Ние инженерите мора да бидеме свесни дека веќе не постојат големи идеи, големи бироа, квалитетни институции кои можат да нè заштитат или зад кои можеме да се сокриеме. Постои единствено став, стручност, знаење, лична одговорност и професионален морал зад кои треба да застанеме.
Нам ни се случи на очиглед на сите „Скопје 2014“, при здрав разум и отворени очи. Не случајно, како упад во центарот на градот, архитектура која се брани од архитектите. Ни се менува Законот за градење бесконечно пати со брзина на светлината. Урбанистички проекти не постојат, што е многу опасно за градовите. Сведени се на планови изготвени по имотни парцели по диктат на нарачателот, најчесто државата.
Релациите со КОАИ се главно формални, авторските права не само што не се почитуваат, не се ни третираат. Минимална загарантирана вредност на инженерските услуги не постои, со што се девалвира професијата, а квалитетот на проектите е на сè пониско ниво. Големи проектантски бироа за жал не постојат, систем на вредности нема. Да се живее за архитектура и од архитектура се две крајности кои малку имаат врска една со друга.
Комората на овластени архитекти и инженери, КОАИ, се соочува со истата состојба. Невозможно е КОАИ да биде во различна ситуација од општото ниво. Денешните проектанти, па и критичари на архитектурата (ако вториве воопшто и ги има), боледуваат од хроничен недостаток на авторитет. Во изминатите години струката го уништи својот авторитет, а младите не се во можност да ја пополнат настанатата празнина, ниту имаат каде да работат и да го печат занаетот. Проектите кои се изработуваат главно се основни проекти како би се добило Одобрение за градење, а потоа со многу анекси и измени на лице место се завршуваат објектите. Останатите фази во проектирањето и изведбата (конструкција, електрични, машински инсталации итн.) кои неминовно ја следат архитектурата (во нормални услови се интегрираат, дополнуваат и придонесуваат во квалитетот) слепо се повинуваат на зададените услови. Го користат сработеното во зависност од личната потреба, некогаш го презентираат како технички дострел, а некогаш за него самите себе се амнестираат тврдејќи дека, замисли, ама нив архитектурата не ги интересирала каква е, бидејќи не се архитекти, нели! Во меѓувреме инженерите за инсталациите може и земале некој процент за предложената или продадената опрема во објектот, па така проектот може и да не го наплатат воопшто.
И така караванот проаѓа, а градителската пракса е оптоварена со незрелост на струката. Политиката за архитектура не знае ништо, ама ја сфаќа како убава слика, па си мисли дека знае и може, но за останатите инженерски фази јасно и е дека не знае, ама се прави дека разбира. Денешниот инженер е анонимен и општествено запоставен. На површина испливуваат некои инженери, продадени и купени за грст денари, недоволно стручни, но упорни и без трошка самокритичност. Изработуваат проекти (за многу мали пари) чии објекти на лице место покажуваат милион недостатоци. Инженерите работат за 200-300 евра месечно, а и тие не ги земаат редовно, па така стабилни фирми со квалитетни тимови нема. Младите архитекти заглавуваат како столари во реновирање на станови, на оние малку поимотните, кои се подготвени да потрошат многу пари за лустери и фотелји, но не и за проект. Во недостаток на вистинска архитектура еуфорично раскажуваат за прекрасниот дизајн во станот, но брзо спласнува првичниот восхит, а во меѓувреме треба од нешто и да се живее. Идеално време за неквалитетни инженери кои длабоко во себе знаат дека само ова е нивната шанса (тоа никогаш нема да го признаат) и за ништо на свет нема да попуштат за нештата да се променат, бидејќи правилно и не можат и не знаат да функционираат. Насилството на новиот капитал сè повеќе го стеснува креативниот простор на архитектите, но и на останатите инженери, сведувајќи ја архитектурата и урбанизмот на услужна дејност, оглупена и симплифицирана. Архитектурата и урбанизмот сè повеќе се занимаваат со што повеќе м2 простор за што помалку пари. Профитот и интересот на поединци е единствено мерило. Местото кое некогаш го заземаше архитектурата, денес го зазема акумулацијата на градежен материјал. Профитот до кој често се стигнува и со корупција по сите нивоа: урбанист, референт, инспектор, градоначалник е најчест редослед. И така останавме без континуитет и инженерски кадар.
Во овие услови единствена институција околу која архитектите и инженерите можат да се консолидираат и направат нешто, како за стручноста, така и за самите себе, за својата работа е КОАИ. Меѓу другото КОАИ и со закон е обврзана да ја заштити, негува, поддржува инженерската професија и овозможи минимална загарантирана вредност на инженерските услуги. КОАИ пред некој месец прослави 10-годишнина од постоењето. А во меѓувреме, овие 10 години, КОАИ брои 3000 инженери, годишно издава околу 200 нови овластувања. Годишната членарина од 80 ја намали на 50 евра. Голем број од инженерите во телата и органите на Комората се исти луѓе кои се ротираат на позициите, главно професори или бирократи, политички кадар, административци, а многу малку, речиси воопшто нема луѓе од пракса. КОАИ уште од своето формирање е дел од Законот градење за кој е надлежно Министерството за транспорт, а со самото тоа е ограничена нејзината независност и самостојност. Комората издава овластувања за инженери А и Б. Според категоризација на објектите овластување А е потребно за објекти каде државата е инвестирор и за покомплексни и посложени градби. Додека Б овластување покрива помалку сложени објекти и објекти каде инвеститорот е приватен. Во почеток неопходно беше да се извадат и двете овластувања и да се приложат во зависност од категоријата на објектот. По некоја година тоа се промени и се случи логичното, овластување за повисока категорија објект може да покрива објект од пониска категорија. Што значи дека овластување А покрива и работи за со овластување Б. Лиценците за работа на фирмите кои се издаваат врз основа на инжинерските овластувања ги издава Министерството за транспорт, што е уште еден показател на несамостојноста на КОАИ.
За овие 10 години КОАИ успеа да се формира, организира симпозиуми, предавања, организира меѓународни посети и соработки со коморите во регионот и Европската комора. Комората издаде публикации, монографија, списание, што е се за поздравување, но господа, кармин на крај се става.
Одделението за архитектура при КОАИ (и авторот на овој текст е член на Одделението за архитектура при КОАИ) во септември 2017 г. формираше Работно тело – К1 во состав Веселинка Герасимовска, Благојче Цветковски, Сашо Блажевски, Никола Велковски и Сашко Иванов, со задача да работи на реформата на „Законот за градење“ и донесување на „Ценовник за надоместокот на инженерските услуги“.
Цветковски, член на К1 зборува за работењето на групата: „Одделението на архитекти во Комората ја назначи одделенската Комисија за законодавство, а членовите со задоволство прифатија да работат без надомест за сработеното. Работното тело К1-архитектура изготви Извештај што е презентиран пред Одделението на архитекти, и тој е усвоен и доставен до Управниот одбор на 6 декември 2017, за понатамошно разгледување. Како главна поентa од целокупната работа, лесно може да се заклучи дека членството на Комората, преку своите предлози, инсистира на потребата од итно донесување на Ценовник за инженерски услуги, каде ќе бидат пропишани: минималната висина на надоместокот за извршените инженерски услуги; минималната нето-плата на архитектите и инженерите и механизмите за спроведување на одредбите на Ценовникот. Од друга страна, Собранието на Комората согласно член 109 од Законот за градење има обврска која не ја исполнила изминатите 10 години, односно не донело Ценовник за услуги. Годишното Собрание на Комората во февруари/март 2018 година е одлична можност да се исполни законската обврска, но уште повеќе обврска кон членовите на Комората што делегирале свои претставници и да се донесе Ценовник за инженерски услуги“.
Сашо Блажевски кој исто така е член на К1 вели: „Состојбата во Комората е одраз на вкупната ерозија во општеството. Иницијативите за донесување на Ценовник и попрецизно вреднување на инженерскиот труд, и покрај сите напори од страна на членовите во Одборот на архитекти – сè уште немаат добиено правна форма и се со неизвесна иднина. Во моментов Ценовникот е во фаза на Предлог-ценовник – текстуален дел и XL табела – оперативна алатка за полесно пресметување. Документите се предадени до Управниот одбор на Комората кој има задача да ги проследи за мислење и предлози до останатите одделенија. Последна фаза за донесување на овој Ценовник во рамки на Комората би било негово гласање на Собрание на Комората.
– Повторно, идентификуваните проблеми и конструктивните предлози сè уште не се процесирани – поради пасивност од останатите учесници во креирањето на оваа материја. Сметам дека овој тренд на пасивност и неактивност само ја влошува и девалвира инженерската струка. Доколку оваа атмосфера продолжи и оваа година – јас не го гледам моето место ниту како член на Собранието, ниту како член на Комората.“ разочаран е Блажевски.
Бидејќи времето истекува како песок низ прсти, ние сами мораме да си го решиме проблемот и да се избориме за своето место под сонцето, за да едноставно имаме од што да живееме и да не се претвориме во евтини заверувачи и цртачи на туѓи проекти, а кајмакот да го земаат консултанти праќани од странство. И на крај да ни праќаат техничка помош во инженерски кадар како на неразвиена земја. КОАИ само треба да го исполни она за што е и со закон обврзана. Од некаде мора да се почне, па макар тој ценовник бил донесен и на ниво на КОАИ. Дури и „само“ тоа на инженерите ќе им овозможи аргумент врз основа на кој ќе се вреднуваат нивните услуги. А КОАИ ќе биде силна, значајна и почитувана институција која ги штити, вреднува и цени своите членови. Ќе го добие своето високо место во општеството кое природно и и припаѓа.