Насловна / Вести / Градежниот отпад како градежен материјал

Градежниот отпад како градежен материјал

Глобалниот пазар на индустриски отпад во последните години бележи сериозен раст првенствено поради брзата индустријализација. Аналитичарите предвидуваат раст на овој пазар од 11 % за периодот 2016-2020, а денес во светот се генерираат повеќе од 11 милијарди тони индустриски отпад, кој неопходно е правилно да се управува, бидејќи во спротивно ќе се надминат капацитетите на депониите што би резултирало во многу нови нелегални депонии. Но, многу поважен чекор кон одржливо управување со овој вид отпад, е пронаоѓање начини за негова повторна употреба. градежен отпад како материјал_01

На тој начин се заштитува животната средина, се заштедува време и други ресурси, од кои најважни за економијата несомнено се финансиските заштеди. Имајќи предвид дека во земјите од ЕУ28 (вклучувајќи ја и Норвешка), учеството на отпадот од градење и рушење е повисоко од учеството на кој било друг вид отпад (34 %), разбирливо е дека неговата повторна употреба има голем потенцијал и тоа повторно во градежниот сектор. На глобало ниво пак, во 2015 година, сегментот отпад од градење и рушење исто така доминира со 28 % удел на пазарот.

градежен отпад како материјал_07

ReWall – материјали за обложување ѕидови од картонска амбалажа

Се прогнозира раст на овој удел во наредниот период, што секако поволно ќе се одрази на пазарот со отпадни материјали, чија сериозна движечка сила се заострените еколошки ограничувања како и бројните иницијативи за рециклирање и одржливо управување со отпадот. Секако, еден од најважните двигатели во оваа насока, е веќе зацртаната цел на ЕУ за претворање на отпадот во ресурс до 2020 година (Roadmap to a Resource Effiecient Еurope 2020).

Што се однесува до Македонија, статистички нема прецизни податоци и категоризација на овој вид отпад. Според податоците од 2008 година, каде е класифициран и индустрискиот и комуналниот отпад, градежниот отпад е издвоен како посебна категорија (надвор од индустрискиот отпад) и неговиот удел е помал од 2 %. Но, мора да се напомене дека голем дел од градежниот отпад завршува на диви депонии или пак е измешан со комуналниот отпад. Во една од поновите студии (2016) која е подготвена за Југоисточниот плански регион се потенцира дека градежниот отпад и шутот претставуваат сериозен проблем затоа што ги има во големи количини, и со ретки исклучоци (градовите Струмица и Гевгелија), отпадот неселективно се фрла на диви депонии, по долови, покрај патиштата, па дури и во реки. Не се спроведуваат законските одредби во смисла на изрекување казни за компаниите кои постапуваат на овој начин. На годишно ниво, количината на овој вид отпад е детерминирана од обемот на градежните активности, но авторите на студијата проценуваат дека се работи за количини од околу 41.702t/годишно.

Градежниот отпад се генерира во различни количини и видови во текот на целиот животен циклус на еден објект (овде не се мисли на отпадот кој го создаваат луѓето во објектот низ различните секојдневни операции), но разбирливо е дека доминира отпадот при фазите на изградба и рушење на објектот. Во таа смисла, најголемиот предизвик на поборниците за кружна економија (circular economy) и заштита на животната средина, е количината на така создадениот отпад кој ќе заврши на депониите да се сведе на минимум. Генерално, проблемот треба да се фокусира на материјалите и процесите кои создаваат проблеми во одлагањето (опасен отпад), употреба на материјали кои немаат потенцијал за рециклирање, употреба на неефикасни материјали, како и во примената на проекти, но и детали кои резултираат во вишок отпад на самото градилиште. Во стручната терминологија, отпадот од градежните активности се дефинира како отпад од градење и рушење (Construction/Demolition – C&D Waste). Составот и количината на овој вид отпад го дефинираат неговиот квалитет, односно можностите за негова повторна употреба. градежен отпад како материјал_03

Материјал налик на дрво од рециклирана хартија

Во продолжение, дадени се компонентите на отпадот од градење и рушење во зависност од неговото потекло:

Изградба и реконструкција на патишта – асфалт, бетон, земја, метал.

Подготовка на градилиште – земја, дрво (вклучувајќи дрвја и грмушки), органски материи, песок, камен, бетон, цевки.

Рушење –  Мешан шут, кој вклучува дрво, бетон, тула,челик, цевки, сегменти од машинска опрема и сл.

Градење  – Дрво, сегменти од покрив, делови од панели за ѕидови, термичка изолација, делови од подови, бетон, лимени канали, цевки, амбалажа, челик.

Реновирање – Дрво, сегменти од покрив, делови од панели за ѕидови, термичка изолација, делови од подови, бетон, лимени канали, цевки, амбалажа, челик.

Вистински одржливите градови на иднината нема да прават разлика помеѓу отпадот и ресурсите, туку ќе го прифатат отпадот како појдовна точка за креирање на нешто ново.

Претворање на градежниот отпад во градежен материјал – урбано рударство

Градовите постепено стануваат рудници на иднината, напоредно со исцрпувањето на традиционалните класични рудници. Природните ресурси кои се барани заради производство на градежни материјали, како песокот и чакалот, забрзано се исцрпуваат, но ги има во изобилие во нашето урбано опкружување. Професорот Thomas Graedel од  Yale School of Forestry and Environmental Science, потенцира дека зградите покрај тоа што се огромно складиште на материјали, кои може да се рециклираат, овозможуваат заштеда на огромни количини енергија потребна за процесирање на нови материјали. Повторното користење на алуминиумот, кој може да се рециклира од објектите, троши само 5 % од енергијата која првично е потребна за негово производство. Алуминиумот е широко користен материјал во зградите, но честите реконструкции и реновирања воведуваат нови поефикасни материјали, па потенцијалот за повторна употреба на алуминиумот е значителен.

градежен отпад како материјал

Одржливост на процесот на производство на изолација од природни материјали

На Академијата за дизајн во Ајндховен, Холандија, развиен е метод со чија помош се пулверизира рециклираниот материјал од рушењето на објектите, во нов тип на камен кој може да се трансформира во производи за фино обложување на површини.

На друга локација пак, исто така во Холандија, дизајнерот Mieke Meijer и дизајнерското студио  Vij5 креирале посебен вид рециклирано „дрво“, т.н „NewspaperWood“, кое како што кажува и неговото име претставува материјал налик на дрво, но е добиен од рециклирана хартија. Други производители, како на пример компанијата ReWall од САД, имаат развиено материјал направен од 100 % повторно употребена картонска амбалажа за пијалаци, третирана во процес кој не користи вода. Овој рециклиран материјал првично бил наменет за обложување на внатрешните преградни ѕидови, но со негово пресување и зајакнување на механичките особини може да послужи и како конструктивен градежен материјал.

градежен отпад како материјал_09

Троската од скопска Железарница се користи во градежништвото

Веројатно еден од најинтересните примери на генерирање, а потоа и користење на отпад од рушење, е рушењето на Градската палата во Берлин (некогаш замок, потоа социјалистичко партиско седиште, срушена во 2008 за повторно да се изгради некогашниот замок). Рушењето на оваа зграда создало отпад од околу 56.000 тони бетон, 20.000 тони челик и железо, 500 тони стакло, како и други материјали. Проценето е дека и покрај огромните трошоци за рушење и изградба на новиот објект, само од продажбата на металниот отпад биле инкасирани над 10 милиони евра. Отпадниот метал се транспортирал до Рослау на Елба каде што металот бил рециклиран и испорачан во Дубаи за изградбата на Бурџ Калифа, но и во Турција за изработка на моторите на автомобилскиот бренд Volkswagen.

Меѓу најимпозантните градби кои исто така имаат вградено рециклирани материјали, секако мора да се споменат и облакодерите на Њујорк. Генерално, овие зданија многу полагаат на енергетската ефикасност и одржливоста преку разни решенија, и тоа од фотоволтаици и мали ветерници, до зелени покриви и фасади и систем за собирање на дождовницата. Но, меѓу сите нив особено се издвојува Њујорк Тајмс облакодерот (The New York Times Building) дело на Ренцо Пиано. Одржлива и енергетски ефикасна зграда, вклучува сет од зелени технологии кои овозможуваат заштеда на енергија од 30 %. Речиси половина од потребната енергија за зградата потекнува од сопствена когенеративна постројка, но најважно е дека над 95 % од конструктивниот челик вграден во објектот е рециклиран.

градежен отпад како материјал_14

Отпадот од рушењето на Градската палата во Берлин – материјал за изградба на Burj Khalifa во Дубаи

Во Македонија има примери на користење на отпадни материјали, но тоа е главно за груби работи во градежништвото и во догледно време не можеме да зборуваме за некаква воспоставена практика. Добар пример е секако користењето на отпад од секторот рударство и вадење камен. Како резултат на металуршките процеси, добиената троска може да послужи како солиден материјал. Троската е производ на високотемпературна реакција на компонентите на суровините – гориво, руди и гас. Оваа суровина има многу уникатни својства, меѓутоа многу долго време го пробиваше патот до широка примена во градежништвото. Во многу земји, со примена на градежни материјали од троска изградени се: висококатни згради, индустриски објекти, мостови и брани, асфалтирани се автопати. Од отпад таа станува призната суровина за градежната индустрија. Кај нас погоните на поранешна Железарница имаат троска како отпад којашто ја пласираат на пазарот и се користи како тампонски материјал, за изведба на декоративни огради, тротоарни плочки и за други помалку одговорни намени.

градежен отпад како материјал_05

Проект од природна тула – Ecovative и студио The Livinng

Експериментирање со биолошки материјали

Сите претходно наведени и опишани можности, дополнително можат да бидат проширени односно дополнети со употреба на уште еден одржлив концепт, а тоа е примената на биолошки материјали, како на пример материјали добиени од бактерии или габи, понатаму, сè пошироката примена на волната за термичка изолација и сл. Во Њујорк, компанијата Ecovative „одгледува“ материјали направени од нуспродуктите на земјоделското производство и мицелиум од габи. Мицелиумот има особено голем потенцијал, при што при посебни услови овозможува добивање на материјал кој има структурни параметри споредливи со каменот и бетонот. Овој вид материјал веќе го имаше и своето деби како конструктивна компонента на една зграда во летото 2014, како резултат на соработката на Ecovative со архитектонското студио The Living од Њујорк.

Употребата на отпадот од текстилната индустрија (памук, отпад од погоните за душеци, рециклирани влакна и сл.) или пак природната волна, исто така забележува раст. Добрите својства на внатрешна изолација од волнените влакна се слични со оние на минералните и стаклените влакна и има коефициент на топлинска спроводливост од ~ 0,04 W/mK. Таа има одличен специфичен топлински капацитет, добра способност за апсорпција на влага и други гасови и е класифицирана како Euro Class E, според способноста за заштита од оган (стандард EN 13501-1:2002). Во Македонија има околу 1 000 тони неискористена волна што претставува добар извор за производство на изолациски материјал на база на волна.

Имајќи предвид дека традиционалните материјали во градежништвото се прават од суровини кои се природни ресурси, кои се конечни и кои веќе долготрајно се исцрпуваат, веќе одамна е јасно дека во многу скора иднина мора темелно да се смени перцепцијата за градежните материјали какви што отсекогаш ги познаваме. Алтернативните рециклирани материјали ќе мора час поскоро да станат стандард, зашто во спротивно ќе немаме алтернатива.

ГРАДЕЖЕН ШУТ ПО РЕГИОНИ

 Согласно мерењата извршени за време на подготовката на регионалните планови за управување со отпадот, градежниот шут во нашата држава учествува со следните удели: – во Источниот Регион: удел од 1,39 % во вкупниот отпад или 628,7 тони годишно или 3,5 кг/жител/годишно; – во Североисточниот Регион: удел од 2.61 % во вкупниот создаден отпад или 1286 тони годишно или 7,3 % кг/жител/годишно – во Вардарски Регион уделот на отпадот од градење и рушење е 3,2 % во вкупниот создаден отпад од 280 кг/жител/годишно – во Скопски Регион уделот на отпадот од градење и рушење е 1,7 % во вкупниот создаден отпад од 262 кг/жител/годишно – во Пелагониски Регион уделот на отпадот од градење и рушење е 1 % во вкупниот создаден отпад од 305 кг/жител/годишно – Во Југозападен Регион уделот на отпадот од градење и рушење е 1,2 % во вкупниот создаден отпад од 251 кг/жител/годишно.

Испрати коментар

Scroll To Top