Некоја полесно, некоја потешко, земјите во светот ја поминаа пандемската пролет оваа 2020 година. Летото, главно донесе ограничено олеснување на строгите мерки за социјално дистанцирање и заштита од вирусот Ковид-19, а со што дојде и најмалку до благо зголемување на бројот на заразени коешто засега во повеќето земји, за среќа, нема доведено до надминување на расположливиот капацитет на локалните здравствени служби. Во меѓувреме бројот на заразени и починати континуирано расте низ светот.
Во рамките на една ваква веројатно делумно стабилизирана ситуација со пандемијата, во услови кога на вакцина со надеж се очекува кон крајот на годинава, владите на земјите низ целиот свет се обидуваат да ја најдат најприфатливата за нив рамнотежа помеѓу контролата на пандемијата и потребата за заживување на економската активност за да се ублажи колку е можно повеќе недоминливата и несопирливата рецесија како на национално, така и на глобално ниво.
Во една ваква состојба, британската Влада на премиерот Борис Џонсон ја промовираше својата програма за справување со рецесијата во земјата под слоганот „Гради, гради, гради“ (Build, Build, Build) на 30-ти јуни 2020 година. Преку оваа програма Владата планира да инвестира 40 милијарди фунти во проекти за изградба на инфраструктурни и станбени објекти во рамките на визија во која на градежната индустрија се гледа како на двигател на економската обнова во периодот на и по пандемијата.
Така на пример мерките за поддршка на станбената изградба во Англија вклучуваат одвоени 12 милијарди фунти за изградба на 180.000 економски достапни станбени единици за купување или изнајмување во текот на наредните осум години, вклучително со 1.500 куќи коишто ќе им се продадат на купувачите со 30 проценти попуст. Дополнително, 400 милиони фунти од Фондот за претходно изградено земјиште (Brownfield Land Fund) се определени за изградба на околу 24.000 станбени единици во седум региони на Англија. Изградбата на уште 7.200 нови домови ќе биде поддржана и преку средства во износ од 450 милиони фунти од Фондот за изградба на домови (Home Building Fund), а преку кои на помалите градежни фирми ќе им се одобри пристап до финансиски средства за изградба на истите.
Се разбира, секоја влада како британската така и оние во другите земји се обидуваат да ги изнајдат, според нивното мислење, најдобрите мерки на финансиска поддршка коишто би придонеле за стимулирање на економската активност со цел постепено да се надминат последиците на рецесијата предизвикани од пандемијата. Веројатно, она што го чини британскиот пристап делумно исклучителен е значајната промена на законската регулатива со која Владата сака да ги поддржи најавените мерки за финансиска поддршка.
Така премиерот Борис Џонсон ја најави најрадикалната реформа на системот на урбанистичко планирање од периодот по Втората светска војна па досега, со која се сака да се направи полесно да се градат подобри домови на оние места каде што луѓето сакаат да живеат. Како резултат на предложените промени ќе биде олеснета промената на намената на земјиштето и на постојните објекти во централните подрачја без потреба од урбанистичка согласност преку што се очекува дека ќе се овозможи поголема слобода за изградба преку обнова на ненаселени (празни) или напуштени објекти.
Така според новите правила ќе биде полесно постојните деловни објекти вклучително со новонапуштените продавници и слични објекти да се адаптираат во станбени објекти. Исто така, на пример продавниците ќе можат трајно да се користат како кафетерии или пак како канцеларии без урбанистичка согласност и одобрение на локалната власт. Но истовремено, други видови на клучни намени за локалните заедници, како на пример, пабовите, библиотеките и селските продавници и слични објекти ќе бидат изземени од можноста за лесни пренамени.
Дополнително, веќе нема да биде потребно да се добие вообичаената урбанистичка согласност за да се срушат и преизградбата на празните и напуштените станбени и комерцијални објекти доколку со нивната преизградба се изградат нови станбени објекти. Исто така, сопствениците на станбените објекти ќе можат да ги надградат сопствените објекти преку забрзана постапка за издавање урбанистичка согласност, но која ќе биде зависна од консултации со соседите.
Во моментов, Владата работи забрзано на овие закони коишто се очекува да бидат донесени во септември годинава. Од гледна точка на Владата овие мерки треба да придонесат за обнова на централните подрачја во градовите и населбите преку пренамена на празните комерцијални објекти со што би се олеснила изградбата на претходно изградените парцели и би се намалил притисокот за потребата за изградба на зелените површини. При ова се очекува градителите да се придржуваат на високите стандарди и правила за изградба, но без непотребните бирократски процедури.
Исто така, Владата ќе почне да разгледува како земјиштето во јавна сопственост може поефикасно да се управува и може подобро да се искористи за изградба на нови домови, подобрување на квалитетот на животната средина, како и стимулирање на можностите за раст во заедниците ширум земјата. Подоцна во текот на оваа година британската Влада планира да го промовира и Националниот инфраструктурен план (National Infrastructure Plan) и мерки за понатамошна дерегулација, преку кои Владата во партнерство со населените места низ земјата ќе работи врз изградба на одржлива економска обнова.
Веројатно најголемо внимание на медиумите предизвика Одлуката за измени и дополнувања на правилата за Дозволените права на изградба [The Town and Country Planning (General Permitted Development) (England) (Amendment) (No. 2) Order 2020 (SI 2020.755)] која стапува на сила на 31-ви август годинава. Според оваа одлука секоја куќа израдена помеѓу 1-ви јули 1948 и 28-ми октомври 2018, којашто не е заштитен објект на градителско наследство, споменик, се наоѓа во заштитена амбиентална средина или сл., ќе може да се надгради за да се користи за домување, доколку надворешното обликување е слично на оригиналниот објект. Така индивидуалните станбени објекти и индивидуалните станбени куќи во низа со висина од два ката, ќе може да се надградат со дополнителни два ката, а оние коишто се само со еден кат, ќе можат да се надградат со еден кат.
Дополнително, се дозволува и надградба на одредени нестанбени објекти со тоа да постојните објекти од два ката ќе можат да се надградат со два ката, доколку со надградбата се градат станови. Исто така постојните објекти со 3 или повеќе катови ќе можат да се надградат до најмногу 30 метри височина, итн.
Во услови кога мнозинството вработени во јавниот и приватниот сектор работи на далечина, новите мерки на Владата претставуваат исклучителен предизвик од аспект на нивно соодветно разбирање, како истите би можеле да почнат да се имплементираат. Дополнително прашање е во која мерка сегашниот момент, овозможува соодветно согледување на долгорочните импликации од нивната имплементација?
Во периодот кога брзината на распростирање на пандемијата беше највисока и опасноста за заболување реална, особено како резултат на очекувањата за надминување на расположливите капацитети на националните здравствени служби, во медиумите почнаа да се појавуваат написи за тоа како по завршувањето на пандемијата, најверојатно ќе се создадат предуслови за создавање на еден подобар свет за сите жители на оваа планета.
Во која мерка очекувањата на јавноста ќе бидат исполнети преку имплементацијата на националната програма за економска обнова „Гради, гради, гради“ веројатно само времето ќе покаже. Со оглед дека најголемиот број од најавените мерки веќе биле спроведени во некоја друга или поограничена појавна форма и во минатато, веројатно може да се каже дека станува збор за нешто што е веќе видено и коешто веројатно не секогаш резултирало во вистински придобивки за локалната заедница.