Лустерот е еден од централните украси во луксузно декорираните простории. Добро дизајниран лустер доминира во целиот амбиент и се чувствува неговата елегантна присутност во целиот простор. Најновата креација на познатиот италијански бренд De Majo, лустерот Goutte, е дизајниран со цел да надополни еден ентериер, а да не го задуши со своите детали. На љубителите на овој бренд, позната им е секако и брилијантната креација – лустерот Levante со свеќи.
Goutte е многу повеќе од класичен кристален лустер, и може да биде дел од семејното наследство што ќе се пренесува од генерација на генерација. Дизајнерот на оваа прекрасна креација бил инспириран од пикторалните и сонливи пејзажи на Париз, за време на топлите и страсни лета, освежени со лесните летни дождови.
Овој лустер формира каскада од околу 350 кристални капки во три различни големини. Импресивниот централен украс во нијанса на капучино има хромирана метална структура. Со пречник од 120 cм, Goutte лустерот го осветлува амбиентот со 24 светилки, кои се украсени со деликатни свилени абажури. Безвременската елеганција е интерпретирана со уникатно Мурано стакло, кое балансира помеѓу vintage и современи форми.
Секој Goutte лустер е рачно изработен, а процесот трае пет недели. Неговата цена е 16.000 долари.