Децата се несомнено најголемото богаство на човештвото, неговата надеж и неговата иднина. Без одгледување и воспитување на здрави деца, и физички и ментално, човештвото не може да егзистира ниту опстане. Ако се појде од фактот што во светот сè повеќе преовладува градското население, тогаш се очекува и поголем број деца да растат и да бидат воспитувани во градска средина.
Оттука произлегува дека грижата за иднината на човештвото треба сè повеќе да се фокусира на создавање градови како здрава средина за одгледување деца. Ако сакаме да создадеме здраво општество, мораме да создадеме здрави услови во кои ќе ги одгледаме нашите идни генерации.
Една од главните битки кои ги води Организацијата на обединетите нации, е битката за остварување на правото на децата за здрав, слободен и соодветен простор за живеење. УНИЦЕФ, организацијата за заштита на децата, од своето постоење па до сега сè повеќе го зголемува корпусот на дејствување. Глобално сите земји членки на ОН и на УНИЦЕФ, се обврзале на заштита и унапредување на човековите права, а посебно и на правата на децата. Во Извештајот од Конференцијата на ОН за човековите населби, во 1996 година, Хабитат II Агенда[1], се појавува терминот „child-friendly city“, по што се развива една широка акција на обезбедување град поволен за живеење на децата.
Во овој документ се наведува дека „потребите на децата и младите, особено во однос на нивната животна средина, треба да се земат целосно предвид“. Извештајот на УНИЦЕФ Детските права и Хабитат од 1997 година[2], истакнува дека „децата имаат посебен интерес во креирањето одржливи човекови населби кои ќе поддржат долг и исполент живот за нив самите и за идните генерации. Ним им се потребни услови за да можат да учествуваат и придонесат кон одржлива урбана иднина“.
Денес во светот се покренати многу иницијативи за вклучување на децата во политиките на развој на град, но една од поактивните е „Child Friendly Cities Initiative“[3]. Taa се базира на проектот „Growing Up in Cities“[4] започнат од Кевин Линч во 1970 година, под покровителство на УНЕСКО. Цел на проектот бил да се сфати, како „квалитетот на животната средина“ влијае врз младите во урбаната средина, а задача, да се влијае на промени во оштинските политики вклучувајќи ја детската перспектива во процесот на планирање, и градење на база, за заедничка акција помеѓу заедницата и властите со цел поддржување на правата на децата.
Навидум е многу чудно да се одвојува потребата од обезбедување погодни градови за децата, кога тоа би требало да е вградено во секое планирање и развивање на град. Но, ако погледнеме со оптика на дете, што најчесто е многу тешко, ќе признаеме дека градовите не се „погодна“, „пријатна“, „дружељубива“ средина за децата. Ако не можеме да се вратиме во детските години, да размислуваме и забележуваме како деца, тогаш сигурно можеме да гледаме на градот од аспект на родител, баба или дедо, тетка или чичко, дадилка, негувателка, учителка, кој или која секојдневно се судрува со проблемите како да се справите со предизвиците што ги носи градската средина. Во која и да сте улога која вклучува грижа или придружба на деца, сигурно треба да сте спремни во најмала рака за авантура или екстремен спорт, или голем напор или стрес.
Градовите, за жал, не ни се креирани за деца! Децата во градот се само „мали“ корисници, кои треба да се однесат од место до место, да се истрчаат и поиграат, и да се чуваат дома или во установи. Нив не ги гледаме како вистински актери во градскиот живот или активни корисници на градскиот простор и градските услуги.
Прашањето е „како да израснеме и воспитаме здрави и пристојни граѓани, ако тие додека се деца живеат во непогодна, несоодветна, неприспособена за нивните потреби, градска средина“? Оттука и потекнуваат проблемите на неинтегрирани жители во градовите, кои тешко може да ги наречеме граѓани. Во секојдневното живеење често се згрозуваме од несоодветното однесување на многу луѓе во градот, не го разбираме неприспособувањето на градскиот живот, но многу често ниту пак знаеме што е тоа „живеење градски“ или што е вистинското значење на поимот „граѓанин“.
Фрлањето отпадоци каде се стигне, уништувањето на зеленилото, погрешно паркирање, недисциплинирано возење, галама во ноќните часови, и ред други девијантини појави, се одлики на човек кој не ги прифаќа основните услови на живеење во град, а тоа е „почитување на правото на другиот жител на мирен и достоинствен живот во град“.
Децата се иднината на градовите, па затоа мора за нив да се обезбеди град во кој ќе се израснат и воспитаат како сериозни и примерни граѓани. Децата по својата природа се љубопитни, брзо впиваат сè околу себе и брзо учат како да се приспособат. Затоа треба да се работи на создавање услови за нивно интегрирање во градскиот живот уште од најмала возраст. Погрешно е да се мисли дека за нив треба да се обезбеди дом, игралиште, парк, градинка и училиште, и тоа е сè што им треба. Не! На децата треба да се гледа како и на возрасните.
Тие со нас активно го делат и го користат секој градски простор, и така треба да се планира и обликува градот. Бебе во количка, дете за рака, деца, се нешто нормално на улица, на плоштад, во продавница, во банка, во театар, во кино, секаде каде што се и останатите граѓани. Во градот нема простори во кои не се мешаат различни старосни групи, напротив, нивното делење или заедничко користење, го прави градот богат, погоден, дружељубив, достоен за живеење.
Како до создавање град-погоден за деца или град-пријател на децата?
Според УНИЦЕФ (2004)[5] секое дете, секој млад граѓанин има загарантирано право на:
– Влијание врз одлуките за својот град;
– Изразување свое мислење за каков град сакаат;
– Учество во фамилијата, заедницата и социјалниот живот;
– Обезбедени основни услуги како здравствена грижа, образование и живеалиште;
– Чиста вода за пиење и пристап до соодветни санитарии;
– Заштита од експлоатација, насилство и искористување;
– Безбедно движење по улица без туѓа помош;
– Среќавање со пријатели и игра;
– Имање зелени простори за растенија и животни;
– Живот во незагадена средина;
– Учество во културни и социјални настани;
– Рамноправност како граѓанин на својот град со пристап до сите улуги, без разлика на етничката припадност, религија, приходи, род или попреченост.
Овие права на ниво на урбана средина се расчленуваат на ниво на:
– Урбанистичко планирање и намена на земјиштето;
– Домување;
– Транспорт;
– Простори за игра.
Физичката форма на заедницата влијае врз активностите што се одвиваат во нејзиниот простор. Урбанистичко планирање кое креира „комплетни заедници (населби)“, со обезбедени услуги и сервиси и заеднички јавни простори, овозможува подобри услови за разновидни активности и богат локален социјален живот. Создавањето на изолирани, моносоцијални и мононаменски зони, не создаваат услови за добар развој на децата. Децата секојдневно треба да се во можност за самостојно движење и користење на просторот, кој е особено важен за физички, менатален и социјален развој. Добро обликуваните простори би требало на децата да им овозможат и секојдневно користење на просторот надвор од нивните домови, во различни периоди од денот, годишни времиња и временски услови.
Домувањето може да се развива како пријатна средина и на ниво на станбена единца (живеалиште) и на ниво на соседство. Постојат многу прирачници кои даваат насоки за постигнување на соодветна средина, кои се базираат претежно на едноставни елементи. Така на ниво на живеалиште се препорачува создавање на полу-приватни „бафер зони“, како на пример трем, помеѓу фамилијарниот приватен простор и заедничкиот јавен простор. Потоа, дополнителен помошен простор за оставање на детските играчки и разни реквизити како детски колички, велосипеди, скејборди, ролерки и сл.
На ниво на соседство се препорачува визуелен идентитет на секое соседство преку карактеристичен дизајн за лесно идентификување и распознавање на соседството и нудење единствени специфики. Создавање на внатрешни заеднички простори со зеленило, дрвја, урбана опрема, како елементи за кои жителите заеднички ќе се грижат. Потребно е и обезбедување на доволно станови соодветни за фамилии со деца, со услови за живеење на различни семејства (со едно или со повеќе деца, со еден родител, со семејство од повеќе генерации и сл.). Многу е важно заедничките простори да се достапни за децата, за сами да можат да ги посетуваат и да ги користат.
Начинот на движење и транспортирање низ градот е многу важен аспект во креирањето погоден град за деца. Оние градови кои се ориентирани на автомибилски сообраќај се најнепријателската средина за деца. Тие го ограничуваат независното и самостојното движење на децата и младите, прават средина за зголемување на здравствените проблеми, како резултат на големо загадување и небезбедност на движење, и не оставаат доволно квалитетен градски простор за децата. Она што се препорачува е поттикнување на пешачењето преку креирање на пријатни простори, улици и квалитетен јавен простор, што обезбедува здравствени и социјални придобивки. Децата го осознаваат градот, се среќаваат со различни луѓе, а и го подобруваат здравјето.
Возењето велосипеди е исто така еден добар начин за движење на децата низ градот. Ги одржува во добра физичка состојба и го поттикнува здравиот живот и здравите навики. За младите е добро и да се обезбеди квалитетен јавен транспорт достапен до нивните живеалишта и до важните за нив градски простори и содржини, бесплатен или со повластени цени. Ова ги ослободува од зависност од родителите, ги прави независни и им овозможува послободно и поразнолико користење на градот.
Играта е многу важна компонента во развојот на децата и затоа многу е важно да се обезбеди простор и опрема за игра. Но, не е доволно само да се обезбедат квалитетни игралишта. Децата треба да се интегирани во заедницата и да се дел од сите активности. Исто така, треба да им се обезбеди доволно простор за да развиваат разни вештини, сами нешто да градат, да одгледуваат, да создаваат.
Затоа се важни и заедничките градини каде ќе можат нешто да одлгедуваат и да го следат растот на растенијата и животните. Многу е важно децата сами да си креираат простори и опрема за игра. Најмногу се препорачува да не се прават скапи и сложени пренатрупани игралишта, туку да се остави слободен простор и можност децата сами со тек на времето да создаваат и самите да растат заедно со просторот што го развиваат.
Создавањето на град-погоден за деца или град-пријател на децата, оди во две насоки и тоа во „планирање за децата“ и „планирање со децата“[6]. „Планирањето за децата“ подразбира обезбедување: безбедност, пристап, интеграција и зелен простор. А „планирањето со децата“ подразбира дека децата мора да бидат вклучени во креирањето урбана политика и менаџирањето на градовите, како и во планирањето, проектирањето, изградбата и одржувањето на градот. Децата имаат право, еднакво како и другите граѓани, да бидат вклучени и да одлучуваат.
Уште нешто што е многу важно во создавањето на пријатна градска средина по мерка на децата, е и препознавањето на децата и младите. Многу често во обезбедување на потребите на децата сè се сведува на обезбедување игралишта за деца, но тоа се најчесто за деца од три до шест години, или спортски игралишта за специфична група на деца кои играат баскет или мал фудбал. За останатите нема ништо. Децата и нивните потреби би требало поспецифично да се класифицираат и да се дефинира што тие сакаат да прават или што можат да прават, но најважно е да се испита што тие би сакале да прават. За ова постојат прирачници и алатки како да се открие што на децата им треба.
А дали нешите градови се „child-friendly cities“? Веројатно, најпрецизен одговор би бил – НЕ! Но, за среќа, сè повеќе се размислува и се преземаат акции, иако на најбазичното ниво, а тоа е подобрување на условите на игралиштата, но и создавање нови. Кај нас ќе треба допрва да се отовори ова прашање, иако Република Македонија е потписничка на многу светски конвенции за правата на децата.
Пишува: доц. д-р Дивна Пенчиќ, дипл.инж.арх.