Иако е веќе познат по својата фасцинација со големи шарени балони, Charles Pétillon продолжува да ги користи како основа на уметничко дејствување. На Миланската недела на дизајнот се претстави со својата најнова инсталација наречена Connexions. Од посебна ткаенина направил десет поврзани балони, кои само со својата појава предизвикуваат реакција кај минувачите.
За уште повеќе да ја потенцира нивната естетика, уметникот за оваа прилика одлучил да ги фотографира на најнеочекувани места. Така, оваа инсталација може да се види во напуштен дел од градот, градилиште или на балконот на една станбена зграда.
На посетителите на Миланската недела на дизајн особено им се допадна видеото што ја раскажува приказната за овој проект, како и можноста за виртуелно поставување на инсталација на локација по ваш избор.