„Изградбата на пристапна улица со посебен сообраќаен режим на Кеј 13 Ноември е предвидена со Детален урбанистички план донесен од Општина Центар во 2012 година и ја гради приватен инвеститор. Град Скопје не е институцијата која ја има вцртано оваа улица и Град Скопје не е таа која ќе ја гради,“ реагира Град Скопје по издаденото решение од Општина Центар за стопирање на активностите за градба.
– Станува збор за пристапна улица која според сегашниот ДУП не е подземна, туку е надземна и е со посебен сообраќаен режим, која ќе биде уредена од плочки. За оваа пристапна улица ќе важи посебен режим за движење, соопшти Град Скопје, нагласувајќи дека се злоупотребуваат нејаснотиите поврзани со изградба на улицата.
Од Град Скопје го прашуваат градоначалникот на Центар Андреј Жерновски што правел четири години и доколку не му се допаѓал планот зошто не го сменил.
– Дали стоите на зборот дека посочената сообраќајница во ДУП-от, како што велите, е подземна и доколку е така дали сакате истото да го докажете пред судските органи?, го прашува Град Скопје градоначалникот Жерновски.