џеферсон, во Вашингтон. Преку ова Џеферсон ја вовел архитектурата на обновениот грчки стил (Greek Revival) во земјата по прв пат.
Џеферсон зад себе оставил значаен творечки опус од кој до денес се сочувани над 600 страници од архитектонски документи, кои вклучуваат архитектонски цртежи и текстови за архитектурата коишто се чуваат во Историското здружение на Масачусетс (Massachusetts Historical Society) како дел од Колекцијата на Кулиџ (Coolidge Collection).

Дел од објектите што Џеферсон ги испроектирал сè уште опстојуваат и се доказ за неговиот квалитет како архитект, и од нив веројатно најмногу се истакнуваат: неговиот семеен дом Монтичело (Monticello) во Шарлотесвил (Charlottesville), Вирџинија; неговиот омилен втор дом во Поплар Форест (Poplar Forest) во Бедфорд Коунти (Bedford County) и Универзитетот на Вирџинија (University of Virginia) во Шарлотесвил.

Poplar_Forest7

Поплар Форест (1806-1826)
Семејниот дом Монтичело (мала планина на италијански) е лоциран на врвот на рид сместен во рамките на голема парцела во рурална локација. Ова е објектот на којшто тој во практика ги испробувал своите архитектонски идеи. Изградбата на оргиналниот, првиот, Монтичело се одвивала во периодот
1768 – 1784 година, за потоа да се продолжи со изградбата на „новиот“ Монтичело во периодот 1794 – 1805 година. Во овој објект централно место зазема Пантеонот (Pantheon) кој е намален по големина соодветна за станбени објекти, слично како во Вилата Ротонда (Villa Rotonda) на Паладио, а којшто се наоѓа во центарот на објектот со основа во форма на издолжен крст со две мали порти на двете главни фасади на објектот.

Помеѓу двете порти сместени се главниот хол и дневната соба. Од холот на лево и десно се протегаат ходиници во чии рамки се сместени скалите, додека другите соби се лоцирани на двете страни на ходниците.

Помошните простории на објектот се во подрумот, додека на мезанинот се наоѓаат спалните соби. На вториот кат на западната фасада се наоѓа прекрасна просторија сместена под октогоналната кула која го краси објектот.
Поплар Форест (1806-1826) е уникатен октогонален објект на две нивоа, сместен во рамките на истоимената плантажа за тутун од 1.947 хектари, којашто Џеферсон и неговата сопруга Марта Вајлс Скелтон (Martha Wayles Skelton) ја наследиле од нејзиниот татко. Објектот е сместен во голема формална октогонална градина опкружена со кружна патека со алеи на дрвја од двете страни.
Без сомнение, кампусот на Универзитетот на Вирџинија, првиот државен универзитет во САД, во Шарлотесвил, се смета за негово врвно архитектонско остварување. Кампусот, таканаречениот тревник „Академско село“ (The Lawn/ ‘Academic Village’, 1817), е организиран во рамките на три издолежни правоаголни тревници, секој со големина од по околу 0,8 хектари. Паралелно по надолжните страници на тревниците се протегаат четири низи од по пет двокатни павилјони поврзани помеѓу себе со колонади. Секој од павилјоните бил посветен на одредена академска дисциплина.

Професорите живееле и предавале во павилјоните. Секој од павилјоните бил изграден во одреден или варијанта на римски стил на градење како резултат на што студентите пред себе го имале изложен севкупниот спектар на класичниот дизајн. Во центарот на кампусот, на крајот на централниот тревник, лоциран е Пантеон во размер кој е 2/3 од оргиналниот, а во која Ротонда оргинално била сместена универзитетската библиотека.University_of_Virginia_Rotunda_in_2006

Вилата Ротонда

Оригинално ротондата била изградена во периодот 1822 – 1826 година, за потоа да биде преизградена во периодот 1898 – 1899 по пожарот во 1895 година во кој оргиналниот објект изгорел. За Спиро Костов (Spiro Kostoff, A History of Architecture) „конецптот на индивидуални павилјиони формално поставени во рамките на неокласична комопозиција претставуваат своевидна аналогија на федералната унија според Џеферсон со низа на самоуправни држави коишто работат заедно врз заеднички национални цели“.
За квалитетот на архитектурата на Џеферсон најдобро говори фактот што во 1987 година УНЕСКО ги има прогласено Монтичело и Универзитетот во Вирџинија како заштитени локалитети на Светското културно наследство (World Heritage Site), а во 1993 година Американскиот институт на архитекти (American Institute of Architects) му има доделено посмртно Златен медал (Gold Medal).

Век и повеќе пред овие признанија, архитектурата на Џеферсон била признаена и по тоа што според него бил наречен и стил во архитектурата – Џеферсонска архитектура како препознатлива американска форма на нео-класична или нео-паладијанска архитектура која била популарна во периодот на основањето на Америка напоредно со обновениот ентузијазам за обновата на грчката архитектура (Greek Revival, 1790s-1830s) за коишто тој има придонесено.

Како клучни карактеристики на Џеферсонската архитектура се издвојуваат Паладијанскиот дизајн, примената на портикото со педимент на главните влезови, класичните редови на столбови, издигнатото приземје, фасади од црвена фигована тула со бело обоени столбови и опшивки, примената на октогоналните форми и на кинески огради, но и скриените скромни саклишта. Се смета дека големиот респект кон архитектонските теории на Паладио свразни со нивните врски со античкиот Рим, се резултат на реализацијата на Џеферсон дека постојат силни политички конотации вградени во архитектурата на античкиот Рим коишто тој се обидел да ги пренесе во Америка преку проектирање на многу јавни објекти во нео-римскиот стил.
Како што неговата архитектура била признаена, така и неговата оставнина ги признава достигувањата во светската архитектура преку Фондацијата на Томас Џеферсон (Thomas Jefferson Foundation) и Универзитетот во Вирџинија (кој не доделува почесни титули), коишто од основањето на фондацијата во 1966 година доделуваат Медал за право на фондацијата Томас Џеферсон (The Thomas Jefferson Foundation Medal in Law) и Медал за архитектура на фондацијата Томас Џеферсон (The Thomas Jefferson Foundation Medal in Architecture), најголеми признанија кои ги доделува универзитетот. Прв добитник на Медал за архитектура на фондацијата Томас Џеферсон бил истакнатиот американски архитект Мис Ван Дер Рое (Mies Van Der Rohe) во 1966 година.
Доколку се суди според неговиот надгробен епитаф: „Тука почива Томас Џеферсон, авторот на Декларацијата за американската независност, на Статутот на Вирџинија за религиозна слобода, и татко на Универзитетот на Вирџинија“, Џеферсон бил скромна личност и сакал повеќе да биде запаметен по своите идеи отколку по своите политички достигнувања, но според францускиот Маркиз де Частелух (Marquis de Chastellux) „бил првиот Американец којшто ги консултирал убавите (визуелните) уметности за да знае како да се заштити себеси од времето (атмосферските влијанија)“.

Испрати коментар

Scroll To Top