Во недела (26 јули) во 10 часот, на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на загинатите во катастрофалниот земјотрес што во 1963 година Скопје го остави во урнатини, официјални делегации и претставници на институции ќе положат цвеќиња.
Во Дневниот центар за дарување крв на Црвениот крст на град Скопје, во ДХО „Даре Џамбаз“, од 9 до 17 часот, на крводарителска акција што традиционално ја организира Црвениот крст на град Скопје, граѓаните ќе може да даруваат крв и да спасат нечиј живот.
Вечерта во Музеј на град Скопје, во 19 часот, ќе се одржи литературно читање насловено како „Поетесите за својот град“, а во 20.30 часот, градоначалникот Коце Трајановски ќе им се обрати на присутните и ќе ја отвори изложбата „Скопје 1963 – пред и потоа“, соопштија од Град Скопје.