Од утре јавниот превоз во Скопје ќе биде бесплатен за сите, соопшти на пресконференција градоначалникот Коце Трајановски, промовирајќи ја оваа мерка на Градот Скопје, како начин да се реагира на екстремно високото аерозагадување кое последниве денови го зафати главниот град.
Трајановски ги повика граѓаните, како и вработените на Град Скопје, да не ги употребуваат автомобилите за секојдневните активности, најавувајќи дека и тој, од утре, на работа ќе оди со автобус.
Градот Скопје и јавните градски претпријатија ги ослобoдуваат од работа бремените жени и лицата над 60-годишна возраст со хронични заболувања, соопшти Трајановски.
Привремената мерка за бесплатен јавен превоз, која ќе биде на сила до нормализирањето на високите количини аерозагадување, е една од неколкуте што ги најави градоначалникот. Додаде дека во следниот период ќе има засилено миење на улиците и контрола на градилиштата.
Трајановски истовремено испрати и неколку барања до надлежните министерства да предложат законски измени, бидејќи, како што кажа, според сегашните прописи на градот не е можно воведување на „пар-непар“ режим на сообраќај. Ги повика и надлежните институции на централно ниво да вршат засилени контроли над инсталациите под нивни ингеренции, додавајќи дека Комуналните инспектори на Град Скопје направиле преку 1000 контроли и изрекле 12 казни на компании за непочитување на одлуката за комунален ред во Скопје.
Апел беше упатен и до МВР, за посилни контроли на товарните возила кои транзитираат низ градот.
Во текот на викендот сите станици за мерење на амбиенталниот воздух во Скопје регистрираа преку десет пати поголеми количини од максимално дозволените, додека во вечерните часови во сабота, рекордна загаденост беше измерена во Карпош – над 1200 пм10 честички.