Селото Горна Белица територијално припаѓа на Општина Струга, во поширокиот Охридско-струшки Регион. Сместено е на планината Јабланица на 1 450 м н. в. со амфитеатрална поставеност и поглед кон Охридското Езеро (сл. 1). Горна Белица е сообраќајно поврзана со Струга на растојание од 15 км.
Слика 1 – Поглед кон Охридско Езеро
Според населението, традициите, фолклорот и културата, Горна Белица – „Beala di Supra“ е влашко село, оформено кон крајот на 18-ти век. Во минатото имало и до 300 куќи, изградени од делкан камен, на приземје и кат. Населението се занимавало со трговија и сточарство, a бројни биле бачилата со овци во планината.
Во 50-тите години поради тогашните општествено-политички услови, како колективизацијата и индустријализацијата, жителите од селото постепено почнуваат да се иселуваат во Струга, Охрид, Скопје и Белград. Денес од старите градби останати се само црквата Св. Петка изградена во 19 век, училиштето кое функционирало во 50-тите години и караулата.
Поглед на Горна Белица
Југоисточно од селото се наоѓа манастирот Св. Климент, каде што денес е зачувана само црквата, а конаците постоеле до 50-тите години на 20 век. Според преданието на Теофилакт Охридски и бројните легенди, овој манастир го изградил св. Климент како негова летна резиденција и зародиш на неговото учителство. Сега манастир со име Св. Климент во поширокиот регион е само овој во Горна Белица. Преданијата од локалното население кажуваат, дека овде св. Климент со учениците го основал Словенскиот универзитет (Дуновски, 2005). За историчарите ова треба да претставува можност и задача, овие претпоставки научно да се отворат и разрешат.
Исто така, значајна е и црквата Св. Троица во месноста Парумба, која се наоѓа над Горна Белица. Во непосредна близина на селото Горна Белица поминува и еден од значајните патишта од стариот век, патот Виа Игнација, а по преданијата се дознава и за старовековната населба Велица.
Населувањето на Власите и формирање на селото Горна Белица
Власите, кои често се нарекуваат и Цинцари, Аромуни и Аромани, ги означуваат сите романизирани Илири и други етнички заедници кои биле на Балканскиот Полуостров пред доаѓањето на Словените (Xhufi, 2011). Во историјата на Власите, Москополе се претставува како еден од најцврстите етнички бастиони и како културолошка и идеолошка „татковина“. Во првата половина на 18-ти век Москополе претставувал моќен економски и политички центар, пошироко на Балканот. Со своја административна автономија во рамките на Турција, броел 70.000 жители и имал 72 цркви, голем број библиотеки, занаетчиски и трговски фирми. Москополе најмногу водел трговија со Венеција и со останатите големи европски градови во тоа време (Xhufi, 2011).
Во втората половина на 18-ти век, Власите се раселуваат од Москополе како последица на заземањето и пропаѓањето на Москополе од Али Паша Јанински. Дел од населението се населува во Македонија, на просторот Горна Белица, Струга, Крушево и Битола (Николовска, 2009). Во овој период се формира и влашката населба Горна Белица. Во новоформираната населба, Власите ја носат целата своја етно и естетска култура на организирано работење и живеење од Москополе. Карактеристично е организирањето на просторот на селото Горна Белица, кое иако се развива како село, со 300 до 400 куќи во својот растеж, има одвојување на функциите работа и домување. Поголемите улици, биле поплочени со калдрма каде што се наоѓале дуќаните со најразновидна стока (Петковски, 2000). Во 1904 година било формирано и училиште во кое учеле сите деца од селото (сл. 2 и 3). Училиштето функционирало до крајот на 50-тите години од 20 век.
Слика 2 – Прва влашка школа
Слика 3 – Селскиот одбор пред училиштето
Бројни биле бачилата во планината каде бил сместен добитокот, претежно овци, надвор од селото. Исто така, бидејќи селото е планинско, и малите површини за земјоделие се наоѓале во планинските предели погодни за одгледување на одреден вид земјоделски производи.
Етичко-естетски карактеристики на селото
Одлуката на Власите да се населат во Горна Белица иселувајќи се од Москополе е врз база на одличната геостратегиска положба на местото, значењето на поминувањето на римскиот пат Виа Игнација и остатоците од римска населба, духовното значење и зрачење на местото преку манастирот Св. Климент, природните карактеристики на планината Јабланица со богатата флора и фауна како и пријатната клима која е умерено континентална со примеси и од средоземноморската. Сите овие фактори ја поврзале мемориската и духовната нишка со веќе разурнатото Москополе.
Слика 4 – Сателитска снимка на селото
Слика 5 – Село Горна Белица
Главен и најзначаен објект е црквата Св. Петка, која го зазема доминантното место во селото (сл. 6 и 7).
Слика 6 и 7– Црква Св. Петка
Според кажувањата, тоа место било купено од жителите на селото со две тепсии злато. Камен-темелникот е поставен во 1885 година, а каменот од кој е изградена е носен со коњи од високите врвови над селото (сл. 8). Со површина од 200 м2, височина од 15 метри и голем иконостас со 40 икони (сл. 9), црквата е меѓу поголемите и позначајни цркви во Струшкиот Регион. Црквата е изградена од мајсторите градители од „Дебарската школа“. Според Крум Томовски, по планови и раководството на Тодор Петков (1814-1899) од село Гари, кој ја изградил познатата куќа на браќата Робеви во Охрид, била изградена и црквата Св. Петка во Горна Белица. Св. Петка е заштитничка на Горна Белица, а на 8 август се празнува Св. Петка и се слави во селото.
Слика 8 – Поставување на камен-темелник, 1885 г.
Слика 9 – Иконостас во црквата
Создадената култура на Власите низ вековите, се одржувала благодарение на нивната затвореност во етнички рамки. Во услови кога влашкото село со својата компактност било заштитено од други етнички влијанија, културата и обичаите имале своја оригиналност. Новите економско-општествени односи создаваат промени и во културната сфера кај Власите. Од затвореност, преку мешање со другите етнички заедници се изгубија некои елементи на влашките обележја од минатото, меѓутоа и во такви услови, сепак како посебна етничка заедница ја зачуваа својата културна посебност, но и припадност кон државите каде што живеат.
Во 70-тите години, со изградба на асфалтиран пат, изградба на работничко одморалиште и функционирање на караулата, се создадени услови за повторно заживување на Горна Белица. На местото на старите разрушени куќи денес се изградени бројни викендички, како од мештаните, така и од жителите од соседните градови, а одморалиштето работи како планинарски дом. Денешниот мултиетнички состав на населението во Горна Белица составено од Власи, Македонци, Албанци и Турци, создава култура која овозможува богатство на разни обичаи и традиции. Горна Белица и во денешните општествено-економски услови, настојува да се одржи и да го продолжи својот развиток.
Феноменологијата на местото се огледува преку серија на временски моменти од минатото, преку сегашноста до иднината. Основоположниците на новата населба го носат „духовниот и културниот код“ на Москополе. Меѓутоа, со слабеењето на „временските бранови“ и појавата на нови „временски ветрови“ се предизвикала трансформација, од прогресивна населба до село во стагнација, а потоа од село во стагнација до целосно иселено село. За да денес, се реактивираат виталните функции на селото и се преминува во ново ниво на функционирање, како туристичка населба. Новото ниво на функционирање, заедно со новиот мултикултурализам создаваат и нов идентитет на населбата. Сепак, меморискиот облак (анг. Cloud) кој ги содржи податоците на целата култура, традицијата и фолклорот на местото, опстојува во самата природа која надвиснува над Горна Белица.
Идни перспективи за развој
Планината Јабланица и селото Горна Белица имаат извонредни услови за развој на планинскиот туризам и обезбедуваат оптимални услови за престој и рекреација, особено за спортистите од аспект на нивните спортски подготовки.
Перспективите за развој се базираат на условите и анализите кои се направени за Горна Белица и нејзината околина за развој на планинскиот, спортскиот и здравствениот туризам (Балкоски, 2015). Со цел постигнување на нова функционална и организациона структура на селото, предвидени се нови зони за: (сл. 10)
– микрозаедница (жолто)
– сервисни функции (виолетово)
– работни функции (портокалово)
– туристичко-времено сместување (сино)
– спорт и рекреација (зелено)
Сите објекти се поставени во чиста планинска средина, која бара исклучително почитување на природата и задоволување на еколошките стандарди и принципи на зелената архитектура и на барањата што ги поставува самото место. За реализација на вакви специфични урбанистичко-архитектонски проекти (сл. 11) потребно е:
1) Донесување на стратегиски планови за развој на планински туризам во Југозападниот Регион и во Општина Струга
2) Донесување на акционен план на конкретен проект и неопходна фаза која недостига во сите стратегиски и акциони планови на општините и државата – фаза 3
3) Одредување на модел на функционирање и финансирање на проектот
Слика 10 – Зони на развој на селото
Слика 11 – Предлог-решение на туристичко- спортско-рекреативниот центар
Заклучок за руралниот идентитет и за етичките вредности
Од сето гореспоменато, произлегува основната задача, за зачувување на етичките и естетските квалитети на пределот. Селото Горна Белица се карактеризира со силен историски, етнографски и културен карактер. Со цел да се заштити руралниот карактер на локалитетот, неопходно е да се дефинираат неговите важни карактеристики. Руралниот идентитет е силно поврзан со естетските квалитети на руралните области и со околните пејзажи (Molnarova, 2017). Важноста на естетските вредности на животната средина за општеството е предмет на бројни истражувања за истакнување на вредностите на естетските квалитети на руралните области. Естетски вредната средина има значително влијание врз благосостојбата на луѓето и општеството (Kates, 1967), а визуелниот естетски квалитет на пејзажите е важен дел од културното наследство (Jessel, 2006). Затоа, заштитата на визуелно-естетските квалитети на руралните области и пејзажи како и културното и архитектонското наследство треба да биде од јавен интерес.
Етичката и естетската вредност на местото Горна Белица треба да претставува иницирачки момент за акција за иден одржлив прогрес на населбата која ќе биде во системот на рамномерен регионален развој во државата како и во меѓуграничните еврорегиони.
Автор: м-р Дамјан БАЛКОСКИ, дипл. инж. арх.
Библиографија
1. Балкоски Д. (2015), „Урбанистичко-архитектонско решение на туристички спортски и рекреативен центар во село Горна Белица “, (дипломски проект), МИТ Универзитет – Скопје
2. Дуновски В. (2005), „Топоними на влашки села – Долна Белица и Горна Белица“, Асоцијација на Власи во РМ, Струга
3. Hxufi P. (2011), “The century of Moskopole”, Bitola, Albanian academy of science
4. Jessel B. (2006), “Elements, characteristics and character – Information functions of landscapes in terms of indicators”, Ecological indicators, 6, pp.153-167
5. Kates R.W. (1967), “The pursuit of beauty in the environment”, Landscape, 16, pp.21-25
6. Molnarova K. Skrivanova Z., Kalivoda O. & Sklenicka P. (2017), “Rural identity and landscape aesthetics in exurbia: Some issues to resolve from a Central European perspective”, Institute of Geonic, The Czech Academy of Sciences, 25(1): pp. 2-12
7. Николовска M. (2009), „Крушевска куќа“, Национален завод за заштита на споменици, Скопје, РМ
8. Петковски Б. (2000), „Балкански чаршии, местото и улогата на Власите“, Друштво за наука, култура и уметност – Браќа Миладиновци, Скопје, РМ
9. Pucar M., Pajevic M. & Popovic M. (1994), “Bioclimatic planning and design: urbanistic parameters”, Belgrade.