Големата награда за архитектура на Асоцијацијата на архитекти на Македонија за реализиран објект, годинава ја доби деловниот објект СЕКТРОН. Награденото дело е труд на проектантското биро СТУДИО 2000, а проектант е Јана Гугуловска Ѓорѓевиќ. Консултант на проектот е Биљана Филиповска.
Наградата ја врачи претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој е и покровител на оваа награда.
Во образложението на комисијата што ги разгледуваше пристигнатите проекти беше истакнато дека објектот СЕКТРОН, во услови на сложени просторни можности на локацијата, има успешно решение на поливалентноста на внатрешниот простор и со складната употреба на стакло и алуминиум се постигна комплетно обликување на објектот.
Признанија беа доделени и на објектите што беа влезени во потесниот избор за награда, а тоа се Станбено-деловниот објект БОНИМИ, Градскиот пазар за земјоделски и услужни дејности во Пробиштип и индивидуална станбена куќа – Р со локација во населба „Црниче“ во Скопје.