Жителите на Зрновци и околните населени места конечно ќе добијат модерен мост на местото на стариот мост на реката Брегалница кој попушти од надојдените води и поплавите во февруари годинава.
– Сите овие месеци наназад беа потребни за изготвување на проектот за градба на мостот или негова санација. Прво се направи обид за реконструкција на постојниот, но проектот не помина при ревизијата од Градежниот факултет од Скопје, изјави градоначалникот на општина Зрновци, Блаже Станков.
Тој информираше дека конечната верзија на новиот проект е готова и оти е одобрена од страна на стручните екипи од Градежниот факултет.
Мостот ќе биде во должина од 100 метри со широчина од 7 метри. Финансиската конструкција изнесува 1,5 милион евра кои ќе бидат обезбедени од Светска банка. Носител на проектот е Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски.
– Изградбата на мостот ќе започне веднаш по уплатата на средствата од Светска банка, изјави Станков.
Жителите од оваа општина користат два алтернативни патни правци за да дојдат до Кочани и тоа едниот низ Виница и другиот низ Чешиново – Облешево.