Тропските горештини во Европа ја зголемија и потрошувачката и цената на електричната енергија. Мегават час е 115 евра – 10 отсто поскап од пред топлотниот бран. Иако Брисел тврди дека може без руски гас, има многу отворени прашања за снабдувањето што може повторно да ја разгори енергетската криза.
Рускиот гас и натаму пристигнува во Европа преку Украина, а Киев најавува дека нема да го продолжи договорот со „Гаспром“ кој истекува следната година. Унгарија и Словачка се против прекинот на испораките, а Германија и Австрија предупредуваат дека поради целосна суспензија ќе имаат проблеми со снабдувањето.
ЕУ без согласност за реформата на пазарот на електрична енергија
И снабдувањето со електрична енергија на балтичките држави, Естонија, Летонија и Литванија, и понатаму зависи од Русија. Одвојувањето од руската електрична мрежа се одложува веќе две години, бидејќи Естонија не може да обезбеди инфраструктура.
Во Брисел нема согласност за најавената реформа на заедничкиот пазар на електрична енергија, која бара ускладување со „зелениот договор“ на Унијата, интерконекции што ќе ги поврзуваат земјите членки, управување со побарувачката, складирање и реагирање во случај на нарушувања.
Комесарката за енергетика на Европската унија, Кадри Симсон, посочува дека предизвикот е веќе тука, па нема време да се чека уште една и пол година за нови иницијативи. „Во септември планираме да ги собереме сите заинтересирани страни од синџирот на снабдување, секторите за дистрибуција и пренос“, додава Симсонова.
Што се однесува до интерконекциите, министерката за еколошка транзиција на Шпанија, Тереза Рибера, оценува дека тоа е прашање што не може да се смета за билатерално, туку мора да се гледа како на европско прашање. „Ниту една држава членка не би требало да стави ограничување на потребата системот да биде безбеден за цела Европа“, забележува Рибера.
Пристигаат нови обврски, енергетската криза не помина
Во исто време пристигнуваат и нови обврски. Унијата мора да ја намали годишната потрошувачка на енергија за најмалку 11,7 отсто до крајот на деценијата.
Тоа значи дека секоја членка треба да заштеди 1,5 отсто од енергијата годишно, што не е лесно.
Експертите предупредуваат – енергетската криза не е завршена.