Детската градинка „Пчеличка“ (слов. Čebelica) во Кочевје изградена е на земјиште на поранешна индустриска фабрика, како дел од проектот за регенерација на овој словенечки град.
Новиот простор за локални деца од предучилишна возраст ја нагласува слободата на избор на децата преку создавање различни катчиња, правото на приватност низ поизолирани простори, како и можноста за учење преку набљудување.
Преку внимателна употреба на градежни материјали со тактилни површини, се придонело и за развој на просторна организација и чувствителност за 350 деца и оние кои се грижат за нив.
Содржини организирани околу „локва“ и „рид“
Ова предучилишно одделение е затворено за остатокот од урбаното ткиво на север од парцелата, додека на југ се отвора со игралиште, а од оваа страна и внатрешните игротеки создаваат дијалог со нивниот контекст.
Објектот ги организира своите содржини околу два атриуми, кои архитектите од љубљанската фирма Svet Vmes, кои го потпишуваат проектот, ги нарекоа „локва“ и „рид“, а кои овозможуваат сончевата светлина да навлезе во сите делови на внатрешниот простор.
Овие простори придонесуваат и за просторното искуство, со оглед на тоа дека помалите деца кои се на приземје се во директна врска со игралиштето на отворено, додека собите за постари деца на горниот кат имаат директен пристап до игралиштето на кровот.
На овој начин површината на објектот е минимизирана, а се создадени се и доволно надворешни игралишта и директен пристап до сите игротеки, објаснуваат архитектите.
Неправилно обликуваните отвори на фасадата го омекнуваат објектот и ги поставауваат децата како живи актери во архитектурата, бидејќи сите деца сакаат да се качат во процепот на прозорецот и таму да си играат.
Важно е да се нагласи дека проектот е победничкото решение на отворен архитектонски конкурс.
Тунел за побрзо качување и спуштање
Оваа зграда живее преку своите корисници и е сцена за секојдневниот живот на децата, нивните родители, воспитувачите, готвачите и хигиеничарките. Во внатрешноста е дрвената конструкција е максимално изложена, за целиот просторот да биде што потопол.
Внатрешните дебели ѕидови овозможиле да се складираат кревети, играчки и други потребштини во нивната внатрешност, а има и овални фасадни отвори кои им овозможуваат на најмалите да ги видат своите пријатели кога ќе дојдат наутро или бабите и дедовците и родителите кои доаѓаат по нив попладне.
До главните скали организиран е и тунел кој е наменет само за детска употреба, за да можат децата да ги претекнат возрасните при качување или симињање.
Од самиот почеток на реализацијата на проектот, општината се залагала за градинка која ќе ги отелотвори идеалите за одржлив развој, а објектот е речиси целосно изработен од дрвени елементи и дрвени градежни материјали.
Конструкцијата е претежно изградена од вкрстено ламинирано дрво, а се е изолирано со дрвени влакна и заштитено со дрвена вентилирана фасада.
Објектот го добил и стандардот „Пасивхаус“, а меѓу другото се користи и со далечинско греење со согорување на биомаса од дрво.