Насловна / Вести / Град е со „градски“ – Тетово сака парк!

Град е со „градски“ – Тетово сака парк!

Тетово, од некогаш град кој бил прочуен по многуте дрвореди, зелени потези, чистиот воздух и пријатниот амбиент, денес е град на узурпирани јавни простори, деградирани зелени површини, искасапени дрвореди, блокирани сообраќајници и загаден воздух. Ако отворите сателитски приказ од градот сигурно ќе забележите дека тој нема вистински парк ни во рамките на своето урбано јадро, ни на неговите рабови.

4_resize

Терминот „парк“, е дефиниран во Законот за урбано зеленило како „зелена површина во градското ткиво со големина над 1 ха, која се користи за одмор, шетање, разонода и игра“. Поразително е да се каже дека еден од вистински „живите“ градови во Македонија, град кој во потесното градско подрачје има околу 60 000 жители, нема простор во рамките на своето градско ткиво кој самото законодавство во државата го дефинира како „парк“. Најголемите, а веројатно и единствените уредени парковски површини со позначителна големина во Тетово, Паркот на жената борец и паркот кај Шарената џамија се големи 0,85 ха и 0,40 ха, соодветно. Градот освен што кубури со урбано зеленило, кубури и со отворени јавни простори од каков било тип, макар тоа биле и деградирани отворени зони, кои секако дека би содржеле далеку поголем развоен потенцијал од какви било несреќно поставени и предимензионирано изградени површини. Ако една населба ја замислиме како индиго фолија на која отпечаток, односно „позитив“ оставило само изграденото ткиво, а сето друго, вклучително и сообраќајниците е „негатив“, тогаш Тетово е алармантно „позитивно“, односно преизградено. Настрана тоа што е преизградено без особени планерски закономерности или препознатливи „патерни“ кои би му дале ред на таквиот отпечаток врз индигото. Сето ова е загрижувачки за Тетово поради фактот дека какво било изградено градско ткиво, а особено спонтаното или неплански настанатото, само по себе веќе не е потенцијал кој може да биде ставен во служба на јавниот интерес како отворен простор, независно дали е уреден парк или градска деградирана ливада.

Tetovo_Saka_Park_Memorandum_A4-05_resize

Во ваквата тажна констелација, а под мотото Град е со „градски“ – Тетово сака парк, група интелектуалци од Тетово, кон крајот на февруари поднесоа граѓански предлог до Општината и отпочнаа кампања со која бараат градот да добие, како што велат, вистински градски парк на единствениот преостанат простор кој има таков потенцијал, а е во доминантна сопственост на државата. Предлогот го иницираа млади ентузијасти (меѓу кои е и авторот на овој текст) од различен профил, а го потпишаа и јавно поддржаа видни тетовски интелектуалци, меѓу кои архитекти, доктори, културни работници, разни општественици, уметници, музичари, спортисти итн. Со писмен допис до Општината, во кој меѓу другото се вели: „Неопходноста од прифаќање на овој граѓански предлог и неговото итно ефектуирање преку повеќе одлуки на Општина Тетово со цел негова целосна реализација, лежи во веќе неподносливата и повеќедецениска негрижа на Општината за јавниот простор и за квалитетот на живеењето на сопствените граѓани, на свесната бетонизација и узурпација, на урбицидот и поставувањето на јавниот интерес на последното место. Тетово има огромна, насушна потреба да добие зелен појас, да постави нов курс во управувањето со јавниот простор, но и нови цели на урбанизмот втемелени на потребите на човекот, а не на приватниот капитал. Тетово нема потреба од бетон, висококатници и станбен капацитет кој е нерално да се исполни, туку од хуман и здрав јавен простор, зеленило и јавна чистота, нов градски лик достоен за времето во кое живееме“, потписниците на предлогот бараат широк појас во рамките на градот, кој во голема мера претставува деградиран отворен простор, во иднина да стане парк преку претходно спроведена соодветна планско-проектна постапка.

Исечок од ГУП 2003_resize

Исечок од ГУП Тетово, 2003

Се работи за подрачје кое е големо околу 20-тина хектари и се простира на делови од урбаните блокови 27, 29, 31 и 57. Делот од опфатот кој лежи врз УБ 27 и УБ 29 се подрачја кои во важечкиот ГУП за Тетово веќе имаат намена „Д“, односно се зафатени од сегашниот „Спортски центар“ (урбан модул од УБ 27) и Спортската сала (урбан модул од УБ 29).

Лунапарк, фото 2_resize

Луна парк 

УБ 27 – „СПОРТСКИ ЦЕНТАР“

Сепак, т.н. „Спортски центар“ наместо да се користи како простор за слободна рекреација на граѓаните (како вистински отворен спортски центар каков што беше во минатото, кога изобилуваше со дрвја и зелени површини помеѓу терените), последниве неколку години претставува ограден лунапарк кој функционира со работно време, иако се работи за јавен простор. Просторот е дизајниран според новата лунапарковска функција, старите неколкудецениски дрвја се исечени, поранешните зелени површини се поплочени. Нови зелени површини речиси и да нема, а малкуте површини кои се останати непоплочени се посипани со песок и се ставени во служба на реквизитите. Просторот наместо да биде вистински озеленет и наменет за спорт и рекреација, денес е лунапарк, со што е заобиколена неговата вистинска намена одредена во ГУП-от. Токму поради овие причини, а во отсуство на вистински паркови и места за вистинска рекреација во градот, подносителите на граѓанскиот предлог сметаат дека овој простор мора да им се врати на граѓаните преку приклучување кон предложениот зелен појас во кој секако дека се добредојдени и компатибилни содржини како терени за спорт и рекреација.

Деградирано зеленило околу Спортскиот центар (УБ 27)_resize

Деградирано зеленило околу Спортскиот центар (УБ 27)

УБ 29 – СПОРТСКА САЛА

Што се однесува до блокот 29, централно место во него зафаќа недоградената Спортска сала, во која опстојуваат повеќе економски субјекти кои ги користат приземните простории, а околината на салата генерално претставува деградирана урбана празнина со високи треви, некорисна и речиси непристапна за жителите. Во рамките на овој блок незначително место зафаќа и новоизградениот градски базен кој сè уште не е ставен во функција.

Деградирано зеленило околу Спортската сала, фото 2 (УБ 29)_resize

Деградирано зеленило околу Спортската сала (УБ 29)

УБ 31 – МОНОПОЛ, „МАКЕДОНИЈА ТАБАК“

Блокот 31 генерално е составен од два урбани модула. Едниот модул е зафатен од поранешниот Монопол од кој се останати управната зграда и монтажните бараки кои претставувале пропратни објекти за сушење на тутунот, но и голема зелена површина околу нив, како и заштитно зеленило составено од високи иглолисни дрвја кои за среќа сè уште опстојуваат. Другиот модул од овој блок припаѓал на поранешниот гигант „Македонија табак“ и во голема мера е зафатен со огромна индустриска хала со големина од речиси 2,5 ха, којашто веќе е откупена од приватно лице, и затоа со претпоставка дека нејзината експропијација и враќање во државна сопственост би чинела премногу, подносителите на овој предлог за нов парк во Тетово не го вклучуваат во својата идеја ценејќи дека поради тоа таа би изгубила на рационалност и реална остварливост.

Поранешниот „Монопол“, фото 3 (УБ 31)_resize

Поранешниот „Монопол“ (УБ 31)

УБ 57 – ШИК „ЈЕЛАК“

Делот од предложениот опфат кој припаѓа на УБ 57, беше предмет на силен интерес на тетовската, но и на пошироката јавност, бидејќи за ова подрачје, кое во голема мера отпаѓа на капацитетите на поранешниот индустриски гигант ШИК „Јелак“, беше изгласан сомнителен ДУП во 2020 г., (по претходно сомнителна промена на намената во истечениот ГУП од 2003 г., изгласана во 2017 г.,) во кој се предвидуваа голем број на висококатници. Новото мнозинство во Советот на Општина Тетово го суспендираше овој ДУП на крајот на 2021 год., со што се исклучува можноста вклучувањето на овој урбан модул во иницијатива од ваков тип да биде сметано за нерационално.

Дел од поранешен ШИК „Јелак“ (УБ 57)_resize

Дел од поранешниот ШИК „Јелак“ (УБ 57)

Подносителите на предлогот за парк предлагаат блоковите 31 и 57 да добијат парковска намена во Генералниот урбанистички план која веќе ја имаат блоковите 27 и 29, со што би се формирало големо подрачје со намена „Д“ која понатаму треба да се спроведе и реализира преку соодветни постапки: „Намената „Д“ за овие четири блокови во ГУП, понатаму да се спроведе преку нови детални урбанистички планови, при што неопходно е да бидат изработени по претходно спроведен јавен конкурс, по можност интернационален, на кој ќе се изберат најдобрите плански решенија. Со цел квалитетна и урбанистички издржана реализација на предложеното, неминовно е во јавниот конкурс целото подрачје да се третира како природно инхерентна пешачка целина, без разлика што истата лежи врз формално одвоени четири урбани блокови.

Во таа насока, како и во насока на добивање квалитетни конкурсни решенија, неопходнo е планско-проектната програма да биде изработена врз релевантни податоци за просторните капацитети на локацијата, реалните потреби на жителите на Тетово, јавни анкети и стручни дебати. Неопходно е и во тој процес Општината да ја вклучи стручната фела и сите засегнати страни меѓу кои е и оваа група на интелектуалци која со овој граѓански предлог ја иницира таквата идна постапка.“

ЗЕМЈИШТЕТО 87 ОТСТО ВО ДРЖАВНА СОПСТВЕНОСТ

Инаку, целото земјиште кое е вклучено во предлогот е во доминантно државна сопственост, односно според нашите анализи се работи за близу 87 отсто кои ги поседува државата. Дел од ова земјиште отпаѓа и на поранешни државни индустриски капацитети, за кои сè уште има отворени прашања од различен карактер, но подносителите сметаат дека поради извонредно големиот јавен интерес државата мора да се заложи и одлучно да го „земе“ во свои раце, од причина што само земјиштата кои се во сопственост на државата имаат вистински потенцијал да бидат чувар на јавниот интерес. Подносителите ги адресираат и овие отворени прашања велејќи: „Бидејќи Советот има надлежност да утврди план согласно кој урбанистички се уредува намената на одреден простор, сметаме дека во оваа фаза утврдувањето преку предложените плански измени на просторот на предложениот градски парк е најзначајната појдовна точка за понатамошното фазно реализирање на планот, кое е секако изводливо и налага решавање различни имотно-правни, административни и облигациони прашања, притоа водејќи сметка и за правата на работниците од поранешните, сега неактивни економски гиганти кои се лоцирани на посочениот потег.“

Опфат_resize

Предложениот опфат

НЕМА НИКАКВИ ИМОТНИ ПРЕЧКИ

За делот од блоковите 27 и 29 практично нема никакви имотни пречки за државата да може да оствари цели кои се од јавен интерес каков што е и овој граѓански предлог. Иницијаторите на предлогот низ внимателно спроведени анализи ги дефинираа апроксимативните граници на целиот предложен опфат, ценејќи дека во предложената форма е најрационален, најиздржан, најостварлив, и како таков веројатно би бил и најприфатлив за која било општинска власт.

Со цел да се сврти фокусот на вниманието на јавноста, во периодот кој следува веднаш по официјалното поднесување на предлогот до општинската архива, подносителите ја промовираат идејата низ низа на настани, меѓу кои и граѓанска трибина на која говореа стручњаци од фелата, тематска изложба на уметнички дела, промотивни видеа, прес-конференции, интервјуа и слично. Предлогот наидува на широка поддршка во градот, а подносителите искрено се надеваат дека ќе наиде и на слух кај надлежните.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

* * * * *

Редакцијата на „Порта 3“ отсекогаш го промовирала издржаното и хумано урбанистичко планирање во населените места како начин да се подигне квалитетот на животот на сите нас. На линија со тоа се и нашите прокламирања со кои цврсто застануваме зад иницијативите кои се во таков дух. Токму таков е и овој граѓански предлог со кој тетовчани на крајно рационален и темелен начин бараат да добијат вистински парк во својот град. Секогаш нè радува кога и друга градска средина, настрана од Скопје, изнедрува вакви автентични иницијативи како можеби единствен начин за заштита на јавниот интерес во ова македонско капиталистичко општество наспроти приватните апетити. Се надеваме дека оваа, и слични вакви иницијативи ќе служат како поттик на жителите и на другите населени места почесто да се самоорганизираат и да ги артикулираат своите барања во официјални предлози, иницијативи и кампањи чија крајна цел е општото добро.

Испрати коментар

Scroll To Top