Во изминативе две години во 38 нови станбени згради се вселени или во блиска иднина ќе се вселат околу 10.000 нови жители во Аеродром, Ново Лисиче и во делови од Лисиче, пренесува Дневник.
Во четирите кули на турскиот инвеститор „Џеваир холдинг“ се очекува дека ќе живеат околу 6.000 луѓе. Од нив, досега се изградени два облакодера до карабина, а крајот на изградбата и почетокот на вселувањето се очекуваат до крајот на 2015 година.
Ако се земат предвид општинските информации од нивната видеопрезентацијата за инвестициските можности, тие нови 10.000 жители се очекуваат во објектите што се градат или се изградиле во изминативе години. Во бројката не се пресметани и оние граѓани што би се вселиле во зградите што допрва ќе се градат на слободното земјиште во населбите. Таква можност постои за уште 50 нови станбени објекти, па согласно со тоа, ако се изградат, според бројот на предвидени домаќинства на територијата на општина Аеродром може да се очекуваат вкупно 30.000 нови жители. Сегашната популација на Аеродром, според последниот попис, брои 72.000 граѓани.
– Во општина Аеродром во изминатиот период се изградени околу 30 нови објекти, а во моментот осум објекти се градат во локалитетот „Црква урбана единица Б“ или поточно пред поликлиниката „Јане Сандански“. На овој локалитет се планирани вкупно 50 нови градби, што не значи дека сите веднаш ќе почнат да се градат – информираа од одделението за односи со јавноста во Аеродром. Освен кај поликлиниката, голем дел од колективните, трговските и деловните градби во урбанистичките планови се зацртани и на локалитетот Горно Лисиче, каде што порано беа ниви, во Реонскиот центар, како и покрај Вардар, односно локалитет „Јане Сандански“.
– За сите локалитети каде што има нови градби во непосредна близина се изградени или се планирани основни училишта и детски градинки, во согласност со конкретните правилници, но и според потребите на општина Аеродром. Што се однесува до сообраќајната инфраструктура, секој план сообраќајно е усогласен со Генералниот урбанистички план на Скопје и со законската и подзаконската регулатива, така што сето тоа прво се планира, а потоа се гради – изјавија одговорните за овие прашања.
Во врска со паркирањето, кое во цело Скопје е проблем, тоа задолжително ќе се решава во рамките на градежната парцела, изјавија од Аеродром. Без разлика дали е подземно или е надземно, како што тврдат, сите инвеститори ќе имаат обврска да изградат паркиралиште соодветно на бројот на граѓаните што ќе се вселат во новите згради.
Градежниот бум во Аеродром го најави градоначалникот Ивица Kоневски и тоа уште пред три години. Новите урбанистички решенија во плановите и визијата за развој, тој ги презентира со 3Д-технологија пред заинтересирани бизнисмени. Градоначалникот тогаш понуди и поволности за идните инвеститори, како за изградба на колективни објекти така и за деловни простори.