Насловна / Архитектура / Градинка во населба Пролет: Архитектура за најмалите по највисоки стандарди

Градинка во населба Пролет: Архитектура за најмалите по највисоки стандарди

При урбанистичкото планирање на нашите градови, сè почесто сме сведоци на доминација на содржини со станбено домување. Како резултат на тоа, во одредени делови од градот згуснува населеноста, а тој концепт наметнува и потреба за планирање на други намени кои треба да му овозможат нормално функционирање на тој планиран опфат, односно нормално функционирање на урбаните ткива во еден град.

Една од содржините која сè почесто недостасува, а чиј недостаток посебно го чувствуваат граѓаните, се установите за згрижување на деца од претшколска возраст и јасли, односно детските градинки. Зголемувањето на бројката на станови подразбира и потреба од планирање на нови детски градинки бидејќи во реалноста тоа се рефлектира со многу проблеми за родителите да обезбедат место за нивните деца во постоечките детски градинки што навистина го отежнува и семејниот буџет во потрагата по различни други алтернативи (приватни градинки, домашна дадилка итн.) и начинот на функционирањето на еден град (поради сè почест случај на потреба да се носи детето во градинка која се наоѓа во сосема друга населба од градот).

Затоа, израдува веста за изградбата на нова детска градинка во населба Пролет, Општина Центар во Скопје. Градежната парцела се наоѓа во околина на доминантно зелени површини и станбено домување, во непосредна близина на Основното училиште „11 Октомври“, со вкупна површина од 1.992 квадратни метри, од која градежна се 1.334 квадратни метри. Притоа, локацијата е приклучена на постоечката инфраструктура. Изградениот дел, детската градинка е со катност По + П + 1, со вкупна нето-површина од 2.760 квадратни метри и вкупна бруто-површина од 3.276 квадратни метри.

Процентот на изграденост е 60,76 %, а коефициентот на искористеност е 1,18. Височината на објектот од кота на тротоар до венец изнесува 7,15 метри. Согласно со изводот од ДУП и проектната програма, архитектонската фирма „ИНКОМ Инженеринг“ го изработува основниот проект, а како автори се потпишуваат архитектите Снежана Костовска и м-р Билјана Кубуровска, во корелација со надворешниот консултант, архитект Игор Котларовски. Со оглед на тесната локација, која се наоѓа во централното градско подрачје со густа населеност, а која е формирана во аголна поставеност меѓу собирната улица „Никола Карев“ и станбената улица „Мирче Ацев“, за проектантите е вистински предизвик да излезат во пресрет на сите услови предвидени за детски градинки, а воедно и да ги испочитуваат барањата на инвеститорот.

Акцентот на истата е поставен на обезбедување удобен простор на децата за игра и развој во раните фази и затоа таа е проектирана целосно во функција на нивните потреби. Со отворениот дел се обезбедени 20 % зеленило од градежната парцела кое е ориентирано кон југоисточната страна од парцелата. Во однос на проектантскиот пристап, aвторите на проектот, објаснија подетално:

„Во предвиденото техничко решение посебно е внимавано сите пристапи и влезови да бидат одделени.

  • ГЛАВНИ влезови (два) за родители и за деца
  • АДМИНИСТРАТИВЕН влез за воспитувачи и за администрација
  • ВЛЕЗ за вработени во кујна
  • Влез (ЕКОНОМСКИ) од подземен паркинг
  • Посебен пристап за возила во подземен паркинг
  • Помошен (ПП) излез
  • Излез на деца (од занимална во двор)
  • Излез на отпад

Поради тесната локација, пристапот кон главните влезови во самиот објект е лесно пристапен, додека целата локација е оградена и обезбедена.

Обезбеден е подземен паркинг-простор за дел од вработените, со контролиран пристап преку армиранобетонска рампа во објектот, додека други паркинзи обезбедени се на заеднички паркинг-простор со ОУ„11 Октомври“.

Детската градинка е предвидена со капацитет за околу 150 деца, организирани во девет занимални, по возрасни групи, од кои осум се ориентирани кон југозападната страна, а една занимална во приземје добива ориентација кон југоисточната страна.

Во приземјето, главниот пристап е преку два влеза и тоа еден служи за прием на деца од 2 до 4 години, а друг служи за прием на деца на возраст од 4 до 6 години. Влезовите се контролирани преку посебна просторија за мониторинг, сместена на почетокот на едниот главен влез. Децата од 2 до 6 години се сместени во приземје во пет занимални, од кои преку санитарен дел може да се излезе во дворот, каде е предвидена урбана градина со сандаци со песок и со земја (сензорна градина), детски реквизити за игра – до кои можат да пристапат и деца со попреченост во движење, како и фасадно поставување на детска болдер карпа.

Петте занимални во приземјето се групирани по две занимални и санитарен дел и една занимална со најголема возрасна група на деца (5-6 год.) со свој тоалет и излез во двор. Исто така, предвидена е и централна повеќенаменска просторија со пристап од двата главни влеза. Поради тесната локација, во приземјето, долж повеќенаменската просторија предвиден е отворен трем (заедничка отворена занимална) со дрвен под, каде се пристапува преку големи лизгачки стаклени врати, кои имаат можност да се отворат и да се спојат заедно со повеќенаменската просторија во една целина. На страничниот фасаден дел во тремот предвидена е и детска болдер карпа.

Во приземјето преку посебен администартивен влез за вработени се влегува и во просторија за лекар со изолација за дете и во просторија за стручни соработници. Вработените во приземјето преку групни гардероби и санитарен дел пристапуваат кон занималните, додека на катот преку економски скали и гардероби пристапуваат кон јаслите.

 

 

 

На катот сместени се четири јасли, групирани по две занимални и заеднички простор за санитарен дел.  До нив се пристапуваа преку две скалишни јадра соодветно од главните влезови во приземјето. Покрај едното скалишно јадро предвиден е и лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движење.

На катот предвидена е галерија ориентирана спрема повеќенаменската просторија и предвидената дрвена бина, со сигурносна памфлекс ограда и пескарени елементи, како и три дрвени куќички кои имаат улога на видиковец. Долж галеријата, соодветно на делот на приземјето, над отворениот трем, предвидена е отворена тераса со дрвен под, на која во подот има отвор со еластична мрежа во челична конструкција, анкерувана на АБ-плоча, сигурносно обезбедена со дупла мрежа, која служи за безбедна игра на децата, но истовремено овозможува и транспарентност кон долниот трем.

На катот е сместен и делот за администрација, каде се предвидени просторија за раководител, сала за состаноци, просторија за благајник и за сметководител, со свој санитарен дел.

Во подрумскиот дел сместена е централна кујна која е во функција само за потребите на градинката. До кујната вработените пристапуваат преку надворешни скали и преку контролиран пристап со картички. Додека снабдувањето на кујната е преку надворешен пристап од армиранобетонска рампа, а излезот на отпад е преку хидраулична платформа сместена под скалишниот пристап.

Снабдувањето со готова храна на приземјето и на катот е преку хидрауличен сервисен лифт, каде на двата ката преку просторија има изнес на готова храна и внес на нечисти садови. Во приземниот дел сместена е помошна кујна, која служи за миење на садови и претпростор за излез на отпад, додека на катот на истиот дел сместена е млечна кујна.

Во подрумскиот дел покрај кујната, сместена е и централна перална, со  одделен простор за директно собирање нечиста постелнина која од приземјето и од катот се пушта преку цевка со вратнички.

Покрај нив во подрумскиот дел сместена е машинска просторија со директен пристап од паркинг-просторот. Сите предвидени материјали се во склад со важечките технички прописи и нормативи за објекти, трајни, природни, естетски издржани и достапни на пазарот. Сите мерки кои се презедоа при изградба на објектот, се во склад со пропозициите за нивната употребливост дефинирани согласно со Законот за градење на РМ, Правилникот за просторно и урбанистичко планирање односно со валидните акти за реализација на предметниот локалитет содржани во Изводот од Деталниот урбанистички план“- нагласија проектантите од ИНКОМ Инженеринг.

Основниот проект е изработен во 2020/2021 година, а изведбата е завршена во 2025 година. Оваа детска градинка е егзактен пример на архитектура креирана за најмалите – децата,  спрема стандарди и насоки кои ги препорачува ЕУ, а тие се: да има максимално добро организирани простори во кои децата ќе престојуваат, учат и низ игра ќе го спознаваат животот, да биде енергетски ефикасен и одржлив објект, да биде достапен за престој на деца со инвалидитет, простор кој ќе биде изведен од природни материјали, кој ќе нема наметливи бои, туку неутрален тоналитет од природата, а доколку се применат некои тонови тие треба да се нежни и пастелни, што психолошки е докажано дека влијае на детскиот развој и однесување, понатака создавање прегледни простори, со стаклени прегради, кои ќе им овозможат на негувателите и на воспитувачите подобра прегледност на секое дете. Употребата на концептот на Slow food – одгледување на земјоделски производи, односно катчиња во дворот каде децата имаат можност да учат за одгледувањето на земјоделски култури, а потоа и да ги користат во својата исхрана, е уште еден плус за оваа градинка.

Комплетно овој простор дише со поетичност, стимулирајќи го секое дете да се развива правилно и согласно со неговата возраст. Секој архитект би бил привилегиран да работи на ваков проект, кој ќе го врати во детската возраст, па од позиција на веќе возрасен човек повторно да влезе во детскиот свет и да создаде архитектура за најмалите. Во тој контекст, една од проектантите, архитект Снежана Костовска ќе изјави: „Како родител на две деца и сама се соочував со лошите услови во кои децата престојуваат целодневно. Предизвикот и мотивацијата да се  создаде објект од ваков размер со тоа беа уште поголеми. Секако огромна  благодарност за  референтот од Општината, архитект Игор Котларовски кој ни даде одврзани раце  да го реализираме сето тоа, како и за целиот тим на инженери кои беа вклучени со своите фази од основниот проект.“

Оваа детска градинка нека биде светол пример за понатамошни проекти и на други детски градинки кои ќе задоволуваат високи стандарди за правилен развој на децата и за здраво општество.

Автор: Ивана ГРУПЧЕ, дипл. инж. арх.

Фото: Снежана Костовска, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top