Во рамки на серијата настани насловена како „Скопско асеизмичко лето“ кои се посветени на одбележување на 60. годишнината од скопскиот земјотрес, Градежниот факултет УКИМ во Скопје, АДИНГ АД Скопје и СГГУГС „Здравко Цветковски“ го организираат БЕТОН.Ск.
Настанот е закажан за 10.07.понеделеник, во 11.30 часот во дворот на АДИНГ.
Главна цел на овој, пред сè, едукативно – стручен настан посветен на производството на бетон како најмногу употребуван и истовремено најчуствителен на импровизации конструктивен материјал, е подигнувањето на јавната свест за потребата, значењето и улогата на квалитетно домашно градежништво, а со тоа и на отпорните градби кои се единствен одбранбен механизам од дејството на земјотресите и другите природни хазарди.
Истовремено, со него сакаме да ја потенцираме важноста од доследно почитување на стандардите и пропишаните за изработка на квалитетни градежни материјали, без што се навлегува во зона на ризични авантури со несогледиви последици.
Пет групи составени од по два студенти од Градежниот факултет и еден ученик од средното училиште „Здравко Цветковски“ ќе треба да приготват бетон со одреден квалитет и да го вградат во контролни пробни тела. Јакоста на притисок на изработениот бетон ќе се испита на 26. јули во 5:17 часот. Со ова симболично сакаме да ја одбележиме 60. годишнината од земјотресот чии катастрофални последици најмогу се должат на лошиот квалитет на тогашните градби. Истовремено настанот треба да послужи и за зголемување на видливоста на градежништвото како дејност од суштествено значење за нормално функционирање и развој на државата.
Декан на Градежен факултет, УКИМ, Скопје
Проф. д-р Горан Марковски