Белгиската организација за заштита на потрошувачите Test Anakoop спровела големо европско истражување на квалитетот на автомобилите, во кое учествувале повеќе од 60.000 сопственици на возила во Белгија, Франција, Шпанија и Португалија. Притоа е утврдено дека најголем процент од проблемите (17% од дефектите) се јавуваат на електричните и електронски склопови и функции, како што се акумулаторите, светлата, подигањето на прозорците и централните брави.
Нешто помал број автомобили (13% од случаите) мораат на сервис бидејќи кочниците веќе не функционираат оптимално. На трето место се дефекти кај бензинските и дизел мотори. Lexus се автомобилите кои имаат најмалку проблеми. Имено, само 5% од возачите на овие автомобили морале да одат на сервис во текот на гарантниот рок поради дефект.
Lexus исто така ја предводи и листата на најсигурни автомобили во претходните две изданија на истото истражување (2020 и 2018 година). Toyota и повеќето други јапонски брендови се исто така во врвот. Најдобро рангиран Европеец е Seat, додека на дното на табелата се три многу скапи брендови: Jaguar, Land Rover и Tesla. Моделите со мотори со внатрешно согорување кои имаат најмногу проблеми се по правило дизел автомобилите.