Познатото хрватско архитектонско студио „Два архитекта“, зад коешто стојат Томислав Ќурковиќ и Зоран Зидариќ, проектираа уште еден интересен проект. Се работи за градина- павилјон во Вараждин, кој е реализиран како доградба на семејна куќа. Уште во 2003 година, како резултат на ширењето на семејството, инвеститорот ја купил соседната куќа која ја реконструирал, а во 2006 година ја додал на постоечката во која до тогаш семејството живеело. Пет години подоцна, формирана била уште една единица во форма на градина- павилјон.
Архитектите од самиот почеток на проектот биле фокусирани на односот куќа-природа (архитектура и хортикултура), покажувајќи како концептот и пристапот зависат од функцијата на просторот, времето на настанувањето и позицијата во рамките на парцелата. Позицијата на оваа градина-павилјон овозможува долг широкоаголен поглед на околното зеленило, истовремено обезбедувајќи ја и семејната неопходна интимност.
Павилјонот се состои од два ката, кои обединуваат различни функции. Горниот – светол, бел, декориран за место на одмор и работа, а долниот – темен, елементарен и со акцент на естетиката на структура служи за вежбање. Благодарение на долгите стаклени површини, просторот пропушта голема количина на светлина, која придонесува за атмосферата на просторијата во павилјонот.