Насловна / Арт и дизајн / „Госпоѓиците од Авињон“ е прелом, прекинот што ги дели минатото и иднината

„Госпоѓиците од Авињон“ е прелом, прекинот што ги дели минатото и иднината

„Смислата на животот е да го пронајдеме својот дар. Целта на животот е да го дадеме

Пабло Пикасо

Пабло Руиз Пикасо починал на 91-годишна возраст на 8 април 1973 година во Mужен, Франција во својата резиденција Château de Vie. Вила на врв на рид со 35 соби, опкружена со три хектари зеленило, со поглед на Канскиот Залив и на планините Eстерел. Да се потсетиме на овој легендарен уметник, најзначајниот сликар на 20 век. Секој оној кој размислува сериозно да се занимава со сликарство доволно е само да го проучува делото на Пикасо од почеток до крај, да вежба со прецртување, копирање, да анализира и да ја изучува оваа импресивна 70-годишна кариера, опус кој претставува вистинска сликарска школа, вистинска историја на сликарство во мало, без разлика на афинитетите, ставовите и определбите во сликарските стилови.

Пикасо е оној кој ја развивал уметноста сè понатаму и понатаму и постојано трагал по нешто ново. Не секогаш му била потребна јасна форма, туку го отсликувал своето доживување. Ги прикажувал емоциите, кои во набљудувачот предизвикуваат интеракција со сликата. Пикасо ја ослободил уметноста од сите влијанија и почнал да живее слободно, затоа што вистинската уметност мора да биде чиста и од душа.

Château de Vie

ПОЧЕТОКОТ НА ЕДЕН ИСКЛУЧИТЕЛНО ПЛОДЕН ПЕРИОД ВО ИСТОРИЈАТА НА УМЕТНОСТА

Затоа денес може да се каже дека модернизмот во уметноста почнува со сликата на Пикасо „Госпоѓиците од Авињон“ (Les Demoiselles d’Avignon). Во преполниот, трошен простор на ателјеата за уметници и писатели на парискиот рид Монмартр, дом на анархија и кабареа, 25-годишниот шпански мигрант го создал првото и најголемото ремек-дело на модерната уметност.

Пикасо ги направил своите први скици за она што ќе стане „Госпоѓиците од Авињон“ во зимата 1906-1907 година. Тој ги развивал своите идеи интензивно, свесно планирајќи, што наликува на големите академски проекти на Леонардо или Жерико, пред конечно да го наслика своето, скоро квадратно, масло на платно 243,9 на 233,7 сантиметри, на почетокот на летото. Со оваа слика, природата на реалноста е длабоко изменета. „Госпоѓиците од Авињон“ е прелом, прекинот што ги дели минатото и иднината. Сликата претставува пресвртница во разбирањето на сликарството и го означува почетокот на еден исклучително плоден период во историјата на уметноста.

Многумина можат да спротивстават аргументи. Некои критичари би рекле дека е тоа Олимпија на Едуар Мане. По Олимпија, доцниот 19 век е преполн со провокативни уметнички дела кои се на слична сексуална територија како Пикасо: Мадона на Мунк, Pallas Athene на Климт. Во овој контекст, би можело да се тврди дека „Госпоѓиците“ е всушност уметничко дело со поглед наназад, не е оригинално, дека е рециклирање на најголемите клишеа од 19 век – „распуштени жени“ кои се сместени во сомнителни ентериери. Па, што е толку ново, толку радикално за оваа слика?

По изложувањето на „Госпоѓиците од Авињон“, било јасно дека ништо нема да биде исто во уметноста. Сликата и денес предизвикува чудење и неразбирање, а во моментот кога се појавила била шокантна. Што е тоа што е толку вознемирувачко кај „Госпоѓиците“, зошто телата на овие жени се толку деформирани и аголести, кои се жените на сликата и зошто се голи…? Може да се постават многу прашања, да се дадат исто толку и одговори, а ние нема да знаеме со сигурност кој е вистинскиот. И всушност, нема вистински одговор бидејќи најдобрите дела секогаш имаат некоја тајна состојка што ни промакнува. И затоа се секогаш актуелни и свежи, без разлика кога се создадени.

Коага Анри Матис прв пат ја видел на пет квадратни метри, бил шокиран од тоа колку сурово, какафонично и гадно изгледала. Друг модернист, Андре Дерен, заклучил дека Пикасо отишол толку далеку, што наскоро би можел да изврши самоубиство. Дури и лојалната покровителка на Пикасо, Гертруда Стајн, ја сметала сликата за „вистинска катаклизма“.

Сликата немала наслов сè додека Пикасо не ја распакувал по неколку години криење од шокираните очи, за да ја изложи за прв пат во Париз во Salon d’Antin во виорот на Првата светска војна, во 1916 година. Насловот на сликата нема никаква врска со местото Авињон во Франција, како што многумина мислат. Еден од пријателите на уметникот ѝ го дал името по Carrer Avinyo, бордел во Барселона, каде што морнарите оделе да најдат малку професионално женско друштво. Но, „Госпоѓиците“ веднаш, повторно била скриена до 1924 година, кога надреалистот Андре Бретон убедил еден авантурист, француски колекционер да ја купи. Колекционерот ја чувал сликата сè додека директорот на MoMA не ја пронашол и откупил за изложбата „Уметноста во нашето време“ во 1939 година.

Сè уште некои ја сметаат за грда. Добро, можеби не грда, но секако тешко ја прифаќаат. Дури и со генерации уметници кои се обидуваат да го надминат Пикасо, постојаното место на ѕидовите на Музејот на модерна уметност во Њујорк (МоМА) и повеќе од еден век за љубителите на уметноста да ја сварат – сликата одбива да се симне од пиедесталот.

„Едно е да се види, а нешто сосема друго да се наслика.“ Оваа изјава на Пикасо најдобро ја објаснува суштината на неговиот пристап кон уметноста. Неговата намера никогаш не била да ја имитира реалноста, затоа и неговите слики не се реалистични прикази на луѓе, предмети и простори. Наместо да го гледа предметот од една точка, тој истовремено го гледа од неколку агли и на тој начин го прикажува. Оваа постапка првпат ја применил токму на „Госпоѓиците од Авињон“.

ПЕТ РОЗОВИ ЖЕНИ

Пет розови жени се заплеткани во сребрени и во сини драперии. Две од нив стојат со кренати раце и се расфрлаат со градите, гледајќи нè со огромните бадемести црни очи. Тие се поставени во средиштето на сликата, лицата им се во анфас, а носовите насликани во профил. Останатите три се маскирани. Фигурата на жената лево, зазема поза како на древните слики од Стар Египет, а на лицето и се наѕира маска, двете фигури од десната страна се со африкански ритуални маски. Ако ја погледнеме фигурата што клечи во десниот агол, ќе видиме дека телото и главата се различно обликувани – истовремено се гледаат грбот и лицето. Во средина, во долниот дел на сликата има чинија со овошје; парче диња, грозје, јаболко и круша. Иако ова е слика на актови, едвај можат да се видат облини – лактите се остри како ножеви, колковите и струкот се геометриски силуети, градите се триаголни. Сликата е набиена со сексуалност, потсвест, како да го предвидува крајот на сликарството на кое светот дотогаш бил навикнат.

Пикасо всушност го распарчил она што го гледал, потоа ги расфрлал овие елементи, ги измешал и на крајот повторно ги составил во нова целина. Како дете што составува сложувалка – а уметноста, како што самиот велел, за него била голема игра. Сликата е составена од делови налик на големи парчиња стакло кои се преклопуваат на неразбирлив начин.

Потеклото на строгите, геометриски форми и остри агли кои се мешаат на сликата можеме да го бараме во африканската уметност, која во тоа време била откриена во западниот свет и била исклучително популарна (но сè уште се сметала за артефакт, но не и уметност). Од друга страна, Пикасо верувал дека сите форми од природата можат да се сведат на основни геометриски облици. Ако го набљудуваме светот околу нас и формите што нè опкружуваат, лесно ќе сфатиме дека оваа изјава е точна и ќе ја разбереме идејата што ги обликувала „Госпоѓиците од Авињон“.

Во историјата ретки се слики кои со смелоста и одекот можат да се мерат со она што Пабло Пикасо го создал во 1907 година. Тој бил иницијатор и инспиратор на неколку сликарски правци, од кои најпознат е кубизмот, кој претставува вистински револуционерен пресврт во модерната ликовна уметност.

Оттогаш до денес, толкувањата на ова ремек-дело се менувале. Во последно време политиката се меша онаму каде не ѝ е место. Модернизмот почнува да се претставував како шовинистичка, главно машка работа, со Пабло – женкарот на чело. Некои критичари велат дека „Госпоѓиците“ е слика наменета да ја гледаат мажи, додека други тврдат дека композициската грубост имплицира сексуално насилство.

КУЛТУРА НА ОТКАЖУВАЊЕ – ЗАМАГЛУВАЊЕ НА НЕГОВАТА ОСТАВИНА

Во историјата на уметноста малку сликари биле толку многу славни како Пикасо. На 28 години можел да живее само од сликарство, со 38 години веќе бил еден од најбогатите јавни личности во Франција, а со 65 години милионер.

Речиси и да нема уметничко поле во кое не го изразил својот уметнички творечки гениј. Се занимавал со сликање на платно и на ѕид, со скулптура, графика и керамика, правел колажи и плакати… и во сè бил успешен.

Два пати се женел, имал многу љубовници, кои речиси сите ги насликал. Некои велат, тешко на жените во животот на Пикасо, сите ги насликал грди и извитоперени: Фернанда, Мари – Терез, Олга, Дора, Франсоа, Ева, Жаклин… Имал четири деца, а последното, Палома, се родила кога имал 68 години.

Портрет на Дора Мар, 1937 г.

Минатата година низ светот со бројни манифестации се одбележа 50-годишнината од смртта на Пикасо. Во последно време сексот ја подигна својата политичка глава, па некои се обидуваат да му наметнат репутација на женкар и сексуален предатор, емоционален и физички насилник, замаглувајќи ја неговата оставина како колос на уметноста на 20 век, експлозивна фигура која го родила модернизмот и создала подлога за уметникот како суперѕвезда. Тој став се провејува, како и како што велат, мизогинија во неговите дела. На човекот во чија уметност жените имале голема улога, му се „закачија“ и поборниците на културата на откажување (cancel culture). Во последните години под лупа на културата на откажување се најде и Пикасо, жените во неговиот живот и односот кон нив.  Па така се потенцираат неговите изјави каде вели: „Постојат само два вида жени, божици и черги“. Или неговите размислувања за бракот: „Секој пат кога ќе променам жена, последната би требало да ја запалам. Убијте ја жената и избришете го минатото што таа го претставува“, за кои се тврди дека се насилни, а ако се сака да се биде добронамерен и гледа пошироко може да се сфатат и како виц.  Сепак жените во уметноста на Пикасо биле музи или субјекти кои го фасцинирале или ужаснувале.

Потребно е разбирање на човековата природа и на светот за да се носи морален суд, особено за некој кој не припаѓа на нашето време, ниту е во можност да се одбрани. Но кога станува збор за Пикасо, се сомневам дека би се осврнувал на критики од ваков тип. Затоа што тоа се две спротивности. Гениј кој живеел автентичен живот, благодарение на слободата да размислува за светот на комплексен, слоевит начин, кој не робувал на ниту една идеја. И од спротивната страна медиокритети со ограничен талент (или без) и способности кои не гледаат подалеку од носот. Со вакви е преполн светот и интернетот. Но, генијалноста никогаш не била масовна појава.

Пикасо живеел богат, исполнет живот, и да, со многу жени, кои се инспирација за делата. А жените – тие го обожувале. Тој ги напуштил сите, освен една, а потоа страдале по него до крајот на животот, некои и се самоубивале. Што навистина се случува во врска меѓу двајца никој не може со сигурност да знае и суди. А Пикасовите „Госпоѓици“ најавија нова слобода, остануваат сведоштво на неговата генијалност и потрага по уметничка иновација. Тие изгледа како сè уште да чекаат да иницираат уште една или две уметнички револуции.

Автор: Сања РАЃЕНОВИЌ – ЈОВАНОВИЌ, д.и.а.

Испрати коментар

Scroll To Top