Екипите на Град Скопје и на ЈП „Паркови и зеленило“ ги продолжуваат активностите за зазеленување на градот и деновиве подигаат и реконструираат повеќе зелени површини на 14 локации.
Од Градот имформираат дека на булеварот Видое Смилевски – Бато, во близина на „Рамстор“, се реконструира неуредена тревна јавна површина од 2.410 квадратни метри, на која се поставува хидрантска мрежа од 230 метри, а хортикултурно се уредува и страничното зеленило на улицата Втора македонска бригада на потегот од раскрсницата со улицата Кемал Сејфула до кружниот тек. Додаваат дека во овој дел се работи на површина од 3.020 квадратни метри, каде што ќе се постави хидрантска мрежа во должина од 1.300 метри, како и систем капка по капка во должина од 6.400 метри.
„Нова парковска површина деновиве се подига на улицата Македонско-косовска бригада на површина од 3.920 квадратни метри, со поставување хидрантска мрежа од 450 метри и систем за наводнување со 57 прскалки. Деновиве хортикултурно се уредува и страничното зеленило на булеварот Христијан Тодоровски – Карпош на површина од 1.700 квадратни метри. Во зеленилото се поставува хидрантска мрежа од 800 метри и систем за полевање капка по капка во должина од 3.000 метри. Нов лик набргу ќе добие и страничното зеленило на булеварот Србија, на потегот од сервисот „Скендеровски“ до улицата Христо Татарчев на површина од 1.600 квадратни метри, со поставување хидрантска мрежа од 200 метри и систем за полевање со 22 прскалки“, соопшти прес-службата на Град Скопје.
Екипите на Град Скопје и на „Паркови и зеленило“ работат и на уредување на зелениот плоштад меѓу булеварот Борис Трајковски и улицата Народни херои на површина од 4.500 квадратни метри, со поставување хидрантска мрежа од 800 метри и систем за полевање со 70 прскалки.
„Во Градскиот парк, пак, се работи на две локации: спроти хотелот „Канет“ и езерцето кај стадионот опфатена е површина од 4.400 квадратни метри, која се реконструира бидејќи постојната тревна површина е пред 40 години и е со надмината физиолошка старост, како и површината пред фонтаната „Лотосов цвет“ и влезот во Градскиот парк на површина од 1.900 квадратни метри. На овој дел ќе се засадат 200 украсни грмушки, перени и листопадни садници со кои ќе се дополни постојниот дрворед. Ќе се постави и нова хидрантска мрежа од 700 метри, ќе се заменат расипаните прскалки и ќе се постават нови 70“, соопшти Град Скопје.
Меѓу локациите што ќе се уредуваат се и јавната површина меѓу булеварот Гоце Делчев и улицата Лазар Личеновски, паркот зад објектот на МКЦ, јавнатата површина над надвозникот за Црниче до Основното училиште „Браќа Рибар“, улицата Самоилова.
Зелен плоштад ќе се гради и на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ , а нови јавни зелени површини ќе се подигнат и меѓу улицата Јордан Мијалков и улицата Павел Шатев.
Вкупната површина што хортикултурно ќе се уреди и реконструира е 48.664 квадратни метри за што Градот Скопје ќе вложи околу 38,1 милиони денари.