Компанијата „Google“ го претстави дизајнот на својот нов кампус во Калифорнија кој е дело на архитектонските фирми BIG и Heatherwick Studio. Во документот на 67 страници, кој е претставен на советот на градот Mountain View каде објектот треба да се гради, откриени се деталите на овој комплекс.
Се работи за структура чиј покрив наликува на шатор, а просториите во комплексот се поделени по павилјони, така што лабораториите, кафетериите и салите ќе се наоѓаат на приземје, а на катовите ќе бидат сместени канцелариите.
Ќе бидат вградени фотоволтаични соларни панели и прозорци кои овозможуваат продор на директната, индиректната и дифузната светлина. Остатокот од зградата ќе се гради со минималистичка палета материјали кои главно вклучуваат метал и стакло.
Тлоцртот е осмислен така што во аглите на комплексот се создаваат „надворешни соби“ со посебен амбиент – градини и долини. Низ зградата се протегаат зелени патеки. Плановите за изградба на овој комплекс првпат се споменати во 2015 година, но подоцна градските власти се одлучиле поголем дел од планираната површина за градба да ја доделат на сопствениците на LinkedIn. Затоа, „Google“ подоцна се определил за оваа резервна опција во Mountain View.