Град Загреб официјално и ги презентираше на јавноста двете нови апликации во склоп на својот Енергетски портал. Станува збор за Енергетски атлас на Град Загреб и Енергетска реконструкција на јавните згради во сопственост на Град Загреб. Апликациите се продолжение на неодамна претставената алатка за пресметка на соларниот потенцијал на објектите, како и продолжение на проактивната политика на градската администрација во однос на управувањето со енергијата и енергетската ефикасност. Енергетскиот атлас е интерактивна алатка која ги поврзува просторните карактеристики на потрошувачката на енергенти и визуелно ги прикажува во просторот на градот. Ги содржи податоците за потрошувачка на електрична енергија, топлинска енергија, природен гас и вода за сите потрошувачи на подрачјето на градот, за периодот 2015 – 2020 година, а наскоро ќе бидат ажурирани и податоците за 2021 година. Овој енергетски атлас овозможува преглед на потрошувачката на енергенти и вода на ниво на месни одбори, квартови и градот во целина. На тој начин, се овозможува подобро управување со енергијата и подобрување на енергетската ефикасност.

