Во Старата скопска чаршија почна реконструкцијата на улиците. Проектот е финансиран од Светска банка со грант во висина од 600 илјади евра. Работите се дел од проектот „Промоција на туризмот во Старата скопска чаршија“ кои, меѓу другото, опфаќаат санирање на оштетениот камен – травертин за што се обезбедни дозволи од сите надлежни институции како и од Управата за заштита на културно наследство која врши надзор на целиот процес.
“За содржината на проектот што го почнавме во декември во 2019 година, како и за динамиката и фазите на реализација во континуитет, ја имаме известено јавноста. Овој проект на санација и зачувување на автентичниот изглед на Старата скопска чаршија предвидува поставување на камен со ист материјал како и претходниот (травертин) на површина од 1.800 метри квадратни што е дозволен и според извештајот на лабораториската анализа за исполнување на условите“, вели градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу.
Тој, меѓу другото, нагласи дека со проектот се опфаќа и реставрација на 75 дуќани во чаршија на кои во минатото биле извршени неадекватни интервенции од сопствениците кои имаат деградирано културно наследство. Планирано е поставување на натписи по нив, поставување на тенди по објектите, виртуелизација на Старата скопска чаршија, апликација за идентификација и опис на спомениците во чаршијата, целосна сигнализација на старата скопска чаршија.
“Потребата од имплементација на овој проект произлегува од оштетувањето на улиците во чаршијата од неколку фактори меѓи кои – атмосферските влијанија, движење на возилата за пренесување на стоки, неадекватните интервенции при работните процеси за враќање во поранешната состојба кои се вршеле со бетон и други материјали“, вели Ганиу.
Каменот – травертин што се вади во моментот е поставен во 1970 година. “Камен травертин се вади, камен травертин се става. Имаме изнајмено магацин во Општина Шуто Оризари и целиот камен што се вади одовде, ќе се депонира таму, ќе се класифицира и пак ќе го вратиме на улицата „Самарџиска“. Каменот што се поставува е домашен, а целиот проект од тендерирање до избор на оператор го водеше Светска банка. Тоа сакавме да го направат тие, за да бидеме потранспарентни пред граѓаните“, додава Ганиу.
ФОТО: КИРО ПОПОВ