Првиот понеделник во септември вообичаено е традиционалниот ден на кој во Англија одпочнува учебната година во основните и средните училишта. За жал оваа година за дел од нив вообичаениот жагор на децата по училишните дворови и училниците ќе го замени загриженоста на нивните родители за тоа колку е загрозена основната безбедност на нивните деца во училиштата. Кон крајот на август властите испратиле допис до над сто училишта низ земјата со наредба за забрана за одржување на наставата или во целиот или во делови на училиштето.
Од првите најави, бројот на објекти со загрозена безбедност полека но сигурно се искачува. Последните бројки од 02.09.2023 досега укажуваат на 156 училишта во Англија и 34 во Шкотска од кои 54 со критично ниво на ризик во Англија, 24 болнички комплекси и 5 други здравствени објекти, 7 правосудни објекти, а за казнено-поправните објекти се уште нема информации. Бројот на загрозените објекти е она за што досега се знае во јавниот сектор, а за приватниот се уште нема информации.
Во дел од болничките и други објекти со нешто пониско проценето ниво на ризик забрзано се поставуваат потпорни носачи за меѓукатните конструкции, училиштата орагнизираат набавка на контејнри прилагодени за училници за да има каде да се одвива наставата и слично. На последните вечерни вести на Ај-Ти-Ви каналот во 22:00 часот на 01.09.2023 се изрекоа одредени забелешки на сметка на властите, особено со оглед дека владеачката конзервативна партија е веќе 13 години на власт, а за проблемот наводно веќе се знаело барем околу 5 години. Како што се вели, „грнето се скршило“ летово кога пукнала носива греда во објект, по што проблемот дополнително се актуелизирал и приоритизирал.
Станува збор за објекти со конструктивен систем од масивни носиви меѓукатни, кровни и ѕидни панели од лесен армиран пено бетон (RAAC – Reinforced Autoclaved Aerated Concrete) којшто широко биле променувани во периодот помеѓу 1950-те и 1990-те години, но се со животен век од само 30 години. Евентуалниот продор на влага и вода во панелите, преку пенестата структурура лесно се пренесува низ истите и доведува до корозија на арматурата со последователно слабеење и на арматурата и на панелот.
Според вестите на Ај-Ти-Ви се сугерира дека надлежните органи наводно одвоиле фонд во износ од 15-ет милијарди фунти за санирање на штетите и зајакнување на објектите, иако се чини дека постои сомнеж во одредени кругови дали и оваа огромна сума ќе биде доволна. Опозиционите партии веќе повикуваат на воведување на задолжителни инспекции на сите објекти со овој конструктивен систем, но и се слушаат повици за спроведување на јавна истрага околу случајот.
До колку ви се чини дека проблемот е само со постарите објекти ќе се излажете. Наредби за затворање и забрана за употреба на новоизградени училишта се издадени летово и за други училишта како на пример Колеџот Сер Фредерик Гиберд за 630 ученици во Харлоу, Училиштето Хајгроув за 1.200 ученици во Бриџватер и Основното училиште Бактон филдс за 50 ученици во Нортхамптон. Сите три училишта се изградени во перидот помеѓу 2021 и 2022 година, при што само привите две, чинеле 38 милиони фунти и биле доделени преку Владината рамка за јавни набавки на модуларни училишни објекти вредна три милиради фунти. Како изведувач на работите била избрана фирмата Каледонијан Модулар која во 2022 година отишла во стечај со загуби во износ од 2,8 милиони фунти без да се земат во предвид даноците. Забраната за употреба на училиштата е наложена заради воочените конструктивни проблеми и немањето на доволна носивост објектите да издржат силни ветрови.
Дополнително две училишта во изградба во Корнвол се срушени во април оваа година пред да бидат завршени и пуштени во употреба. Со оглед дека овој модуларен систем бил користен и во рамките на здравството, војската, домувањето и други сектори веројатно допрва ќе се дознае дали и објекти од други сектори од овој производител се подложни на слични проблеми, или пак проблемот е ограничен исклучиво на образовните објекти. Според расположивите информации, по се изгледа се работи за волуметриски модуларен систем каде цели соби од објектот се градат во фабрика пред да се достават и состават на градилиште. Носивата конструкција на секоја соба изгледа дека е од рамка од сандачести челични профили со исполна од пресувани челични „u“ профили.
Се чини дека и во приватниот сектор работите не се без искушенија. Само во мај 2022 година британскте медиуми јавија дека нов комплес со 148 стана во источен Лондон треба целосно да се сруши и преизгради заради можни проблеми со носивата конструкција на објектот, без некои поголеми детали за воочените проблеми или пак за конструктивниот систем.
Во јануари 2016 година девет тони тули паднаа од калканска фасадата на Основното училиште Оксгангс во Единбург во период на силни ветрови. Како резултат на ова 17 училишта во Единбург изградени преку Првата програма за јавно приватно партнерство за училишта во Хајлендс мораа да бидат времено затворени попречувајќи го образовниот процес на 7.600 ученици. За среќа никој не беше повреден, но ова да се случело час и половина подоцна, за време на паузата помеѓу часовите, работите можеле да бидат значително полоши. Извештајот од увидот утврдил дека во рамките на сендвич ѕидот немало дволно метални спојници за поврзување на надворешниот неносив и внатрешниот носив ѕид, дека погрешен вид на спојници биле употребени и дека шуплината помеѓу двата ѕида не била рамномерна. Истрагата укажала дека како главна причина за паѓање на делот од фасата бил слабиот квалитет на градба на ѕидовите на објектот при што не било исполнето барањето за најмалку 5 сантиметри навлегување на спојницата во надворешниот слој на ѕидот, а како резултат на полагањето на тулите и поставувањето на спојниците, слабостите во надзорот при полагањето на тулите и поставувањето на спојниците, и слабости во процесите на контрола на квалитетот на подизведувачот и на изведувачот при изградбата на ѕидовите.
Ова се случило само нешто повеќе од година дена пред пожарот во Гренфел Кулата во Лондон од 14.06.2017 во кој официјално 72 лица трагично го загубија својот живот, а за коишто подетално е презентирано во минатото вклучително и со британскиот скандал со фасадните панели. Според истрагата спроведена од Дамата Џудит Хакит состојбите во градежната индустрија можат да се карактеризираат со 4-ри „не“: незнаење, незаинтересираност, нејасност и неодговорност. Некои од експерите го споредија изборот на запалива надворешна термоизолација со фасадата обвивка со канти полни со гориво!
Но да не се залажуваме дека ова е само британски проблем. Доволно е само да се следат медиумите за да се соочиме со слични примери не само од помалку туку и од поразвиените средини од нас во светот. На 24.06.2021 дел од станебен блок во Мајами, Флорида, ненадејно се сруши со 159 исчазнати лица до 25.06.2021. Остатокот од објектот потоа беше срушен. Од 15.08.2020 година Гарантната служба на Градежната инспекција на локалните власти во Англија престана да издава градежна гаранција за објекти изградени со примена на градежни плочи од магнезиум оксид. Ова е поврзано со лошите искустава од Данска, Австралија и Канада коишто одат наназад и до 2015 година, а каде е откриено дека влагата во овие хигроскопни плочи, дури и онаа од воздухот, предизвикува излачување на течности коишто ги кородираат шрафовите и спојките во контакт со материјалот со што се губат носивите својства на конструктивните елементи на објектот.
Оставјќи ги на страна природните и од човека предизвиканите катастрофи, како и воени и слични дејствија, веројатно погорниве примери можат да се поделат во две групи, или пак да припаѓаат на двете. Првата веројатно би била поврзана со примена на нови технологии за градба кои не се доволно испитани и разбрани, и почнале да се користат пред да се стекне доволно искуство за тоа како функционираат и се покажуваат во пракса. Веројатно најдобар доказ за ова се техничките служби во британските општини коишто обично имаат и каталог и регистер на објекти изградени со нови градежни технологии кои со тектот на времето се покажале или како проблематични, или пак покажале дека веќе изградените објекти не можат да се адаптираат без да се загрози носивоста на истите, и сл. До некаде ова не е ни чудно затоа што во пракса до 19-от и 20-от век воглавно се градело со примени на традиционалните технологии на градба коишто биле развивани, применувани и усовршувани со милениуми нанзад.
Втората група веројатно може да се поврзе со самиот квалитет на градба и совеста во процесот на изградаба, и е веројатно уште пострашна и позагрижувачка од проблемите поврзани со првата група. Со оглед дека и ако може да се најде некакво оправдување во првите случаи, дека не знаеле точно што прават и дека се обидувале да создадат нешто ново и подобро, во вториот случај тешко може да се најде било какво оправдување. Не е за верување дека следењето на доктрините на реганоекомијата и тачеризмот можат да послужат како оправдување во било кој правен систем низ светот.
Во одговор на втората група на проблеми и како нешто што произлегува од препраките на извештајот на Дамата Џудит Хакит е и воведувањето на новиот британски Закон за безбедност на објектите коишто ќе се обиде да одговори на овие предизвици преку трансформација на процесите во процесот на проектирање и изградба, а со цел да се подобри безбедноста на објектите во земјата. Во овој контекст и како дел од новата законска рамка за безбедност на објектите, на 28.06.2023 стапи на сила новиот Закон за дефектни простории. Според новиот закон периодот за побарување на одговорност за новоизградените објекти изградени по стапување на законот на сила од шест години се зголемува на 15 години, а за објектите изградени пред стапувањето на законот од шест на 30 години. Да се надеваме дека ова барем малку ќе помогне да се подсредат работите во градежната индустрија во Британија.